Партнерства на РЦПЛИП - ПОРАКА во европски проекти

Кон европски вредности – лицата со попреченост како еднакви граѓани

Во периодот од 18-ти до 20-ти март 2016 во Белград – Србија, беше одржана четвртата работилница во рамките на проектот „Кон европски вредности – лицата со попреченост како еднакви граѓани” во кој учествува Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА како партнер организација.

Реализацијата на четвртата проектна активност на тема „Врсничка поддршка и имплементација на сервисни служби” во рамките на проектот „Кон европски вредности – лицата со попреченост како еднакви граѓани”, беше организирана во периодот од 18-ти до 20-ти март 2016 во Белград, Србија. На обуката присуствуваа стручни работници и корисници на сервисни служби, лица со попреченост. Покрај АПИ Србија, како носител на проектот на обуката присуствуваа и претставници од сите проектни партнери т.е. вкупно 40 учесници. Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА учествуваше со четворица претставници, два едукатори од дневните центри – ПОРАКА Скопје и двајца корисници на дневните центри.

Целта на обуката беше запознавање и зајакнување на учесниците во развивање и имплементација на сервисни служби за врсничка поддршка како иновативен пристап во рамките на кој лицата со попреченост преку стекнување на потребните вештини и знаења се охрабруваат за пружање на поддршка на своите врсници и постари лица во локалната заедница.

Тридневната обука од областа на врсничка поддршка и имплементација на сервисни служби се одржа во соработка со АПИ Србија и Републичкиот завод за социјална заштита на Србија, а ги содржеше следните теми:
• Одржливи социјални сервисни служби во местото на живеење,
• Потреби и ресурси,
• Квалитет на социјалните сервисни служби,
• Раководење со локалните социјални сервисни служби,
• Планирањето како развојна компонента на социјалните сервисни служби,
• Развој на персонал – унапредување на компетенциите кај обезбедувачите на сервисни служби како предуслов за квалитетот на услугите
• Следење и евалуација на сервисните служби
• Значењето на услугата врсничка поддршка за живеење во заедницата,
• Од првиот контакт до активна поддршка – фази во пружањето услуги
• Лицата со попреченост како членови на сервисот за поддршка, и
• Предизвици во работата и нивно надминување.

Целокупната работа беше организирана по принципот на презентации, размена на практични искуства и работилници насочени особено кон корисниците во согласност со темата. Корисниците на сервисните служби работеа во свои работилници каде споделуваат искуства потпомогнати од обучени асистенти. Во текот на работилниците тие имаа можност и да се запознаат со искуствата на лица споделени од корисници на услугата за живеење со поддршка кои се активни во полето на обезбедување врсничка поддршка.

Корисниците на сервисните служби, исто така, имаа можност да ги погледнат туристичките знаменитости на Белград, да ја посетат Зоолошката градина, да се дружат со другите корисници и да уживаат во звуците на гитара на забавата организирана во една од станбените заедници на АПИ Србија со ново стекнатите пријатели. Целта на ова дружење беше да се запознаат корисниците како и на кој начин лицата со попреченост живеат во станбени единици со поддршка од стручни работници.

Во рамки на презентациите за едукаторите особено внимание се обрна на одржливоста на креираните сервисни служби за врсничка поддршка и согледувањето на вложените ресурси како што се способност, капацитет, ефикасност, флексибилност и планирање. Воедно се потенцираше и квалитетот кој треба да го имаат овие сервиси, а се однесуваат на минималните поставени стандарди за квалитет, лиценцирање на сервисните служби и континуирано финансирање. Динамиката на сервисните служби за врсничка поддршка пред се зависи од идентификацијата на корисници и од потребите за поддршка (поддршка за усвојување на вештини за самостоен живот, поддршка за вклучување во активности на локалната заедница и секако поддршка на членовите на семејството). Една од клучните цели во ваков вид на сервисна служба е вклучувањето на лица со попреченост како активни даватели на поддршка, мотивација, посветеност и развивање на самопочит при пружање на поддршка на други лица со попреченост.

Scroll to Top
Skip to content