Македонија: Како да се справиме со табуто за едукација за сексуално репродуктивно здравје и права за млади со интелектуална попреченост
„Главната цел на нашиот сервис е личниот развој на лицата со интелектуална попреченост – да ги направиме што понезависни, а ова е дел од таа работа.” – Владо Крстовски , РЦПЛИП – ПОРАКА
Луѓето со интелектуална попреченост се соочуваат со голема стигма во Македонија. Како поддршка за нив, постои можност за опфаќање во дневни центри, но сепак многу од лицата со интелектуална попреченост едноставно остануваат дома со семејството. Нивната невидливост во заедницата носи предрасуди, а погрешните сфаќања во врска со нив продолжуваат и понатаму.
Многу семејства се грижливи и полни со љубов но, во одредени случаи, дискриминацијата започнува уште во самиот дом бидејќи на ваквите деца се гледа со срам. Други пак, се однесуваат прекумерно заштитнички, а трети се обидуваат да ги занемарат тешкотиите на своите деца инсистирајќи тие да влезат во брачни односи бидејќи сметаат дека на тој начин ќе можат да почнат со „нормален” живот. Погрешно е да се мисли дека сексуалноста е прашање кое не ги засега или пак не треба да ги засега лицата со интелектуална попреченост, односно дека тие едноставно не треба да имаат секс. Се разбира дека ваквите млади лица се сексуални битија како и сите други, со чувства и потреби, но и со еднакви права како и сите останати. Од друга страна, пак, тие се мошне поранливи, поточно, се претпоставува дека веројатноста луѓето со интелектуална попреченост да станат жртви на сексуална злоупотреба е три пати поголема отколку кај оние без попреченост.
Родителите, исплашени од претпоставката дека нивните деца можат да бидат злоупотребени или пак да забременат, се случува да не разговараат со нив за нивната сексуалност или ги спречуваат да добијат информации за вакви прашања мислејќи дека тоа е најдобриот начин да ги заштитат. Кога ќе покажат знаци дека сакаат да ја истражат сопствената сексуалност, како на пример преку мастурбација, се случува едноставно да им се каже дека таквото однесување е лошо и дека мора да престанат со тоа. Македонија е земја каде што едукацијата за сексуално репродуктивно здравје и права е ограничена за сите граѓани, особено за млади луѓе кои не посетуваат редовни училишта. Во редовното образование, сексуалноста се предава само како дел од општата наставна програма од предметот „животни вештини” во којшто, меѓу другото, се вклучени и теми како шиење и домаќинство. Во рамките на ваквото образование, сексуалноста на лицата со интелектуална попреченост претставува двојно табу. ХЕРА верува дека со ускратување на ваквите познавања тие се непотребно изложени на потенцијална злоупотреба, но и на непочитување на нивните сексуални права.
Во 2009 година Здружението за здравствена едукација и истражување (ХЕРА), членка на Меѓународната федерација за планирано родителство (ИППФ) беше едно од четирите здруженија – членки на кое Европската мрежа на ИППФ му обезбеди финансиска поддршка за развивање на знаењата за работа со лица со интелектуална попреченост. Тричлен тим од ХЕРА заедно со претставник на Министерството за труд и социјална политика, деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, еден претставник на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА и еден родител на дете со интелектуална попреченост ја посетија Северна Ирска за да научат како работи Асоцијација за семејно планирање (ФПА) во таа земја.
