Промоција на документарен филм “Дневни центри на РЦПЛИП-ПОРАКА”

Во рамките на својата програма за одбележување на 3-ти Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА го промовираше документарниот филм “Дневни центри на Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА”, во кој се прикажуваат резултатите од работата на дневните центри за адолесценти/возрасни лица со интелектуална попреченост, кои се воспоставени во шест градови во Република Македонија.

Документарниот филм е дел од промотивниот материјал на националната кампања за промоција на еднаквост на лицата со интелектуална попреченост, која РЦПЛИП – ПОРАКА ја реализира во рамките на 2007 – Европска година на еднакви можности за сите, под мотото: “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”, а со поддршка од Министерството за труд и социјална политика.

Цел на документарниот филм е да ја покаже оправданоста од постоењето на дневните центри и потребата од понатамошно ширење на оваа мрежа и со други видови на сервисни служби наменети за лицата со интелектуална попреченост. Документарниот филм ќе послужи за информирање на јавноста и на релевантните субјекти во државата за позитивните ефекти од функционирањето на овие дневни центри и придобивките од овие служби за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.

Промоцијата на документарниот филм беше одржана на 3-ти Декември 2007 година во Клубот на пратеници во Скопје, а на истата учествуваа 80 претставници на релевантни институции, градоначалници, соработници и членови на РЦПЛИП – ПОРАКА. Промоцијата ја водеше Чедомир Трајковски – Претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА, а свои излагања имаа д-р Василка Димоска – Програм менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА и Слободанка Лазова – Здравковска – раководител на Одделението за заштита и згрижување на лица со пречки во развојот при Министерството за труд и социјална политика.

Изработката на документарниот филм е финансиски поддржана од Македонски институт за медиуми преку Грантовите за промовирање резултати, кои се дел од Проектот за зајакнување на граѓанското општество, финансиран од УСАИД, а имплементиран од партнерски конзорциум предводен од ИТЗ.

Македонската радио и телевизија е медиумски покровител за документарниот филм, телевизија АЛСАТ обезбеди титлување на филмот на албански јазик, а со повеќе национални и локални медуими е остварен контакт со барање за емитување документарниот филм.

На промоцијата на документарниот филм, по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА додели плакета на Фондацијата Институт Отворено Општество – Македонија за долгогодишната поддршка во развојот на мрежата на дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА. Благодарници за 2007 година беа доделени на Министерството за труд и социјална политика, на Македонскиот институт за медиуми и на локалните самоуправи кои го поддржуваат функционирањето на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА.

Scroll to Top
Skip to content