Пораки за солидарност, недискриминација и почит кон лицата со попреченост денес беа прикачени на дрвцето што во дворот на Основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола го засадија Јулијана Трајчевска, претседател на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Битола, градоначалничката Наташа Петровска и директорката на училиштето Љубица Стерјева. Поводот беше одбележување на 21 март –Светскиот ден на Даунов синдром. Во дворот на училиштето со почитување на протоколите за заштита од КОВИД-19 беше организирана манифестација под менторство на наставничката Весна Гагаловска во која децата пееја, цртаа и пишуваа пораки за почитување на различностите. Ова беше само една од активностите што ќе следуваат во рамки на проектот „Свет за сите –зашто љубовта не познава пречки“ на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, а финансиски поддржан од Општина Битола.
„Го одбележуваме 21 март – Светскиот ден на Даунов синдром за да изразиме поддршка до сите семејства, сакајќи да покажеме што е љубов и дека таа не подразбира пречки. Го најавувам проектот на нашето здружение со финансиска поддршка на Општина Битола, активностите ќе траат цела година. Концептот е да се направи краен производ сликовница-боенка за лица со попреченост. Целта е подигање на јавната свест почнувајќи од најмладата популација, па затоа ќе бидат вклучени деца со попреченост, нивни творби, деца од повеќе училишта во Битола. Сликовница-боенка зашто сакаме да ги срушиме бариерите, да ги намалиме предрасудите. Со мали чекори можеме да дојдеме до големи постигнувања“, рече Трајчевска.
Таа додаде дека лицата со Даунов синдром за разлика од порано, последните години се многу повеќе прифатени од средината. „Знаеме дека ако тие имаат поголема поддршка од семејствата, поголема здравствена грижа од заедницата, пријателите, можат да постигнат многу во секој сегмент од животот, можат да спортуваат, да пишуваат, да работат, да оформат семејство, да имаат и деца“, рече Трајчевска.
„Како училиште кое се бори за правата и желбите на децата, имаме должност да го заштитиме секое дете. Децата со Даунов синдром треба да ги негуваме, заштитиме, за да можат да се изборат за остварување на својата цел, а таа е да се слушне нивниот глас и нивното гласно и достоинствено право! Потребно е нивните гледишта да бидат слушнати и земени предвид, како и да се создадат услови за нивно учество во заедницата и придонес во изградба на општество во кое е обезбедено подеднакво уживање на човековите слободи и права, еднаков третман на различностите, со почитување и уважување на човековото достоинство. Унапредување, заштита и обезбедување, лицата со попреченост целосно и еднакво да ги уживаат човековите права и основните слободи, како и да го промовираат почитувањето на нивното достоинство, кое впрочем е и основна цел на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, ратификувана од страна на нашата држава на 5 декември 2011 година“, рече Љубица Стерјева, директорка на ООУ „Тодор Ангелевски“ од Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска рече дека кога децата ќе ги вклучите од најрани години да размислуваат дека сите сме еднакви и сите имаме еднaкави права навистина ќе изградиме вредности со кои ќе направиме да имаме позитивни поместувања во нашето општество и во човештвото воопшто.
„Со вакви настани покажуваме сите заедно дека сме еднакви, исти и дека само така можеме да градиме општество во кое љубовта ќе покаже дека има бескрајност. Општина Битола кога ја составуваше програмата за социјална заштита во рамките на собирањето на идеите ги зеде во предвид сите предлози кои ги имаа невладините организации, здруженијата и овој настан денес е резултат на потребите кои беа согледани тогаш и затоа имплементацијата и поддршката е видлива без никакви пречки“, рече Петровска.
На настанот имаше разни изработки од лица со попречености, како и други битолчани кои се борат со одредени болести, но и понатаму творат. Децата ја пееја песната „Сите сме исти“, на балоните испишаа пораки дека ги сакаат другарчињата со Даунов синдром, а нацртаа и како заедно играат. На градоначалничката Петровска ѝ беше подарена изработка од неуморната и талентирана битолчанка Анета Бошевска.