Во согласност со својата Програма за работа за 2015 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во периодот до 22-ри до 27-ми јуни и од 20-ти до 25-ти септември 2015 година ги организираше и реализираше спортско – рекреативните активности за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во 2015 година.
Како резултат на позитивните ефекти од спро-ведувањето на спортско – рекреативните активности во изминатите години, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА и во 2015 година предвиде во својата програма за работа организирање и реализирање на две вакви манифестации.
Главната цел на овие активности е промоција на нова форма на вклучување на адолесцентите со интелектуална попреченост во општеството преку спорт и рекреација и придонес во развојот на вештините за самостојно живеење кај овие лица. Овие активности нудат можности за подобрување на психофизичката состојба на корисниците со интелектуална попреченост.
Првите спортско – рекреативни активности во 2015 година беа одржани во периодот од 22-ри до 27-ми јуни 2014 година, во Центарот за едукација и рекреација на кадри на Црвениот крст “Солферино” во Струга, а вторите беа одржани на истата локација во периодот од 20-ти до 25-ти септември 2015 година..
Во спортско – рекреативните активности беа вклучени лица со интелектуална попреченост – корисници на дневните центри кои ги менаџира РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје и Радовиш. Во спроведувањето на овие активности беа вклучени водичи на тимовите (персонал од дневните центри) и одговорни лица од РЦПЛИП – ПОРАКА.
Спортско – рекреативните активности обезбедуваат голем број различни можности: развој на чувството и духот за натпреварување меѓу адолесцентите со интелектуална попреченост; искуство да се биде дел од спортска екипа, притоа чувствувајќи го единството во екипата; мотивација за натпреварување и победа, но истовремено и искусување и справување со пораз во спортските игри.
Од друга страна, овие активности претставуваат добра можност за персоналот од дневните центри да поминува 24 часа заедно со корисниците на дневните центри овозможувајќи им да го разберат ритамот на живеење и однесувањето на секое лице со интелектуална попреченост.
Понатаму, набљудувањето на корисниците во нова средина, без родителското влијание, им нуди на персоналот нови сознанија во однос на можните подобрувања во самостојноста и самодовербата меѓу корисниците и несебичната поддршка и пријателство меѓу нив самите, што не може да се увиди во текот на активностите во дневните центри. Уште повеќе, ваквите активности обезбедуваат можности за подобрување на вештините за одржување на личната хигиена, вештините за социјални интеракции итн.
Спортските активности беа поделени во следните дисциплини:
– Атлетика (натпревари во трчање и скок во далечина),
– Натпревари во мал фудбал,
– Натпревари во кошарка,
– Натпревари во тегнење јаже и пикадо.
Рекреативниот дел од програмата опфати разни друштвени игри, цртање, како и забави со музика и танцување во вечерните часови. Благодарение на добрите временски услови, во неколку наврати во попладневните часови корисниците имаа можност да се рекреираат на плажа.
Може да се заклучи дека целите на спортско – рекреативните активности беа во целост реализирани. Корисниците на дневните центри беа активно вклучени во спортско – рекреативните содржини, персоналот од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА имаше можност да увиди важни информации во однос на однесувањето на корисниците надвор од дневниот центар. Тоа ќе биде од огромно значење за нивната понатамошна работа во рамките на индивидуалната работа со корисниците и подобрувањето на вештините за самостојно живеење.