Тркалезна маса “Конвенција на ОН за правата на лица со попреченост – ИДНИ ПРЕДИЗВИЦИ”

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, со поддршка од Националниот демократски институт, на 15.12.2011 година во х. Холидеј Ин – Скопје, организираше тркалезна маса под наслов “Конвенција на ОН за правата на лицата со попреченост – идни предизвици”.

Тркалезната маса се организираше со цел да се дискутираат предизвиците за ефективно имплементирање на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и да се посочат новите перспективи за остварување на човековите права на лицата со попреченост, кои претстојат пред релевантните чинители во нашата држава. Воедно, тркалезната маса претставуваше завршен настан на програмата “Правата да станат реалност – 100 дена за ратифкација”, која РЦПЛИП – ПОРАКА ја спроведуваше во соработка со Националниот демократски институт. Модератор на Тркалезната маса беше д-р Василка Димоска, Програмски менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА, а истата ја отворија г-дин Чедомир Трајковски, претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА и г-дин Крис Хеншоу, Директор на Националниот демократски институт. Во тематскиот дел насочен кон предизвиците при имплементирање на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост од аспект на извршната и законодавната власт, прв говореше Министерот за труд и социјална политика, г-дин Спиро Ристовски. Потоа свое излагање имаше г-ѓа Цветанка Иванова, претседател на Собраниската комисија за труд и социјална политика, г-ѓа Невенка Крушаровска, Заменик Народен Правобранител, Одделение за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби. Свое обраќање имаше и г-дин Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност и г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите. Вториот тематски дел од тркалезната маса беше посветен на механизмите за ефективна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во кој говореа г-ѓа Силва Пешиќ, Советник за човекови права при Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија и г-дин Звонко Шаврески, претседател на Полио Плус.

На тркалезната маса учествуваа: претставници на Националниот совет на инвалидски организации, Национално координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност, претставници на владини институции и локалната самоуправа, како и граѓански организации, лица со попреченост и нивни родители.

Учесниците на тркалезната маса ја поздравија неодамнешната ратификација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и нејзиниот Факултативен протокол од страна на Собранието на Република Македонија и истакнаа дека со тоа државата ја потврдува социјално-развојната определеност во креирањето на политиката и градење на демократско општество со еднакви права и можности за своите граѓани. Лицата со попреченост и нивните семејства очекуваат Конвенцијата да предизвика итни заложби од страна на државата за унапредување на законските можности и нивно практикување во секојдневниот живот, во сите области кои ги опфаќа Конвенцијата.

Scroll to Top
Skip to content