ПРАВАТА ДА СТАНАТ РЕАЛНОСТ – 100 ДЕНА ЗА РАТИФИКАЦИЈА РЦПЛИП – ПОРАКА доби предизборни заложби од политичките партии

Идентификувајќи ја тешката состојба на лицата со попреченост и нивните семејства, Генералното собрание на Обединетите нации на 13 декември 2006 година ја усвои Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и нејзиниот Опционен протокол. На 30 март 2007 година, беше отворен процесот за потпишување и истиот ден оваа Конвенција ја потпишаа 82 земји членки на ОН, меѓу кои и нашата држава.

Оттогаш поминаа четири години, а Република Македонија се уште не покажала иницијативи во однос на ратификација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Всушност, нашата држава е меѓу последните земји во регионот кои не ја ратифи-кувале Конвенцијата. Притоа, важно е да се забележи дека Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е ратификувана и има сила на закон во сите 27 земји-членки на Европската унија.

За таа цел Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, во соработка со Националниот демократски институт за меѓународни односи (НДИ), спроведе иницијатива со која директно се обрати до сите политички субјекти во Република Македонија. Иницијативата под мотото “Правата да станат реалност – 100 дена за ратификација” се однесува на потребата од ратификување на Конвенција на ОН за правата на лицата со попреченост од страна на Република Македонија. Имајќи во предвид дека во Македонија се подготвуваат предвремени парламентарни избори, во соработка со маркетинг агенцијата Генессис се подготви Картичка за заложба, која што беше доставена до 10 политички партии. Со Картичката за заложба се побара од политичките партии да се заложат дека ратификувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост ќе биде на политичката агенда во првите 100 дена од конституирање на новата извршна власт.

Иницијативата “Правата да станат реалност – 100 дена за ратификација” започна на 27.04.2011 година со прес конференција и траеше до 13.05.2011 година. Во тој период беше организирано и медиумско информирање за актуелната состојба на лицата со попреченост и нивните семејства во Република Македонија и за потребата од унапредување на нивните основни права и слободи. Поголемиот дел од политичките партии покажаа интерес во однос на иницијативата “Правата да станат реалност – 100 дена за ратификација” и ја потпишаа Картичката за заложба, со што се обврзаа дека претставниците од нивните политички партии кои ќе бидат во новиот парламентарен состав ќе се заложат за ратификување на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во Собранието на Република Македонија.

Со цел да не се етикетира политички, медиумскиот дел од иницијативата “Правата да станат реалност – 100 дена за ратификација” заврши пред официјалниот старт на изборната кампања на политичките партии, односно на 13.05.2011 год. Крајот, повторно беше означен со прес конференција на која РЦПЛИП – ПОРАКА ја информираше јавноста кои партии ја потпишаа иницијативата. Но, нашата заложба и активности продолжуваат и понатаму се додека не се ратификува оваа Конвенција во Република Македонија.

Зошто ратификацијата на Конвенцијата е важна за нас? Конвенцијата го потенцира менувањето на парадигмата во односот, пристапот и прифаќањето на лицата со попреченост, од објект на милосрдие, медицински третман и социјална заштита кон нивно прифаќање како рамноправни граѓани со права, потреби и можности да придонесуваат во општеството. Со ратификација на Конвенцијата, државата ја потврдува социјално развојната определеност во креирањето на политиката и градење на демократско општество со еднакви права и можности за своите граѓани. Мора да се напомене дека со Конвенцијата не се воведуваат или креираат нови права. Конвенцијата всушност го појаснува начинот и механизмот на спроведување на веќе постоечките права земајќи ја предвид спецификата на попреченоста.

Scroll to Top
Skip to content