Соработка со НСИОМ и МИМ

Преку инклузивно новинарство до поголема вклученост на лицата со попреченост во заедницата

Новинари и претставници на граѓански организации членки на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, учествуваа на работилница за инклузивно новинарство и генерирање теми за видео стории поврзани со застапување на правата на лицата со попреченост.

РЦПЛИП – ПОРАКА, како членка на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ), активно се вклучи во работилницата со свои учесници. На работилницата која се одржа преку платформата ZOOM на 7 мај, учествуваа по еден претставник на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје, ЦПЛИП – ПОРАКА Штип и ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица.

Целта на работилницата беше да придонесе во унапредување на соработката меѓу новинарите и граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост, преку заедничка работа на видео стории кои ќе обработуваат различни теми поврзани со проблемите на лицата со попреченост. На работилницата свои излагања имаа Марина Тунева, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија и Даниела Драштата, уредничка во Хрватската радио телевизија. Tунева се осврна на сликата на лицата со попреченост во медиумите, на проблематичните аспекти во известувањето за нивните права и како преку инклузивно новинарство да се унапреди известувањето за овие категории граѓани. Гостинката од Хрватската радио телевизија низ примери од праксата посочи како треба да се конципира новинарското известување со цел да се поттикне поголема инклузија на лицата со попреченост.

Претставниците на граѓански организации членки на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија ги презентираа клучните проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост. Меѓу другото тие ги истакнаа проблемите со квалитетот на здравствена заштита во текот на пандемијата, ограничените можности за вклучување во заедницата, непочитувањето на правилата за пристапност при изградба на објекти и реновирање на јавни површини, недоволна асистенција за децата со попреченост во образованието, недостапност на асистивни уреди итн.

Новинарите кои што учествуваа на работилниците, во соработка со претставниците на граѓанските организации ќе ги обработат овие теми низ видео стории со цел да ја покренат свеста на јавноста за овие проблеми и да извршат притисок кон надлежните институции да преземат соодветни мерки.

Работилницата беше организирана во рамки на проектот „Партнерство, застапување и комуникација за ефикасна инклузија на лицата со попреченост“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и НСИОМ, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас.

Scroll to Top
Skip to content