Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Програмски активности на РЦПЛИП – ПОРАКА во 2024 година

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост  – ПОРАКА во 2024 година ќе продолжи со реализација на активностите кои произлегуваат од поставените цели и принципи на делување.

Програмските активности на РЦПЛИП – ПОРАКА се базираат и се во насока на процесот на имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како исклучително значаен документ кој има правно-обврзувачки карактер за државите кои го имаат ратификувано. Референтен документ кој РЦПЛИП – ПОРАКА ќе го користи во своето делување ќе бидат Заклучните согледувања за имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, кој Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост го упати кон Република Северна Македонија за време на септемвриската сесија на Комитетот во 2018 година. РЦПЛИП – ПОРАКА имаше и ќе има значајна улога во сите процеси кои се однесуваат на Конвенцијата.

Во таа насока, РЦПЛИП – ПОРАКА и во 2024 година продолжува со редовните активности за застапување на правата на лицата со интелектуална попреченост и унапредување на законската рамка во областите на социјална заштита, образование, здравствена заштита и здравствено осигурување, вработување, наметнувајќи ги усвоените приоритети на своето членство како неопходни промени за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост. Како основен инструмент за лобирање и застапување ќе се користи Извештајот на РЦПЛИП – ПОРАКА за напредокот во имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во изминатата деценија од нејзината ратификација, насловен „10 години потоа“.

Една од основните активности на РЦПЛИП – ПОРАКА е одржување, развивање и унапредување на работата во социјалните сервисни служби во местото на живеење. Активностите во оваа област се насочени во два правци: кон одржување на континуитет во работата на оформените социјални сервисни служби (дневни центри и социјални клубови) за лица со интелектуална попреченост и кон создавање на услови за промовирање на други видови на сервисни служби, особено мали групни домови и служби за организирано живеење со поддршка на лица со интелектуална попреченост кои ќе ги напуштаат резиденцијалните институции како резултат на процесот на деинституционализација. Во текот на 2024 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со иницирање пред локалните самоуправи, со цел активно да учествуваат во процесот на одржливоста и отворањето на нови сервисни служби во своите општини, согласно Законот за локална самоуправа. Воедно, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи и со иницијативата за оформување на систем од сервисни служби за интервенција во раното детство. Ставот на РЦПЛИП – ПОРАКА е дека е неопходно воспоставување на позитивен модел на поддршка на семејствата кои имаат деца со интелектуална попреченост. Постоењето на вакви сервисни служби во кои родителите и децата ќе добијат директна психо-социјална поддршка во најрана детска возраст е основа за понатамошна работа за развивање на потенцијалот на децата со интелектуална попреченост и нивна инклузија во редовниот систем од рана детска возраст.   

 Во текот на 2024 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со иницијативата за подобрување на условите за лиценцирање на здруженијата кои обезбедуваат дневни услуги. РЦПЛИП – ПОРАКА предлага да се спроведе ревизија на правилникот со вклучување на здруженија кои имаат искуство во давањето на дневни услуги, со цел истиот да овозможи:

–    Минимум реално остварливи стандарди кои ќе бидат неопходни да се исполнат од страна на секое здружение.

–    Поголема флексибилност на критериумите и можност за диференцијација според целни групи, особено кога станува збор за дневни центри за различни групи на лица со попреченост, бидејќи не е соодветно истите стандарди да важат за различни групи.

–    Поголема насоченост кон квалитетот на процесот на давање на услугата, согласно современите рамки за квалитет на социјални услуги, преку воведување на одредби кои ќе го регулираат индивидуалниот пристап и личното планирање, употреба на современи методи и техники за работа, како и вклучувањето на корисниците во процесот на планирање и давање на услугата. 

 Унапредувањето на законските можности за остварување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост е редовна и континуирана активност на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во 2024 година особено внимание ќе се посвети на процесот на имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како исклучително значаен документ кој има правно-обврзувачки карактер за државите кои го ратификувале. Истовремено, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи да го користи извештајот за напредокот во имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост „10 години потоа“ како инструмент за лобирање пред институциите кои се одговорни за остварување и унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост. Во 2024 година, РЦПЛИП – ПОРАКА активно ќе придонесува за имплементација на новата Национална стратегија за права на лицата со попреченост 2023 – 2030. Во процесот на подготовка на стратегијата, РЦПЛИП – ПОРАКА се залагаше за сериозни решенија преку конкретни, остварливи мерки и активности, базирани на реални согледувања на потребите, кои ќе бидат дизајнирани во соработка со организациите на лицата со попреченост.  РЦПЛИП – ПОРАКА како членка на ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, е директно вклучена во донесувањето и спроведувањето на низа важни акти на ниво на Европа, како што е Европска стратегија за лица со попреченост 2021 – 2030, која води кон целосно учество на лицата со попреченост во општеството. РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи да ги пренесува европските трендови и иницијативи во нашата држава и ќе придонесува за актуелизирање на потребата од ефективно прифаќање и имплементација на европски документи и развојни програми.

Во текот на 2024 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи да имплементира активности поврзани со подигнување на јавната свест во однос на потребите и правата на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Овие активности претставуваат програмско продолжение на досегашните кампањи на РЦПЛИП – ПОРАКА, а ќе бидат насочени кон истакнување на потребата од ефективно имплементирање на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, и промовирање на правото на достоинствен живот во заедницата за лицата со интелектуална попреченост преку соодветни сервисни служби.

 Заради поефективно остварување на програмските задачи на локалните организации, дел од редовните активности на РЦПЛИП – ПОРАКА се и координација и стручно-методолошка поддршка на локалните организации за реализација на значајни активности на локално ниво. РЦПЛИП – ПОРАКА, во договор со локалните организации, ќе пружи директна поддршка во реализацијата на јавни настани на локално ниво и состаноци со локални и власти и институции. Зајакнувањето на капацитетот ќе се изведува и преку организирање на работилници за SWOT анализа и стратешко планирање за унапредување на работењето на локалните организации и на сервисните служби. Исто така, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе организира и ќе овозможи таргетирано учество на обуки за претставници на локалните организации, во зависност од потребите на локално ниво.

Препознатливоста на РЦПЛИП – ПОРАКА како лидер во областа на права за лица со интелектуална попреченост континуирано резултира со нови партнерства и заеднички активности со организации и институции чии програмски активности имаат допирни точки со оние на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во 2024 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со соработката воспоставена на меѓународно ниво со ЕАСПД и други асоцијации и ќе учествува во заеднички иницијативи, активности и проекти кои произлегуваат од членството во овие организации. РЦПЛИП – ПОРАКА, исто така, ќе продолжи со спроведувањето на активностите во рамките на партнерските проекти кои се реализираат на европско ниво.

Исто така, издавачката и информативната дејност, која е редовна активност на РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи да се спроведува во 2024 година.

Програмата за работа на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА за 2024 година е отворена и може да се надополнува во текот на нејзината имплементација. 

Scroll to Top
Skip to content