Работилница на тема “Заштита од дискриминација за лица со интелектуална попреченост”

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во своето 50-годишно делување, како постојана програмска активност ја има и стручно-методолошката поддршка за своите локални организации. Токму во координација со своето членство во текот на изминатиот период РЦПЛИП – ПОРАКА увиде дека лицата со интелектуална попреченост и нивните родители се недоволно запознаени со можностите за заштита од дискриминација кои постојат во Република Македонија и дека постои недоверба во институциите кога станува збор за постапувањето и решавањето во однос на нивните права. Поради тоа, РЦПЛИП – ПОРАКА утврди дека е потребно да се преземе акција за информирање на лицата со интелектуална попреченост и нивните родители за законската рамка за заштита од дискриминација и да се поттикнат да ги користат расположливите механизми.

За таа цел, а со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија, РЦПЛИП – ПОРАКА изготви и испечати прирачник „Заштита од дискриминација на лица со интелектуална попреченост“. Прирачникот е наменет да даде основни насоки и да послужи како водич низ законските можности за заштита од дискриминација.

Со цел да се презентира и дистрибуира подготвениот прирачник, да се истакнат можностите за заштита од дискриминација во Република Македонија и да се охрабрат и поттикнат членовите да пријавуваат дискриминација, РЦПЛИП – ПОРАКА организираше еднодневна работилница за претставници од локалните организации.

Работилницата се одржа на 16 јануари 2014 година во хотел Континентал – Скопје, а учествуваа 40-тина претставници од сите локални организации на РЦПЛИП – ПОРАКА, како и претставници на организации членки на мрежата за заштита од дискриминација.

Работилницата ја водеше тимот на извршната канцеларија на РЦПЛИП – ПОРАКА.
Др. Василка Димоска даде преглед на законската рамка за заштита од дискриминација во нашата држава и ја ги запозна учесниците со мрежата за заштита од дискриминација и членството на РЦПЛИП – ПОРАКА во оваа мрежа. Владо Крстовски, пак, го презентираше прирачникот за заштита од дискриминација и подетално го објасни Законот за спречување и заштита од дискриминација. Потоа следеа презентации на членките од мрежата за заштита од дискриминација кои ги споделија своите искуства од активностите што ги преземале во рамките на нивните организации. Дел од работилницата беше и вежбата за пријавување на дискриминација и пополнување на претставка до Комисијата за заштита од дискриминација наменета за учесниците. Воедно, учесниците постојано се вклучуваа со прашања и примери на дискриминација од нивното работење и лично искуство. На крајот од работилницата, учесниците се согласија дека ќе се организираат и други работилници доколку се јави понатамошна потреба од подетално запознавање со новините во законската регулатива во Република Македонија.

Scroll to Top
Skip to content