Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во соработка со здружението „На пола пат“ од Србија и СУМЕРО од Босна и Херцеговина започнаа со спроведување на проект со наслов „Интеркултурно учење за сите“ во јануари 2023 година. Проектот се заснова на долгогодишното искуство на трите партнер организации во областа на социјална инклузија, развој на вештини за лица со интелектуална попреченост во однос на окупациона терапија, креативност, вештини за само-застапување, интеркултурно учење и толеранција. Предизвиците што ќе се опфатат со проектот може да се сумираат во недостиг на можности за лицата со интелектуална попреченост да земаат активно учество во интеркултурниот дијалог, добрососедските односи и поврзаноста со врсници од други земји.
Социјалната инклузија на лицата со интелектуална попреченост е ставена на високо место во агендите на сите земји од Западен Балкан, иако имплементацијата некако заостанува во реалноста. Поради интелектуалната попреченост, овие лица се дополнително ранливи, дури и во рамките на маргинализираната група од лица со попреченост. Потенцијалот на оваа група во рамки на помирувањето, културната и социјалната соработка е крајно неискористен. Токму затоа главната цел на проектот предвидува активно учество на лица со интелектуална попреченост како само-застапници кои ги надминуваат стереотипите, предрасудите и бариерите преку интер-културно учење и придонесуваат за добрососедските односи во регионот и социјалната и културната соработка. Воедно со проектот се предвидува да се даде придонес за регионалната соработка преку вклучување на лица со интелектуална попреченост во интеркултурен дијалог, промовирање на нивната интеграција, воспоставување на врски помеѓу луѓето воопшто.
Во рамки на проектот се предвидува реализација на низа различни активности. Првата од нив е студиска посета во Сараево „Поврзување на заедниците“. Посетата се одржа во периодот од 20-ти до 23-ти март 2023 година, а учество зедоа претставници на РЦПЛИП – ПОРАКА, едукатори и корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, Прилеп и Штип. Тие имаа можност да разменуваат искуства и да спроведуваат заеднички активности со учесниците од партнерските организации. За време на студиската посета беше потпишан договорот за соработка во спроведување на проектот, и се утврди динамиката на претстојните проектни активности. Во рамките на студиската посета, учесници од трите земји имаа можност да посетат различни институции (културни/религиозни) и преку средби и работилници за само-застапување, заеднички да ги дефинираат главните теми за развивање на брошура во која ќе се претставени традиционални јадења од трите земји и начините на нивното приготвување во лесно-читлив формат.
Во претстојниот период ќе следат работилници кои ќе се реализираат еднаш неделно во сервисните служби на партнер-организациите на кои ќе се разговара за различни теми во однос на религија, традиција, обичаи, различности во културните, верските и националните обележја, како и промоција на добрососедските односи, итн. Истовремено ќе се подготвуваат и традиционални национални јадења.
Предвидено е и да се реализира по еден поголем настан во секоја од трите земји на кој ќе се презентираат активностите и резултатите од проектните активности. Во текот на проектот предвидена е изработка на Прирачник кој ќе овозможи да се мултиплицираат проектните активности и во други организации. Предвидена активност е и изготвување на промотивен видео материјал, кој ќе служи за промоција на проектните активности на националните, локалните и социјалните медиуми.
Проектот „Интеркултурно учење за сите“ ќе придонесе за подобро разбирање и прифаќање на разноличноста помеѓу лицата со попреченост од различни етнички и културни позадини, како и на персоналот кој работи во сервисни служби за лица со попреченост и нивните корисници. Истовремено, ќе овозможи добар пример на соработка и почит за различноста, од гледна точка на самите лица со попреченост, како активисти и како модел за интеркултурно учење. Со тоа воедно ќе се даде можност јавноста да ги види можностите на оваа неправедно маргинализирана група, и ќе се овозможи социјална инклузија, како и промена на предрасудите кои сè уште се присутни во земјите од Западен Балкан, а се однесуваат на лицата со интелектуална попреченост.
Проектот „Интеркултурно учење за сите“ ќе се реализира во периодот од јануари до септември 2023 година.
Овој проект е финансиран од Фондот за Западен Балкан (WBF) и Европската Унија, во рамките на повикот за поднесување на регионални предлог проекти „Поддршка за промоција на регионални активности на граѓанското општество на Западен Балкан“.