Партнерства на РЦПЛИП - ПОРАКА во европски проекти

Одржани два информативни настани за мултипликација во рамките на европскиот проект „Рана инклузија преку взаемно учење”

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во изминатиот период продолжи со предвидените активности како една од партнерските организации во конзорциумот од 10 партнери во европскиот проект „Рана инклузија преку взаемно учење”, кој е поддржан од ERASMUS+ програмата на Европската унија. Проектот се фокусира на зголемено знаење и споделени методи за работа и инклузија на деца од предучилишна возраст кои имаат попреченост или се во ризик да стекнат попреченост, а има за цел да пренесе информации, конкретни методологии и процена на компетенции.

Во директна комуникација со конзорциумот предводен од австриската организација Sinn-Evaluation, тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА работеше на унапредувањето на алатките кои се овозможени со овој проект. Активностите се однесуваа на адаптација и средување на онлајн платформата www.early-inclusion.eu наменета за размена на искуства меѓу професионалците и се поставуваа позитивни искуства и практики од работата со лица со интелектуална попреченост. Поточно се работеше на унапредување на алатката „Пазар за методи на инклузија“ што претставува самоорганизирана методолошка онлајн размена на искуства. Исто така, беа преземени голем број активности од технички карактер, пред се за превод и адаптација на информативни материјали.

Во согласност со предвидените програмски цели и активности, на 26 април и на 5 мај 2017 година во хотел Карпош – Скопје, РЦПЛИП – ПОРАКА одржа два информативни настани за мултипликација, односно за претставување на онлајн платформата www.early-inclusion.eu и алатките за учење кои се разработени од проектните партнери. На двата настани учествуваа 45 воспитувачки од детските градинки кои функционираат во рамките на општините Карпош и Центар, како и претставници и одговорни лица од двете општини.

Со процесот на инклузија, во детските градинки се вклучуваат деца со попреченост без да се направат неопходните подготовки и едуцирање на кадарот, што во голем број на случаи доведува до контрапродуктивни ефекти поради неможноста на кадарот во градинките да се справат со предизвиците кои инклузијата ги носи со себе. Од тие причини, проектните активностите беа насочени токму кон воспитувачкиот кадар од детските градинки, со цел да се понудат информации, протоколи и информативни пакети за различни дијагнози и состојби, како и конкретни методи за работа и вклучување на децата со попреченост во секојдневните активности во групите и градинките.

На наше големо задоволство, учесниците на настаните отворија дискусија за многу важни и суштински прашања, а понудените информации и методи преку онлајн платформата ги оценија како корисни и употребливи во нивната работа. Двата настани завршија со договор за понатамошна директна комуникација, соработка и консултации во насока на подобрување на инклузијата на деца со попреченост во воспитно-образовниот процес.

Scroll to Top
Skip to content