Резолуција за милениумски цели Спроведување на Милениумските развојни цели за лица со попреченост кон 2015 година и понатаму

Состанок на високо ниво при Генералното собрание за попреченост и развој

Патот нанапред: инклузивно развојна агенда за попреченост кон 2015 и понатаму

Резолуција усвоена од Генералното собрание

Генералното собрание на Обединетите нации,

Повикувајќи се на Светската програма за акција во однос на лицата со попреченост, Стандардните правила за изедначување на можностите за лица со попреченост и Конвенцијата за правата на лица со попреченост, каде лицата со попреченост се признаени како промотори за развој и како корисници во сите аспекти на развојот.

Повикувајќи се и на своите претходни резолуции на меѓународно усогласени развојни цели, вклучително и Милениумските развојни цели, во кои се признава колективната одговорност на владите да се придржуваат кон принципите на човечкото достоинство, еднаквост и правичност на глобално ниво, и нагласувајќи ја обврската на државите членки да постигнат поголема правда и еднаквост за сите, особено за лицата со попреченост.

Потврдувајќи ги своите претходни резолуции, особено резолуцијата 64/131 од 18-ти декември 2009 година за прифаќање на Милениумските развојни цели за лица со попреченост и резолуцијата 63/150 од 18 декември 2008 година за реализирање на Милениумските развојни цели за лица со попреченост преку спроведување на Светската програма за акција во однос на лица со попреченост и Конвенцијата за правата на лица со попреченост.

Охрабрени од документот кој е исход од пленарниот состанок на високо ниво при Генералното собрание во однос на Милениумските развојни цели, а кој повикува на подобрени и конкретни напори за реализирање на Целите за сите, вклучително и за лицата со попреченост,

Сериозно загрижени дека лицата со попреченост се честопати предмет на повеќекратни или вознемирувачки облици на дискриминација, а се сеуште во голема мера невидливи во имплементацијата, следењето и евалуацијата на Милениумските развојни цели.

Потврдувајќи дека улогата на Конвенцијата за правата на лица со попреченост, која е и договор за човекови права и развојна алатка, е да се пружи можност за зајакнување на политиките поврзани со имплементацијата на Милениумските развојни цели, па оттаму и придонесување за реализација на “општество за сите” во дваесет и првиот век.
Потврдувајќи исто така дека Светската програма за акција и Стандардните правила ги зајакнуваат политиките поврзани со реализацијата на Милениумските развојни цели.

Бележејќи дека лицата со попреченост се приближно 15 проценти од светското население, од кои 80 проценти живеат во земјите во развој, и признавајќи ја важноста на меѓународната соработка и промоцијата во поддршка на националните напори, особено во земјите во развој.

Загрижени дека недостигот на податоци и информации за попреченост, и ситуацијата на лицата со попреченост на национално ниво придонесуваат за невидливост на лицата со попреченост во официјалните статистички податоци, што претставува пречка за постигнување на планираниот развој и имплементација кои се инклузивни за лицата со попреченост,

  1. Се заблагодарува за извештајот на Генералниот секретар со наслов: “Одржување на ветувањето: реализација на милениумските развојни цели за лицата со попреченост кон 2015 и понатаму” и на препораките содржани во него, и констатира дека извештајот содржи опции за надоградување на Светската програма за акција во однос на лицата со попреченост;
  2. Забележува дека Конвенцијата за правата на лица со попреченост ја нагласува важноста од меѓународната соработка за подобрување на животните услови за лицата со попреченост во секоја земја, особено во земјите во развој;
  3. Исто така забележува дека Конвенцијата за правата на лица со попреченост овозможува сеопфатно покривање на граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните права на лицата со попреченост;
  4. Го поздравува документот што произлезе од пленарниот состанок на високо ниво при Генералното собрание, со наслов “Одржување на ветувањето: обединети да ги оствариме Милениумските развојни цели” особено признанието дека политиките и акциите мора да се фокусираат и на лицата со попреченост за да можат да имаат и тие бенефит од напредокот кон постигнувањето на Милениумските развојни цели;
  5. Ги повикува државите потписнички, и ги поканува меѓународните и регионалните организации, регионалните организации за интеграција, финансиските институции, приватниот сектор и граѓанското општество, особено организациите кои ги застапуваат лицата со попреченост, да ја промовираат реализацијата на Милениумските развојни цели за лица со попреченост, меѓу другото, експлицитно вклучувајќи ги во редовните текови прашањата во областа од попреченоста и лицата со попреченост во националните планови и алатки кои се креирани да придонесуваат за целосната реализација на Целите;
  6. Го повикува системот на Обединетите нации да прави зголемени напори за интегрирање на прашањата од попреченост во својата работа, а со тоа да ја охрабрува и Интерагенциската група за поддршка на Конвенцијата за правата на лица со попреченост да продолжи со своето делување во насока на обезбедување да развојните програми, вклучително и политиките за Милениумските развојни цели, процеси и механизми се инклузивни и пристапни за лицата со попреченост;
  7. Ги охрабрува Државите потписнички да обезбедат нивната меѓународна соработка, вклучувајќи преку меѓународни програми за развој, да е инклузивна и пристапна за лицата со попреченост;
  8. Ги повикува Владите, телата и агенциите на Обединетите нации да ги вклучат прашањата од областа на попреченоста и правата на лицата со попреченост во прегледот на напредокот кон остварувањето на Милениумските развојни цели и да ги засилат напорите да го вклучат во нивната проценка степенот до кој лицата со попреченост се во можност да имаат бенефит од напорите за постигнување на целите;
  9. Ги повикува Владите да ги оспособуваат лицата со попреченостда учествуваат како промотори и корисници на развојот, особено во сите напори насочени кон постигнувањето на Милениумските развојни цели, преку осигурување дека програмите и политиките, особено за искоренување на екстремната сиромаштија и глад, постигнувањето на универзално основно образование, промоција на еднаквост на родовите и зајакнување на жените, намалување на детската смртност, подобрување на мајчиното здравје, борба со ХИВ/СИДА, маларија и други болести, обезбедување на срединска одржливост и развивање на глобално партнерство за развој, се инклузивни и пристапни за лицата со попреченост;
  10. Ја нагласува важноста од целосното учество и инклузија на лицата со попреченонст, вклучително и преку информации во пристапни формати на сите нивоа на креирање политики и развој, што е од клучно значење за информирање на креаторите на политики за ситуацијата на лицата со попреченост, бариерите со кои тие можат да се соочат и начините за надминување на препреките за целосно и еднакво уживање на нивните права, за постигнување на Милениумските развојни цели за сите, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, и за нивно социо-економски напредување;
  11. Ја охрабрува меѓународната соработка во имплементацијата на Милениумските развојни цели, вклучително и преку глобални партнерства за развој, кои се суштински за реализација на Целите за сите, а особено за лицата со попреченост;
  12. Ги охрабрува Владите да развиваат и да ја забрзуваат размената на информации, насоки, стандарди, најдобри практики, законодавни мерки и владини политики во однос на ситуацијата на лицата со попреченост и прашањата од областа на попреченоста, особено ако се поврзани со инклузија и пристапност;
  13. Ги повикува владите да го зајакнат собирањето и составувањето на национални податоци и информации за ситуацијата на лицата со попреченост следејќи ги постоечките насоки на статистика за попреченоста кои се распоредени според пол и возраст, а кои може да се користат од страна на владите за да го унапредат развојот на планирањето на политики, следењето, евалуацијата и имплементацијата со цел тие да станат осетливи на попреченоста, особено во реализацијата на Милениумските развојни цели за лица со попреченост, и ги поканува владите да обезбедат, каде е можно, релевантни податоци и статистики за соодветните механизми во рамките на системот на Обединети нации, вклучувајќи ја и комисијата за статистика;
  14. Бара од системот на Обединети нации да ја олеснат техничката поддршка, во рамките на постоечки ресурси, вклучително и обезбедувањето на помош за зајакнување и за собирање и составување на национални и регионални податоци и статистика за попреченоста, особено за земјите во развој, и во тој поглед бараат од генералниот секретар, а во согласност со постоечките насоки за статистика за попреченоста, да анализира, издаде и дистрибуира податоци и статистика за попреченоста во идните периодични извештаи, каде е соодветно, за реализација на Милениумските развојни цели за лицата со попреченост;
  15. Бара од Генералниот секретар:

(а) Да даде информации за имплементацијата на сегашната резолуција до Генералносто собрание на својата шеесет и шеста сесија, со став за свикување, во рамки на постоечките ресурси, состанок на високо ниво на шеесет и седмата сесија на Генералносто собрание за зајакнување на напорите со цел да се обезбеди пристапност за и инклузија на лицата со попречесност во сите аспекти на напорите за развој;
(б) Да обезбеди информации за најдобрите практики на меѓународно, регионално, суб-регионално и национално ниво за вклучување на лицата со попречебност во сите аспекти од напорите за развој.
(ц) За време на шеесет и седмата сесија да поднесе информации до генералното собрание за напредокот направен кон имплементација на програмите и политиките поврзани со лицата со попреченост во рамките на постоечките Милениумски развојни цели, како и на нивното влијание;
(д) Да продолжи да ја подобрува пристапноста и целосна инклузија на лицата со попреченост, во рамки на постоечките ресурси, преку, меѓу другото:

  • Пристапност на изградените средини, особено објектите во седиштето на Обединетите нации;
  • Пристапност на информации и сервисни служби, вклучувајќи поголема пристапност до официјалните документи на Обединети нации и конференции, преку употреба на алтернативни формати, како што е толкување на знаковиот говор, големи букви, Брајово писмо и лесно-читливи текстови;
  • Вработување на лицата со попреченост во системот на Обединети нации, агенции, фондови и програми како и во регионални канцеларии;

(е) Да се олесни меѓународната соработка во истражување и пристап до научни и технички сознанија, и каде е соодветно, да се олесни пристапот до и споделување на пристапни и асистивни технологии, меѓу другото, и преку трансфер на технологии.

Scroll to Top
Skip to content