Театар Пи во изминатиот период реализираше мултимедијална кампања под мотото „Мене ништо не ми пречи“ во соработка со РЦПЛИП – ПОРАКА и неговите сервисни служби во Скопје. Кампањата наменета за подигнување на јавната свест за лицата со попреченост содржеше низа различни активности, меѓу кои работилници за фотографија, музички работилници, како и театарски работилници за подготовка на театарски перформанс.
Театарската претстава „Ништо не е страшно“ е последниот дел од кампањата што се реализираше на крајот на изминатата година Режисерите на претставата Златко Митрески и Македонска Илиевска реализираа низа театарски работилници со корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, а паралелно спроведуваа работилници и со ученици од ООУ „Јоаким Крчовски“ и ООУ „Страшо Пинџур“ кои заеднички ја изведоа актерската игра. Премиерата на претставата беше на 30-ти ноември 2021 година во Домот на културата во Општина Ѓорче Петров.
На покана на организаторите, на 24-ти мај 2022 година, претставата учествуваше на театарскиот фестивал Драмски аматерски фестивал – ДАФ Кочани 2022.
Тричленото жири на 59-тото издание на ДАФ во состав: Владимир Тулиев, Марина Поп Панкова и Дритон Вејсели првата и Гран При награда „Васил Ќортошев“, како и втора награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во театарот ги доделија на претставата „Ништо не е страшно“.
„Наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, како и гран прито „Васил Ќортошев“ се доделува за изведбата на драмскиот текст „Ништо не е страшно“ затоа што оваа претстава нè изненади, нè заинтересира и сите нè остави без здив. Таа понуди нови сценски решенија и експерименти што беа лесно приемчиви, а белегот којшто таа ни го остави е длабоко втиснат во сите нас“, истакна актерот Владимир Тулиев, претседател на жири комисијата на ДАФ.