Работни состаноци за стратешко планирање на развојот на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА

На почетокот на 2008 година, Извршниот одбор на РЦПЛИП – ПОРАКА донесе одлука во првото тромесечје на годината да се организираат и реализираат работни состаноци во секоја општина каде што функционира локална организација на РЦПЛИП – ПОРАКА. Целта на состаноците е да се разгледаат и одредат стратешките правци за делување на локално ниво (потреби, приоритети и активности) во периодот 2008 – 2010 година.

Една од континуираните активности на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА од нејзиното формирање е координација и пружање стручно-методолошка поддршка на локалните организации. Поддршката која ја обезбедува РЦПЛИП – ПОРАКА за локалните организации се однесува на унапредувањето на работата во локалните организации со поддршка на изнаоѓање можности за оформување и одржување на веќе постоечките сервисни служби и остварување на човековите права за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства на локално ниво. Ваквиот вид на поддршка се организира на барање на самите локални организации, или пак, кога РЦПЛИП – ПОРАКА ќе увиди дека има потреба од поддршка на некоја локална организација или за сите заедно, но и секогаш кога се јавуваат новини и трендови во методите за работа, како за сервисните служби, така и општо за невладините организации.

Токму во овој период повторно се согледа потреба од пружање стручно-методолошка поддршка на локалните организации со цел ефективно реализирање на нивните програмски активности, како и нивно зајакнување. За таа цел, тимот на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА реализираше поединечни работни состаноци во секоја локална организација. Досега се одржаа работни состаноци во шестнаесет локални организации. Целта на овие работни состаноци беше да се разгледаат стратешките правци за развој на локалните организации во периодот 2008 – 2010 година. Секој од одржаните состаноци имаше различен тек на дискусиите. Тоа беше така, бидејќи секоја локална организација, односно лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, се соочуваат со различни проблеми и наидуваат на различни потешкотии во остварувањето на нивните права. Истовремено, секоја општина е опкружена и има на располагање различни можности за решавање и надминување на проблемите и потешкотиите. Согласно на тоа, секоја локална организација поставуваше сопствени приоритети за кои потоа ќе се спроведуваат активности за нивно остварување.

Стратешкото планирање и стратешкото раководење претставуваат насока по која организацијата треба да се движи, но насока која е усогласена од сите носители на акции во таа организација. Поради тоа, учество на работните состаноци зедоа членовите на Собранието на секоја локална организација, вклучените лица во работата на организацијата, претставници на локалните власти и сите заинтересирани граѓани.

Воедно овие работни состаноци беа искористени за поставување и разрешување на голем број прашања кои произлегоа од статутарната поставеност на односите, правата и обврските на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА и на локалните организации, вклучувајќи ги и сервисните служби. Исто така, овие состаноци се искористија за одговори на родителите кои се интересираа за правата кои нивните деца ги имаат во рамките на социјалната и здравствената заштита, вработувањето и др.

Scroll to Top
Skip to content