Благодарение на стекнатото искуство таму, ХЕРА подготви манифест – документ за партнерство со сите чинители, како и план за воведување едукативни работилници за сексуално репродуктивно здравје и права кои ќе се спроведуваат во центрите кои опфаќаат лица со интелектуална попреченост. Овие едукации ги спроведуваат вработените во центрите, во кои лицата со интелектуална попреченост имаат доверба, откако претходно ќе поминат соодветна обука организирана од ХЕРА. Целта на оваа задача беше да се научат лицата со интелектуална попреченост како да си го заштитат сопственото сексуално и репродуктивно здравје и да им се укаже како да уживаат одговорно и на здрав начин во својот сексуален живот. Вработените во ХЕРА, исто така учествуваа на неколку сесии во самите центри. Денес, оваа програма се спроведува во шест дневни центри и една државна резиденцијална институција. До сега, 81 лице ги искористило овие сервиси, односно 31 лице од женски пол, 50 лица од машки пол. ХЕРА има за цел да обезбеди одржливост на овој проект преку обука на другите вработени во центрите. Обуките ќе ги спроведуваат претходно обучените колеги. Во моментот постојат планови за обука за родителите преку исти методи со цел да се овозможи родителите да продолжат и дома да ги пренесуваат пораките што младите ги добиваат во центрите.
1. Весна Турмаковска, психолог во ХЕРА, ја предводи програмата за сексуалност. Во седиштето на ХЕРА во Скопје, таа ни објасни како, преку внимателна работа со родителите, се постигнува клучниот развој на оваа програма.
„Сексуалноста е дел од животот на овие млади луѓе. Тие се сексуални битија и секојдневно ја искажуваат својата сексуалност.”
„На почетокот одредени родители беа исплашени дека со самото изучување на сексуалноста нивните деца ќе се охрабрат да се впуштат во сексуални врски. Други пак, велеа дека ова е одлична идеја и дека сега е вистинското време да се направи такво нешто затоа што беа загрижени што ќе се случи со нивните деца кога нив ќе ги нема во нивните животи. Трета група родители само сакаа да се предаваат општи теми од типот на телесните разлики и развој на органите во текот на пубертетот.
„За среќа, успеавме да ги убедиме родителите. Им објаснивме дека целта е да им се предадат вештини со цел да станат понезависни во своето живеење, но и дека можат да избираат со кого ќе се дружат, кои ќе им бидат пријатели, како да прават разлика меѓу пријателство и љубов.”
Во другиот дел од градот, во Дневниот центар – ПОРАКА Скопје во кој се опфаќаат возрасни лица со интелектуална попреченост, во осветлената централна просторија со отворена кујна и големи работни маси паралелно се одвиваат повеќе активности. Овој дневен центар има за цел да им помогне на корисниците да станат понезависни во секојдневното живеење. Секое утро, една група корисници оди на пазарот и супермаркетите блиску до дневниот центар за да купат прехрамбени продукти, а потоа со купените продукти го приготвуваат ручекот за сите корисници во дневниот центар. Другите групи се опфатени во програмски активности и креативни работлиници. Од 2010 во програмата е вклучено и сексуалното образование.
Во една посебна просторија, Маријана Серфимовска Димитриеска, социјален работник во дневниот центар, реализира работилница со група од околу десет млади жени. Користи хамер со исечоци од двојки и поединци со цел да поттикне дискусија за тоа што е соодветно однесување во различни видови врски.
Групата ги набљудува фотографиите на кои има семејства, а Маријана пак им објаснува дека членовите на семејството мораат да исполнуваат одредени обврски и дека имаат одредени права во меѓусебните односи. Потоа дискусијата продолжува на тема пријатели. Што прават пријателите кога се заедно?
„Се дружат надвор од центарот, пијат кафе, работат во центарот”- вели групата.
„Дали пријателите се бакнуваат во уста?” – прашува Маријана. Во хор одговараат „Не, не, не”. „Точно” – вели таа – „но можеш да се прегрнуваш со пријател, особено ако е несреќен или загрижен за нешто, а ти сакаш да го утешиш”.
„Но внимавајте” – таа истакнува – „пријател со пријател не се бакнува во уста. Не си ги допирате интимните делови од телото. Кога пиеш кафе не се допираш со другиот”.
Маријана поставува прашање за тоа што е дозволено во една врска со момче и девојка за разлика од врската за која веќе дискутирале. „Гледајте на сликава, што гледате?”, ги потсетува таа.
