Партнерства во рамките на програмата “Активни граѓани” Завршни активности во рамките на проектот “ПОРАКА: Отворете ги прозорците кон општина без дискриминација”

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, Здружението “Отворете ги прозорците” и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Општина Карпош одржаа уште една активност во рамките на програмата Активни граѓани во просториите на Кинотека на Македонија.

На настанот беа претставени активностите кои ги спроведоа учениците од четирите основни училишта кои беа опфатени со овој проект. Учениците од ООУ “Јан Амос Коменски” преку видео презентација ги претставија работилниците кои ги спроведоа заедно со корисниците на дневниот центар на ПОРАКА во Скопје. Мотото на двете работилници беше: “Разликите н# зближуваат”. ООУ “Петар Поп Арсов” прикажа снимено интервју со дете со Даунов синдром кое говори за случки од неговиот живот. Учениците од ООУ “Димо Хаџи Димов” со своите презентации ги пренесоа следните пораки: Отворени врати на училиштето и отворени срца за сите; Нашите срца се отворени, во Димо Хаџи Димов дискриминација нема. ООУ “Лазо Трповски” се претстави со песна која ја напишаа и компонираа ученици од ова училилиште. Песната носи наслов “Под ова сонце исти сме”.

Завршното заедничко дружење со учесниците во проектот “ПОРАКА: Отворете ги прозорците кон општина без дискриминација”, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, Здружението “Отворете ги прозорците” и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Општина Карпош го одржаа во просториите на Општина Карпош. Настанот започна со изведба на детската химна “Под ова сонце исти сме” напишана и компонирана од учениците од ООУ “Лазо Трповски”. Потоа следеше доделување на благодарници на четирите основни училишта кои учествуваа во проектот, потоа на Јована Тренчевска, советник во Министерството за труд и социјална политика, Кинотека на Македонија и СУГС “Никола Карев” кои дадоа своја поддршка во реализацијата на овој проект.

Активностите кои се спроведоа под мотото “ПОРАКА: Отворете ги прозорците кон општина без дискриминација” имаа за цел да ги запознаат учениците од четирите основни училишта со Законот за спречување и заштита од дискриминација и да се поттикнат младите да размислуваат и да делуваат во духот на активно граѓанство.

На 9-ти мај, Британскиот Совет во Македонија беше домаќин на завршна конференција во рамките на проектот “Јакнење на европските граѓани” на којашто се презентираа реализирани активности од десетина европски земји. На оваа конференција се презентираше и проектот “ПОРАКА: Отворете ги прозорците кон општина без дискриминација”, како успешно реализиран проект во Република Македонија.

Scroll to Top
Skip to content