Работни состаноци за стратешко планирање на развојот на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА

Една од континуираните програмски активности на РЦПЛИП – ПОРАКА од нејзиното формирање е координација и пружање стручно-методолошка поддршка на локалните организации. Ваквиот вид на поддршка се организира на барање на самите локални организации, или пак, кога РЦПЛИП – ПОРАКА ќе увиди дека има потреба од поддршка на некоја локална организација или за сите заедно, но и секогаш кога се јавуваат новини и трендови во методите за работа.
Токму во овој период повторно се согледа потреба од пружање стручно-методолошка поддршка на локалните организации во насока на интензивирање на стратешкото планирање на локалните организации. За таа цел, тимот на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во изминатитот период реализираше поединечни работни состаноци во секоја локална организација. На овие работни состаноци се разгледуваа преземените активности и постигнатите резултати на локалните организа-ции во изминатите години. Посебно внимание се обрна на планираните програмски активности за 2012 година и
на развојните можности во периодот 2012 – 2015 година.

Секој од одржаните состаноци имаше различен тек на дискусиите, бидејќи секоја локална организација се соочува со различни проблеми и потешкотии. Секоја општина има на располагање различни можности и ресурси за решавање и надминување состојбите. Согласно на тоа, секоја локална организација поставуваше сопствени приоритети за кои потоа ќе се спроведуваат активности за нивно остварување.

На работните состаноци учествуваа членовите на Собранието на секоја локална организација, вклучените лица во работата на организацијата и претставници на локалните власти и инситутции. Работните состаноци беа искористени за разрешување на прашања кои произлегуват од статутарната поставеност на односите, правата и обврските на РЦПЛИП – ПОРАКА и на локалните организации, вклучувајќи ги и сервисните служби. Исто така, овие состаноци се искористија за одговори на родителите кои се интересираа за правата од социјална заштита, образование, здравство, вработување и др.

Scroll to Top
Skip to content