Партнерства на РЦПЛИП - ПОРАКА во европски проекти

Завршна конференција на проектот „Кон европски вредности: лицата со попреченост како еднакви граѓани“

„Кон европски вредности – лицата со попреченост како рамноправни граѓани” е европски проект во кој како партнер – организација учествува Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Водечкиот партнер е Асоцијацијата за промовирање на инклузијата (АПИ) – Србија, која заедно со организации од 7 земји, меѓу кои и РЦПЛИП – ПОРАКА, го реализираат во период од една година, со финансиска поддршка од Европската унија преку програмата Европа за граѓаните.

Целта на проектот е да се придонесе за целосна интеграција и граѓанско учество на лицата со попреченост, во согласност со европските вредности и начела. Специфичната цел е да се развие модел за сеопфатно зајакнување на лицата со попреченост, со особен фокус на лицата со интелектуална попреченост, за да можат да преземат активна улога во создавањето на инклузивно демократско општество и да влијаат на процесот на креирање на политики и донесување одлуки на национално и на европски ниво, а кои имаат влијание врз нивната добросостојба. Проектот црпи искуства и знаења од областа на инклузијата и граѓанското зајакнување на лицата со попреченост ширум земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство, со цел јакнење на демократското учество на сите граѓани вклучително и оние кои се на маргините на општеството. Поточно, проектот отвори простор за разгледување на клучните услуги и алатки за изедначување на можностите за најмаргинализираните групи на општеството да учествуваат во процесите на креирањето на јавите политики, имплементацијата, мониторингот и евалуацијата, на рамноправна основа со останатите граѓани. Всушност, проектот е фокусиран на организирање на едукативни работилници, дебати и дијалози за и меѓу лицата со попреченост во седум земји (Србија, Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина), вклучувајќи обезбедувачи на сервисни служби и здруженија на самозастапници т.е. лица со попреченост, во врска со прашања околу самозастапување, волонтирање, интеграција во вработувањето и социјалното претприемништво. Сите тематски области се разработувани низ размена на примери на добра практика од сите земји учеснички, истражувајќи ги потребните предуслови и можни патишта за да се користат добрите практики од сите партнерски земји.

На 8-ми Јули 2016 година во Нови Сад – Србија , Асоцијацијата за промовирање на инклузијата (АПИ) – Србија во соработка со Училиштето за основно и средно образование на деца со попреченост „Милан Петровиќ“ – Нови Сад ја организираше завршната конференција на проектот. На конференцијата учествуваа 100-тина учесници од Србија, како и претставници на партнерските организациите во проектот.

Како претставници на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, на завршната конференција учествуваа Владо Крстовски – програмски асистент во РЦПЛИП – ПОРАКА, Виктор Боризовски – дефектолог во дневниот центар – ПОАКА Скопје и Никола Огненовски и Бенјамин Беќир – корисници во дневните центри – ПОРАКА Скопје.
Конференцијата започна со поздравни обраќања и воведни излагања од страна на домаќините: Славица Марковиќ – директорка на Училиштето за основно и средно образование на деца со попреченост „Милан Петровиќ“ – Нови Сад, Александар Петровиќ – Помошник Градоначалник на Нови Сад и д-р Драгомир Лукиќ, проектен менаџер и претседател на АПИ – Србија.

Во продолжение, претставниците на партнерските организации во проектот ги презентираат своите извештаи за учество во проектот, односно сите активности кои биле преземени по одржаните обуки, научените лекции, стекнатите знаења и искуства.
Владо Крстовски го презентираше учеството на РЦПЛИП – ПОРАКА и главните придобивки од проектот, фокусирајќи се на следните области:
1. Самозастапување, како недоволно развиен концепт во Македонија и поврзаноста со реформата на постапките за ограничување на деловната способност на лица со интелектуална попреченост
2. Социјално претприемништво, како исклучително значајна новина која би требало да придонесе за подобра одржливост на сервисните служби за лица со попреченост
3. Работно ангажирање, како процес на поголемо осамостојување на лицата со попреченост и
4. Здружување и вмрежување во формалните европски мрежи во областа на попреченост, истакнувајќи ја улогата на ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост.

Scroll to Top
Skip to content