Реализирана донацијата од настанот „Сите сити – Сите среќни“

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА постојано е отворен на нови соработки и реализација на различен вид на активности кои произлегуваат од воспоставените соработки.

Една од тие нововоспоставени соработки резултираше со организирање на настан Сите сити – Сите среќни. Имено, Маком Маја Хом и МДЈ Топ Шеф на 15.10.2015 година на Градскиот плоштад Македонија од 13:00 до 18:00 часот го организираа настанот Сите сити – Сите среќни. За време на настанот тим од четири готвачи, и тоа Марк Де Јонг (МДЈ Топ Шеф), Дејан Христовски (Мастер Шеф – 4 сезони), Никола Мишовски (Топ шеф – Камник) и Миле Неделковски (Главен Шеф) приготвуваа уникатни специјалитети зготвени во висококвалитетни италијански тави. На Шефовите асистенти им беа најдобрите ученици од СУГС „Лазар Танев“. Намената на настанот е да се информира јавноста за начинот на приготвување здрави јадења од врвни шефови. Гости на настанот беа лицата со интелектуална попреченост, корисници на дневниот центар – ПОРАКА Скопје кои добија и подароци од дел од спонзорите на целиот настан.

Концептот за хуманистичко општествена одговорност на настанот “Сите Сити – Сите Среќни” вклучи и наменско собирање на средства и донации за учество во финализирање на процесот на реновирање и опремување на новата социјална сервисна служба, Дневен центар за лица со интелектуална попреченост на РЦПЛИП ‐ ПОРАКА во Скопје – Капиштец. Со оваа донација, ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на живот на група лица со интелектуална попреченост, кои во новиот дневен центар ќе добијат директна поддршка и можност за поквалитетен живот. Новиот дневен центар ќе обезбеди: поддршка на дневна основа, обука за усвојување и усовршување на вештини за самостојно живеење, работно окупациони програми, образовни програми и социјални активности. Истовремено, дневниот центар ќе обезбеди поддршка на семејствата, преку опфаќање на нивните членови со интелектуална попреченост во еден период од денот, давајќи им подобри услови на семејствата за поуспешно семејно функционирање и можност за вработување на родителите, а со тоа зголемување на скромните семејни буџети.

Со убавата музика на Александра Јанева и групата Wipe Out, како и со членовите на модерното студио за балет „Газели“ се разубави расположението на присутните на овој настан.

Еднакво важно е што ваквиот пример придонесува за активирање на целата заедница и поттикнува развивање на општествените вредности: солидарноста, хуманоста, почит кон различностите, како и подигнување на јавната свест и намалување на предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост.

Наменското собирање на средства и донации за време на настанот „Сите сити – Сите среќни“ обезбеди 11.753 Денари. Со помош на овие средства се реализираше набавка на 3 душеци (подлоги) кои ќе се користат за спортско-рекреативни активности во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје – Капиштец.

Scroll to Top
Skip to content