Студиски престој во Братфорд – Англија РЦПЛИП – ПОРАКА ВКЛУЧЕНА ВО “АКТИВНИ ГРАЃАНИ”

Британскиот совет во 2009 година започна со програма наречена Активни граѓани. Главната цел на програмата е да им пружи поддршка на учесниците да преземат позитивна акција за општествена промена. Позитивната акција може да вклучува активности за вмрежување, подобрување на соработката, личен развој и интеркултурен дијалог.

Британскиот Совет почна да ја спроведува оваа програма и во Р.Македонија од 2010 година, со посебен осврт на областите активно граѓанство и еднакви можности и разноликост. Програмата се одвиваше во два дела, а во вториот дел, на покана на Британскиот Совет, како претставник од РЦПЛИП – ПОРАКАбеше вклучена Маја Гацоска. По завршувањето на обуката реализирана во рамките на оваа програма учесниците поделени во групи спроведоа проектни активности кои ја продолжија и проширија оваа програма. Британскиот совет, по завршувањето и на овој дел од севкупната програма на проектот “Активни граѓани” организираше студиски престој за седум учесници во програмата кои во периодот од 11-ти до 16-ти јули 2011 година го посетија Брадфорд во Англија со цел размена на искуства и споделување на знаења, како со луѓето од таму, така и со претставници од Косово и Ерменија, каде исто така се спроведува оваа програма на Британскиот Совет.

Домаќини на студискиот престој беа претставниците на невладината организација ЦНет, како и волонтери кои се ангажирани во различни проекти од Активното граѓанство. Програмата на студискиот престој беше осмислена на тој начин што секој ден имаше посебна тема на која беше посветен, а организациите и местата кои се посетуваа се вклучени во проектот Активно граѓанство.

Темата на првиот ден беше “Ден во градот”. Во текот на овој ден беше организирана посета во Градското собрание на Брадфорд, каде учесниците беа пречекани од претставник на Градскиот Совет и од Градоначалникот (Лорд Маѕор) на Брадфорд, кои го објаснија начинот на кој функционира Градското собрание и поделеноста на надлежностите помеѓу Собранието и Градоначалникот. Потоа следеше посета на Кала Сангам, Јужноазиски културно-уметнички центар чија основна цел е подигнување на свеста за разбирањето и прифаќањето на овие традиции користејќи различни иновативни пристапи, а со тоа ја зголемуваат и свеста во однос на расните, културните и социјалните прашања. Во попладневните часови следеше посета на Катедралата во Брадфорд и Музејот на мирот, единствениот музеј во Велика Британија кој е посветен на собирање, конзервација и интерпретација на материјали поврзани со историјата и развојот на мирот, ненасилството и разрешувањето на конфликти. Крајот на првиот ден заврши со посета на До Парк кој овозможува рекреативни активности на вода, како што се едрење, кајакарство и градење рафтови. Во една таква активност беа вклучени и учесниците на студискиот престој.
Вториот ден беше посветен на Образованието во заедницата. Учесниците имаа можност да посетат различни образовни институции во градот, почнувајќи од градинка, потоа основно училиште и Колеџот во Брадфорд заедно со неговата библиотека. Се посети и Центар за поддршка на деца со аутизам и нивните родители кој соработува со Градското собрание од каде и добива дел од потребните финансии за негово функционирање. Попладнето беше резервирано за Бангладешка младинска организација која постои повеќе од 25 години и спроведува различни видови на проекти со младите, а воедно води и центар во кој секојдневно доаѓаат млади лица да се рекреираат и да се забавуваат.

Третиот ден учесниците го поминаа во градот Јоркшир, познат уште и како главен град на Северна Англија. 14-ти јули беше ден посветен на социјална активност во централниот дел од градот. Прва дестинација организацијата на Пријатели на Листер Парк. Тоа е организација која на волонтерска основа се грижи за овој парк, за неговата чистота и организирање на различни видови на активности кои можат да се спроведат на отворено, а воедно соработуваат и со голем број на други организации кои имплементираат активности на отворено во тој парк. Една таква манифестација која се одвиваше во моментот беше “Родени во Брадфорд”, а е дел од голема здравствено-истражувачка програма која ги следи животите на 14.000 бебиња од пренатален период до крајот на животот. Потоа следеше посета на Карлајл бизнис центарот во кој голем број на млади лица следат курсеви за различни занимања. Последната посета во претпладневниот дел беше Гросенвор проектот кој го водат група на локални жители, а е поддржан од Одделот за Култура при Советот на Брадфорд. Овој проект е наменет за младите луѓе од тој дел од градот, и составен од различни видови на едукативни и рекреативни работилници. Учесниците на студискиот престој го посетија и Националниот музеј на медиуми, кој претставува дом на повеќе од 3.5 милиони предмети кои се од историско значење за медиумите и нивниот развој. Овој ден заврши со посета на Брадфорд Ресурсниот центар во Мала Германија (населба во Брадфорд). Корисници на овој центар се различни ранливи групи во заедницата, каде тие можат да добијат за нив потребни информации, да се забавуваат, да го учат англискиот јазик и да добијат топол оброк.

Последниот ден од студискиот престој беше организиран во Китли, град во близината на Брадфорд. Денот започна со посета на Музејот Клиф Касл во кој можат да се видат различни минерали, локални карпи, фосили, како и изложба на стари кукли, играчки, облека и домашни апарати. Потоа следеше и разгледување на Едукативниот центар на музејот каде доаѓаат деца од различни возрасти и групи за да се запознаат и да ги научат игрите и начинот на кој децата се забавувале во Викторијанското време. Учесниците, исто така имаа можност да го посетат и Колеџот Китли, кој е неодамна отворен и нуди најсовремени услови за работа за учениците. Воедно, има и посебно училиште за лица со попреченост кое во моментот функционира одделно, но се планира вратите кои ги делат двете училишта да бидат отворени во иднина. Посебното училиште, исто како и колеџот, ги нуди најсовремените услови за работа со лица со попреченост, како и помошна компјутерска технологија и адаптирани програми за работа, физиотерапија и хидротерапија. Последна активност од студискиот престој беше посета на Малам, мало селце, каде се нудат различни активности, посета на фарма, прошетки во природа, навигација.

Во понатамошниот тек на овој проект е предвидено да продолжи соработката и да се подготват нови и интересни активности кои ќе се спроведуваат до март идната година, а во кои ќе се вклопат знаењето и искуствата стекнати во Брадфорд.

Scroll to Top
Skip to content