Поднесени две иницијативи за оценување на уставноста на делови од Законот за социјална заштита
На 21.02.2013 година, членките на мрежата за заштита од дискриминација до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредени членови од Законот за социјална заштита, кои се однесуваат на остварување на правата на лицата со интелектуална попреченост.
Иницијативите беа подготвени од страна на РЦПЛИП – ПОРАКА, а како подносители на иницијативите кон РЦПЛИП – ПОРАКА се приклучија сите 7 организации – членки на мрежата за заштита од дискриминација.
Основата на двете иницијативи е содржана во Уставот на Република Македонија, кој предвидува гаранција за правото на помош на немоќните и неспособните за работа граѓани, а на лицата со попреченост обезбедување на посебна заштита и услови за нивно вклучување во општествениот живот. Уставот на Република Македонија ја гарантира социјалната заштита, социјалната сигурност и социјалното осигурување, како права кои важат за секого, секогаш и секаде. Гаранциите на Уставот се дека овие права се сеопфатни, достапни и ефективни за своите граѓани под еднакви услови и без било каков дискриминаторски основ.
Првата поднесена иницијатива се однесува на оценување на уставноста на член 84-а од Законот за социјална заштита, кој одредува додатокот за мобилност да е достапен за лице над 26-годишна возраст со 100% телесен инвалидитет и лице со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој коешто без помош на инвалидска количка не може да ги задоволи основните животни потреби.
Целта на иницијативата е да се овозможи користење на додатокот за мобилност за лица со 100% телесен инвалидитет и за лица со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кои не можат да ги задоволат основните животни потреби, без разлика на нивната возраст и без притоа истите да бидат условени со користење на инвалидската количка, како услов и помагало за задоволување на основните животни потреби.
Оспорените делови од членот 84-а на Законот се противуставни и истите ги ставаат лицата со попреченост, поточно лицата со интелектуална попреченост во нееднаква положба. На ваков начин, законодавецот преку Законот за социјална заштита ги стеснува и предвидува ограничување и условување на пропишаните права во Уставот, односно остварувањето на додатокот за мобилност го ограничува со возраста, а во исто време и го условува со користењето на инвалидска количка.
Со втората поднесена иницијатива членките на мрежата се осврнуваат на три спорни члена од Законот за социјална заштита (член 72, став 2, член 73, член 74, став 1 и 2) кои се однесуваат на остварувањето на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице и кои определуваат овој паричен надоместок да го користат лицата со тешка и длабока интелектуална попреченост во поголем обем, а лицата со умерена интелектуална попреченост во помал обем.
Целта на иницијативата е да се овозможи користење на правото на овој паричен надоместок во поголем обем и за лицата со умерена интелектуална попреченост, со што би дошло до постапување со ист третман, по ист аршин кон сите лица со интелектуална попреченост, без разлика на обемот на потребата за помош и нега од друго лице.
Оспорените членови на Законот се противуставни и истите ги ставаат лицата со умерена интелектуална попреченост во нееднаква положба со другите лица. На ваков начин, Законот ги стеснува, предвидува ограничување и делење на пропишаните права во Уставот според степенот на пречките во менталниот развој, односно условување на остварувањето на правото на помош и нега од друго лице со обемот на потребата за помош и нега од друго лице. Во финансиска смисла, тоа резултира со намален износ на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице за лицата со умерена интелектуална попреченост.
Мрежата за заштита од дикриминација беше воспоставена во декември 2010, а е сочинета од следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); Рома СОС; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Оваа мрежа има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација