Во септември 2016 година, во партнерство со канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, почна иновативен проект за воспоставување локални меѓусекторски тимови кои ќе постапуваат во случаи на деца жртви на насилство, со цел зајакнување на координираниот пристап кон заштита на децата.
За таа цел, во текот на 2017та беше подготвен пакет од алатки за обучувачи, а потоа се организираше и обука за обучувачи, по која 14 стручни лица од повеќе сектори (меѓу кои и центрите за социјална работа, образованието, здравството, полицијата, Јавното обвинителство и граѓанскиот сектор) добија сертификати за национални обучувачи, односно можат да обучуваат меѓусекторски тимови за постапување во случаи на деца жртви на насилство. Беше подготвен и протокол за постапување на меѓусекторски тимови, а се изработуваа и практични прирачници за стручни лица во образовниот и здравствениот систем, со цел подобрување на нивните вештини и знаења за препознавање насилство врз деца и препраќање на таквите случаи. Кон крајот на 2017 година беа формирани 4те пилот- локални мултисекторски тимови, во Скопје, Гостивар, Штип и Битола. Тимовите ги сочинуваат професионалци и стручни лица од локалните центри за социјална работа, полициските станици, Основното јавно обвинителство, гинеколози, педијатри, како и членови на Бирото за развој на образованието и претставници на граѓанските организации.
Во овие 4 локални меѓусекторски тимови има вкупно 65 професионалци од сите 6 сектори, кои во текот на 2018 добија и дополнителни обуки за јакнење на нивните вештини и знаења. Имено, акцентот беше ставен на подобрување на работата со деца со попреченост кои се жртви на насилство, и на оваа тема се спроведоа 2 дводневни обуки за членовите на меѓусекторските тимови. Обуките се одржаа на 27/28 април и 04/05 мај во Скопје, каде обучувачи беа Владо Крстовски – РЦПЛИП – ПОРАКА, Тања Станкова – специјален едукатор и рехабилитатор и Весна Матевска – ХЕРА.
Преку содржините на обуките за деца со попреченост – жртви на насилство, учесниците се стекнаа со основни теориски, но и практични знаења и вештини за тоа што значи попреченост, каква класификација на попречености постои и кои се карактеристиките, односно најзначајните нешта за видовите попречености кај децата. Понатаму, беа опфатени законските импликации при постапување со деца жртви, како и практични насоки за водење разговор со дете жртва согласно разните видови попречености. Дополнително, значаен дел од обуката беше посветен на преваленцијата на насилство кај деца со попреченост, најчестите причини и последици од истото и како да се справиме со случај на насилство врз дете со попреченост. Особен интерес кај учесниците предизвикаа практичните алатки за комуникација со деца со попреченост, кои им се навистина потребни во нивната секојдневна работа.