„Во кревет, во спална, има и маж и жена.”
„Што прават?” -ги запраша Маријана.
„Лежат еден до друг.”
Маријана им ја опишува сликата: „Покриени се, но долу се голи. Се држат за раце, си гледаат во очи, телата им се близу. Си ги допираат лицата. Што значи ова? Сакаат да имаат блиски односи, или не?”
Групата се согласува дека сакаат да имаат близок однос.
„Ваквата блискост е дозволена кај нив” – вели Маријана. „Убаво се чувствуваат, имаат чувства еден за друг, сакаат да се заедно.”
Таа исто така енергично дава и друг аргумент: „Не мешајте го сексот со раѓање деца. Секој пат кога имаш секс не значи дека ќе имаш деца. Луѓето може да имаат секс само заради задоволството, не само за да имаат деца.”
„Можеме да се заштитиме со кондом” – вели една од групата. „Девојкава се смее зашто тоа и се допаѓа”-додава таа.
Маријана се согласи: „Навистина се смеат зашто им се допаѓа таквиот однос и на обајцата. Не дека некој ги натерал на тоа. Важно е кога имаш сексуална врска со некого, на обајцата да ви се допаѓа и да сте согласни на тоа”. Но, таа ги предупредува дека, иако момчињата и девојките можат да се допираат па и да имаат секс, не смеат тоа да го прават на јавни места.
На крајот, групата поминува низ други видови односи. „Докторот може да те допира но тоа е професионална врска” – им вели таа – „Нема прегрнување, нема интимни односи, а непознати лица што заедно се возат во автобус не се допираат и не си покажуваат љубов”.
„Имаше некои прашања што не знаеја сами да ги одговорат”- ни објасни Маријана. „Велат дека имаат чувства за луѓето, ама не можат да си ги објаснат”.
„Имаше еден период кога ние вработените почнавме да стапуваме во брак и да формираме сопствени семејства. На корисниците ова им беше многу чудно. Ни се смееја, се кикотеа и не прашуваа дали сме имале секс. Сакаа да знаат како се раѓаат деца. Некои мислеа дека можат да забременат со бакнеж, како што ги научиле од дома”.
„Корисниците се многу заинтересирани и за хомосексуалноста, сакаат да дискутираат дали тоа е добро или лошо.”
Маријана вели дека сесиите имаат позитивен ефект. „Како да сме привилегирани кога зборуваме за вакви работи со нив, без каков и да било срам . Тоа ни покажува колку сме им блиски. Тие слободно зборуваат со нас за такви работи, можат да зборуваат за нивните чувства кон другите луѓе”.
„Сме зборувале за тоа дека не е ни лошо, ни срамно, ниту пак опасно ако почувствуваат потреба да мастурбираат или да се допираат, да го сторат тоа. Но, исто така, внимаваме да им кажеме дека ова се прави во приватна просторија, кога се сами и под ќебе, со затворена врата. Најдобрата и најпозитивна работа е тоа што ги натеравме да разберат дека не е нешто лошо или погрешно да имаш сексуална желба и сексуален живот.”
2. Професионалците од ХЕРА кои работат во медицински услови исто така посетуваа обука за работа со лица со интелектуална попреченост.
Снежана Георгиева Јаневска, која работи како гинеколог во Младински центар на ХЕРА – Водно, ни објасни како се справува со дополнителните предизвици во вакви случаи.
„Пристапот е таков што, најпрвин, тие ме чувствуваат како пријател” -вели таа.
„Се обидувам да им објаснам што ќе им правам во текот на прегледот и тоа чекор по чекор. Тоа значи дека поминувам повеќе време со нив. Овој сервис, наменет за млади, е соодветен бидејќи имаме доволно време за нивните барања. Институциите во јавното здравство не можат да понудат ваква услуга бидејќи често се преплавени со пациенти”.
