Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски и претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски, на 10 јуни го пуштија во употреба вториот дневен центар на РЦПЛИП –ПОРАКА во Скопје за лица со интелектуална попреченост над 18 години.
Во присуство на голем број на членови, пријатели, соработници и поддржувачи на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, на 10 јуни Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, Чедомир Трајковски официјално го пуштија во употреба новиот дневен центар за лица со интелектуална попреченост во Скопје. Новиот дневен центар е лоциран во населбата Капиштец (меѓу Агенцијата за вработување и Центарот за ортотика и протетика „Славеј“).
Дневниот центар е резултат на иницијативата на Рeпубличкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, која се реализираше во партнерството меѓу РЦПЛИП – ПОРАКА, Министерството за труд и социјална политика и Град Скопје.
Министерот Спасов информираше дека помогнале со обезбедување на објектот и реновирање се до ставање во функција.
-Овој проект го реализиравме во соработка со Градот и со РЦПЛИП – ПОРАКА, која е национална организација која ги застапува интересите на лицата со интелектуална попреченост. Министерството помогна во обезбедувањето на објектот и со целосно реновирање. Овој дневен центар ќе биде одлична поддршка на родителите на овие лица, одлична форма за нивна вон-институционална заштита и згрижување. Нивниот ден ќе биде исполнет со значајни содржини и програма која ќе помогне да ги унапредуваат своите вештини и подобро да се снаоѓаат во секојдневието – изјави Спасов.
Како министерство годинава имаме повеќе активности во отворање на нови дневни центри и за децата со попреченост во Македонија. Очекуваме во наредниот период да се отворат дневни центри за деца во Битола, Велес, Штип, Кочани, Валандово, Липково и во Охрид. Ќе продолжиме со низа активности за зголемување, унапредување и проширување на мрежата на дневни центри и за деца и за возрасни лица со пречки , со поголема финансиска поддршка на родителите, како и со збогатување на содржината за работа во самите центри – најави министерот.
Градоначалникот Трајановски појасни дека ова е втор дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години во Скопје. Според него, на лицата ќе им се овозможи тука да го минуваат денот, да имаат поединечни и групни проекти и работа со родителите. Градоначалникот Трајановски рече дека ваквите дневни центри им овозможуваат на овие лица исполнето да го поминуваат денот, а ќе им помогне да се социјализираат. Тој додаде дека ваквиот начин на згрижување на лица со интелектуална попреченост се покажа многу поуспешен и дава добри резултати. Токму затоа смета дека е потребно да се отвораат ваков тип на сервисни служби.
Чедомир Трајковски, претседател на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА соопшти дека идејата за овој центар е од пред две и пол години кога, како што рече, заеднички оценивме дека Дневниот центар во Аеродром не ги задоволува потребите на градот и оти има потреба за уште еден или повеќе дневни центри за вакви лица.
-Конечно успеавме заедно со министерството и Градот и со средствата што ги собраа Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија во висина од 11.000 евра, кога нивни вработени трчаа на ланскиот скопски маратон. Ширењето на мрежата на вакви сервисни служби е приоритет на РЦПЛИП – ПОРАКА – изјави Трајковски.
Д-р. Василка Димоска, програмски менаџер во Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА појасни дека во дневниот центар ќе се применува континуираната и унифицирана програма за работа на РЦПЛИП – ПОРАКА.
-Ќе се врши индивидуална проценка на можностите на секој корисник, врз основа на која се изготвува индивидуална програма за работа. Преку различни креативни работилници се поттикнува развојот на потенцијалот на секој од корисниците, односно се развиваат нивните когнитивни, социјални и практични вештини – изјави Д-р. Димоска.
Опремувањето на Дневниот центар го помогнаа Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија преку донација од 11 илјади евра, обезбедени за време на Скопскиот маратон 2014. Скопскиот Wizz Air маратон се одржа на 11 мај, 2014 година, а дваесет вработени во компании од Дојче Телеком од Македонија, Црна Гора и Унгарија трчаа со голема мотивација да ја завршат трката, зашто за секој истрчан километар на маратонците компанијата донираа по 1.500 денари за дневниот центар за лица со интелектуална попреченост. Средствата кои Македонски Телеком ги донираше се искористени за адаптирање, реновирање и опремување на новата социјална сервисна служба.