СПОРТСКО – РЕКРЕАТИВНИ АКТИВНОСТИ за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА, септември 2014 година

Во согласност со својата Програма за работа за 2014 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во периодот до 15-ти до 20-ти септември 2014 година ги организираше и реализираше вторите спортско – рекреативни активности за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во 2014 година.

Како резултат на позитивните ефекти од спроведувањето на спортско – рекреативните активности во изминатите години, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, и во 2014 година предвиде во својата програма за работа организирање и реализирање на вакви манифестации.
Главната цел на овие активности е промоција на нова форма на вклучување на адолесцентите со интелектуална попреченост во општеството преку спорт и рекреација и придонес во развојот на вештините за самостојно живеење кај овие лица. Овие активности нудат можности за подобрување на психофизичката состојба на корисниците со интелектуална попреченост.
Вторите спортско – рекреативни активности во 2014 година беа одржани во периодот од 15-ти до 20-ти септември 2014 година, во Центарот за едукација и рекреација на кадри на Црвениот крст “Солферино” во Струга.
Во спортско – рекреативните активности беа вклучени лица со интелектуална попреченост – корисници на дневните центри кои ги менаџира РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје и Радовиш. Во спроведувањето на овие активности беа вклучени водичи на тимовите (персонал од дневните центри) и одговорни лица од РЦПЛИП – ПОРАКА.

Спортско – рекреативните активности обезбедуваат голем број различни можности: развој на чувството и духот за натпреварување меѓу адолесцентите со интелектуална попреченост; искуство да се биде дел од спортска екипа, притоа чувствувајќи го единството во екипата; мотивација за натпреварување и победа, но истовремено и искусување и справување со пораз во спортските игри.
Од друга страна, овие активности претста-вуваат добра можност за персоналот од дневните центри да поминува 24 часа заедно со корисниците на дневните центри овозможувајќи им да го разберат ритамот на живеење и однесувањето на секое лице со интелектуална попреченост.
Понатаму, набљудувањето на корисниците во нова средина, без родителското влијание, им нуди на персоналот нови сознанија во однос на можните подобрувања во самостојноста и самодовербата меѓу корисниците и несебичната поддршка и пријателство меѓу нив самите, што не може да се увиди во текот на активностите во дневните центри. Уште повеќе, ваквите активности обезбедуваат можности за подобрување на вештините за одржување на личната хигиена, вештините за социјални интеракции итн.

Спортските активности беа поделени во следните дисциплини:
– Атлетика (натпревари во трчање и скок во далечина),
– Натпревари во мал фудбал,
– Натпревари во кошарка,
– Натпревари во тегнење јаже и пикадо.

Рекреативниот дел од програмата опфати разни друштвени игри, цртање, како и забави со музика и танцување во вечерните часови. Овој пат, благодарение на добрите временски услови, во попладневните часови корисниците имаа можност да се рекреираат на плажа.
Може да се заклучи дека целите на спортско-рекреативните активности беа во целост реализирани. Корисниците на дневните центри беа активно вклучени во спортско-рекреативните содржини, персоналот од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА имаше можност да увиди важни информации во однос на однесувањето на корисниците надвор од дневниот центар.
Тоа ќе биде од огромно значење за нивната понатамошна работа во рамките на индивидуалната работа со корисниците и подобрувањето на вештините за самостојно живеење.

Scroll to Top
Skip to content