„Некои од младите се оттргнуваат од мене, некои ги затвораат нозете, а некои пак плачат. Некогаш се згрчени, а некогаш пак сакаат да видат што навистина се случува. Треба многу трпение, еден ваков преглед може да трае и 20 до 30 минути, наспроти 5 минути.”
Во Гостивар, ХЕРА соработува со државниот дневен центар за деца со попреченост. Во текот на едукативната сесија што се спроведува таму, корисничките се потпираат на масата за да ги погледнат скиците на човековото тело истакнувајќи ги промените што се случуваат во развојот на момчињата и девојките. Ги изговараат имињата на различните човекови органи, а учителот ги охрабрува да ги користат соодветните зборови за пенис и вагина.
Потоа вежбаат како се користат хигиенски влошки. Една од девојките зема влошка, а во меѓувреме групата гледа со внимание како девојката внимателно го отвора пакетот и го одвиткува.
„Ова не е срамно” – едукаторот ја потсетува групата – „Сите го прават ова.”
Специјалниот едукатор во центарот, Жаклина Степаноска, се сеќава колку била загрижена во почетокот дали родителите ќе ја прифатат идејата за оваа програма. Во овој случај и покрај стравувањата, реакцијата на родителите била многу попозитивна отколку што таа очекувала.
„Имаше родители кои се расплакаа кога им кажав за ова” -вели таа. „Кога ги прашав зошто се расплакаа, ми кажаа дека мислеле дека нивните деца, кои се постари од 20 години, никогаш немало да се заљубат или пак да имаат партнери. Длабоко ги допре и изненади дека некој размислувал дека нивните деца треба да добијат ваква едукација и дека можеби треба да имаат љубовна врска”.
Оваа програма помогна многу за да се измени однесувањето во центарот. „На пролет и во лето кога сме често во градината, порано девојките се вознемируваа кога ќе поминеше некое момче зашто сакаат момчиња” – вели Жаклина. „Ќе му довикуваа или ќе му пристапеа, иако не го познава. Затоа сакаме да им објасниме дека можат да им кажат „здраво” на луѓе што веќе ги познаваат, но не и на непознати, освен ако не им дозволиме”.
„Исто така имавме голем проблем со мастурбација на момчињата. Откако им укажавме што е тоа јавно и приватно место, веќе немаме ваков проблем. Кога некој од вработените ќе види дека некој корисник почнува да мастурбира, им велиме да одат во тоалет или пак ги носат во приватна просторија. Не им велат „престани” бидејќи ако ги сопреш можат да се вознемират. Претходно не знаевме како да се справиме со ова. Сега им велиме дека не е соодветно тоа да се прави на јавно место. Сега момчињата скоро никогаш не се обидуваат да го прават тоа на јавно место”.
„Имавме проблеми, исто така, со девојките кои не знаеја како да си стават влошки. Родителите ќе им ставеа влошка од дома, а девојката ќе заборави да ја смени. Сега самите си носат влошки и знаат како да ги менуваат”.
„Младите се многу заинтересирани за програмата. Тоа е новина за нив. Најмногу се интересираат за фактот што можат да се осамостојат надвор од центарот, што може да излегуваат сами, што можат да бидат со некој, со момче или девојка и што тоа им е дозволено. Ова им е важно бидејќи нивните родители обично ги караат ако зборуваат за вакви работи”.
„Се забележуваат промени во начинот на нивното однесување. Веќе не зборуваат со непознати. Ги знаат вистинските зборови за човековите органи и веќе не им е срам да ги изговорат на глас. На почетокот кога одржувавме индивидуални часови девојките почнуваа да плачат и да велат „ова е срамота”. Не сакаа да ги изговорат зборовите. Сега слободно зборуваат за такви нешта. Сега сме поблиски со нив. Ќе дојдат да ми кажат дека се вљубиле во некого. Ќе се насмеат, ќе се задеваат во врска со тоа. Сега се поопуштени”.
