Реновирана просторијата за креативни и спортски активности во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост

Во изминатите неколку месеци се спроведуваа активности за реновирање на третата дополнителна просторија во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје – Капиштец. Новата просторија е целосно реконструирана и уредена во работилница за креативни и спортски активности. Активностите се реализираа во соработка и со поддршка на организацијата “Dobredojde” – Macedonia Welcome Centre. Поточно, оваа организација на 6 јуни го реализираше петтиот меѓународен добротворен базар 2015 кој се организираше по повод меѓународниот ден за заштита на детето на кој почесен претседател беше амбасадорот на Република Италија во Република Македонија Н.Е. Ернесто Масимо Белели. Добротворниот базар беше поддржан и од Градоначалникот на Град Скопје, г-дин Коце Трајановски. Целокупните финансиски средства кои се собраа од овој базар се наменија за потребите од реновирање во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје – Капиштец.

На 22 октомври 2015 година се отвори реновираната работилница за спортски и креативни активности. Настанот го организираше организацијата “Dobredojde” – Macedonia Welcome Centre, а на него присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија, локални институции, претставници на РЦПЛИП – ПОРАКА, корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Скопје и други пријатели на лицата со интелектуална попреченост.

Просторијата во употреба ја пуштија Н.Е. г-дин Ернесто Масимо Белели, амбасадор на Република Италија во Република Македонија и градоначалникот на Град Скопје, г-дин Коце Трајановски. Организаторот, г-ѓа Емилија Миладинова-Аврамчева, претседател на “Dobredojde” Macedonia Welcome Centre истакна дека пораката која се пренесува денес е подигнување на свеста за лицата со интелектуална попреченост и да се инвестира во нивната едукација, бидејќи само така тие нема да бидат ранлива и маргинализирана група во општеството. Виктор Боризовски, ангажиран во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, во своето обраќање ја истакна соработката со Градот Скопје и со Министерството за труд и Социјална политика, како и со Македонски Телеком, кои заеднички работејќи го реновираа и опремија дневниот центар, сервисна служба која е навистина потребна за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.

Г-динот Ернесто Масимо Белели, пак во своето обраќање нагласи: „И покрај дождливото време, мислам дека денеска имаме сонце, бидејќи ја отвораме оваа просторија за лицата кои имаат потреба од вакво место. Би сакал да ја изразам благодарноста до сите земји кои придонесоа на базарот во јуни, и секако на градоначалникот Трајановски кој несебично ја даде својата поддршка. Но она што е најважно е да не го напуштиме Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во неговата понатамошна работа“.
Градоначалникот Коце Трајановски потенцирање дека Градот Скопје се грижи за лицата со посебни потреби и секоја година издвојува финансиски средства наменети за сервисни служби за нив. Тој додаде: „Градот Скопје и понатаму ќе продолжи со финансиската поддршка на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје за да се овозможат подобри услови во нивното работење и функционирање, како и за подобар и попријатен престој на корисниците“. Воедно тој му се заблагодари на амбасадорот Белели, како и на сите учесници во базарот кои покажаа хуманост на дело и на тој начин го овозможија уредувањето на спортско-креативната работилница во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје – Капиштец.

Scroll to Top
Skip to content