Отворени врати за различните во обединета Европа

РЦПЛИП – ПОРАКА, како партнер на организацијата “Училишно настојателство – Ресурсен центар Пазарџик” од Бугарија, во периодот од 2-ри до 10-ти Октомври 2008 година, реализираше меѓународна размена на искуства во рамките на проектот “Отворени врати за различните во обединета Европа”. Проектот беше поддржан од програмата “Младите во акција” на Европската комисија, насочен кон образовна и социјална интеграција на младите лица со попреченост од двете соседни земји.

Проектот овозможи група од 19 лица со интелектуална попреченост (корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА од Скопје, Охрид и Куманово), придружувани од 4 нивни врсници без попреченост (волонтери од Црвен крст на град Скопје) и нивните едукатори, да патуваат и престојуваат во Пазарџик и Варна, Република Бугарија, каде што имаа можност да се запознаат и другаруваат со иста таква група на лица со попреченост, волонтери и едукатори од Бугарија.

Програмата опфати работилници преку кои македонските и бугарските учесници се запознаа со европските вредности, работилници за претставување на културно наследство, изработка на ракотворби, приготвување и дегустирање на традиционални јадења, засадување на “дрва на пријателство”, посети на делфинариум и ергела на коњи, спортски активности, рекреативни активности покрај море, забави со музика, танцување.

Scroll to Top
Skip to content