„Имаме двајца корисници кои што се однесуваат како момче и девојка во центаров. Живеат далеку еден од друг, но кога се тука гледаат филмови заедно, танцуваат и се бакнуваат. Не можеме да ги одделиме! Позитивна работа е, посреќни се.”
Владо Крстовски, кој е дел од тимот на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА и е вклучен во програмата за сексуалност, вели дека се уште многу нешта треба да се сработат на сите полиња со цел да им се подобри животот на луѓето со интелектуална попреченост во Македонија. Тој верува дека соработката со ХЕРА била значителен чекор напред во полето на сексуалноста”.
„Прашањата поврзани со попреченоста се уште не се соодветно застапени и опфатени во дел од законите, политиките и институционалната поставеност на нашата земја. Еднаквоста на луѓето со интелектуална попреченост не се наоѓа на врвот на политичката агенда” – вели тој. „Уште повеќе треба да се зборува и да се работи на секое поле со цел да се елиминираат предрасудите”.
„Сиромаштијата е исто така голем проблем за семејствата. Ако во семејството има дете со интелектуална попреченост, тогаш еден од родителите мора да седи дома за да се грижи за него, зашто се уште немаме доволно социјални сервисни служби за поддршка на самите лица и нивните семејства. Ситуацијата на социјален ризик се продлабочува, бидејќи покрај неможноста да засноваат работен однос, тие не добиваат доволна поддршка од државата.
„Недостасуваат различни социјални сервисни служби: немаме центри за времено опфаќање, пресонална асистенција, потребни се уште дневни центри и социјални клубови за различни возрасни групи, слободни спортски или активности за рекреација. Затоа повеќето луѓе престојуваат дома со своите семејства и не се видливи во самото општество, а предрасудите се уште остануваат на високо ниво. Обичен човек не може толку лесно да дојде во контакт со лицата со попреченост за да осознае дека тие не се агресивни, ниту пак болни или пак дека нема да го повредат”.
„Дури и кај професионалците што работат во овој сектор постојат предрасуди. Кога вршевме обука, една од нив јавно кажа дека не се согласува дека обуката за сексуалност има некаква врска со неа бидејќи нејзините корисници не се сексуални битија”.
„Ние сме истрајни во нашата работа со цел да ги унапредиме и да ги развиеме човековите права за лицата со интелектуална попреченост, воопшто, а сексуалноста е едно од човековите права. Нашата работа ги промени корисниците на многу позитивен начин. Главната цел на нашиот сервис е нивниот личен развој – да ги направиме посамостојни, а ова е само дел од тоа”.
“Еден ден ќе бидат сами, без своите родители и тогаш ќе мораат да имаат сознанија за светот во кој живееме. Ќе мораат да знаат кој им е пријател, што е пријателство, што е интимна врска, што е секс, како да се практикува безбеден секс. Што е соодветно, а што не е, што е јавен, а што приватен простор. Ова сето е дел од нивната самостојност и голем дел од нашата работа”.
„Направивме одличен почеток заедно со ХЕРА. Тие ја имаат својата стручност во врска со прашања поврзани со сексуалноста, а пак ние стручност за работа со луѓе со интелектуална попреченост. Ги здруживме силите и затоа оваа програма е толку добра. Најголемиот успех, воопшто, е тоа што го отворивме ова прашање.”
Младите со интелектуална попреченост и нивните родители сакаат да бидат информирани
Приказната на Лара
Постои погрешна претстава за лицата со интелектуална попреченост, а тоа е дека сексуалноста не е или не треба да биде проблем за нив – едноставно, не треба да имаат секс. Секако, таквите млади се сексуални битија, исто како сите други, со чувства и желби, како и исти права. Сепак, тие се поранливи: постои три пати поголема веројатност лицата со интелектуална попреченост да станат жртви на сексуална злоупотреба во споредба со лицата без попреченост.
Во Македонија, ХЕРА, која е членка на Меѓународната федерација за планирано родителство (ИППФ), организира сексуално образование во дневните центри во кои се опфаќаат лица со интелектуална попреченост. Целта е корисниците да се научат како да си го заштитат сексуалното и репродуктивното здравје и како да имаат пријатен, одговорен и здрав сексуален живот. Денес програмата се спроведува во шест дневни центри и една државна резиденцијална институција.
Во Дневниот центар – ПОРАКА Скопје, Маријана Серафимовска Димитриеска реализира работилница со група од околу десет млади жени. Користи голем хамер со исечени слики на кои се прикажани двојки и поединци со цел да поттикне дискусија за тоа што е пристојно однесување во различни врски.
Една од најактивните учеснички во групната сесија е Лара, на возраст од 27 години, која има интелектуална попреченост и проблеми во однесувањето. Таа е полна со енергија, зафатена во кујната на центарот, ја презема главната улога кога се готви. Сама доаѓа со автобус секој ден. Тоа е важен знак на нејзината независност, ама тоа значи и дека треба да знае како да се заштити. Во дневниот центар – ПОРАКА Скопје доаѓа веќе седум години.
„Обожавам да доаѓам тука зашто многу време поминувам во работа” – вели Лара. „Ми се допаѓа што сум активна цело време. Најомилен дел ми е да работам во кујната, кога готвиме ручек, кога го сечкаме зеленчукот. Ми се допаѓаат и работилниците по уметност.”
Што мисли за едукациите за сексуално репродуктивно здравје и права? „Ми се допаѓаат и мислам дека се корисни” – вели. „Ако некој сака да не присили, може да го оттурнеме и да се заштитиме, да се одбраниме. А учиме и некои работи што можеш само дома да ги правиш, кога си сам, а не на јавни места.”
Лара вели дека еднаш имала момче, а сака пак да има – ако си најде.„Морам да се однесувам пристојно, да не бидам лоша со него и да користам кондом”, вели Лара.
Целта на ХЕРА со оваа програма е таа да стане одржлива со помош на нови вработени во секој центар кои што постарите членови ќе ги обучат. Веќе има планови да се започне со обука на родителите со истите методи за да можат да ги поддржат и дома пораките што им се пренесуваат на нивните деца во центарот.
Таткото на Лара, Бранислав разбира зошто.
Бранислав предава електронски науки во средно училиште, а присуствувал на неколку средби на кои се дискутирало за предложената програма за едукативните сесии за сексуално репродуктивно здравје и права, пред нејзиниот почеток. Дојде во центарот, по завршување на сесијата, да ни каже што мисли за ваквата работа.
„На почетокот мислев дека е чудна тема за дискусија, но со тек на време разбрав дека ќе има корист, па почнав да учествувам во консултациите”- вели тој. „Прифатив дека има потреба отворено да се зборува тука во центарот со младите , особено за сексуалната злоупотреба, но и за нивниот сексуален живот.”
„Јас сум стара школа, не дискутирам за овие работи со ќерка ми. Ниту моите родители дискутираа за ова со мене. Тешко ни е отворено да разговараме за тоа па подобро е да зборуваме тука во центарот. Убаво е што учат како да се однесуваат вон оваа средина и вон домот, да знаат дека не треба да застануваат и да зборуваат со непознати.”
„Мора овие работи да им ги повторуваме оти забораваат. Секој ден исто се случува, одат на улица и запираат некого и започнуваат разговор. Мора да имаме на ум во какво време живееме, како и дека сексуалната злоупотреба е мошне честа кај лица со интелектуална попреченост.”
„Лара веќе отворено дискутира за овие работи. Многу е блиска со својата тетка, сестра ми, и со неа разговара за овие прашања.”
„Има различни родители тука, на некои од нив им беше тешко да ја прифатат програмата, но на крајот ја прифатија. Ги убедивме со тоа што им кажавме дека незнаењето е лошо, дека добро е да се знае.”
Рејчел Вилијамс, Гардијан