Успешна реализација на процесот за адаптирање, реновирање и опремување на новиот објект

Отворен новиот објект на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е активно вклучена во создавањето на услови за спроведување на реформскиот процес на деинституционализација во Република Македонија односно превенција од институционализација преку оформување на алтернативни сервисни служби за поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во местото на живеење. Активностите во оваа област се насочени во два правци: кон одржување на континуитет во работата на оформените социјални сервисни служби (дневни центри) за лица со интелектуална попреченост и кон создавање на услови за промовирање на други видови на сервисни служби.

Еден од дневните центри, во рамките на мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА, е и дневниот центар на ПОРАКА во Радовиш. Овој дневен центар од неговото оформување пред десетина години, па се до денес, опстојуваше во дотраена монтажна барака која во изминатите неколклу години во повеќе наврати претрпуваше санации и адаптации со цел да се обезбеди соодветен простор во кој непречено ќе може да се реализираат програмските содржини. Во 2010 година, Општина Радовиш на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш му додели простории – објект од цврста градба, кој со соодветна адаптација, реновирање и опремување прерасна во соодветен дневен центар.

За таа цел, РЦПИЛП – ПОРАКА заедно со ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, а во соработка со локалната власт во Општина Радовиш (градоначалникот д-р. Роберт Велков и Советот на Општина Радовиш) во изминатиот период успешно соработуваа во реновирање и опремување на новиот објект наменет за дневниот центар на ПОРАКА во Радовиш.

Објектот свечено го пуштија во употреба Министерот за труд и социјална политика, г-дин Спиро Ристовски, и градоначалникот на Општина Радовиш, д-р Роберт Велков на 21.06.2012 година.

Адаптацијата на објектот, реновирањето и опремувањето го поддржаа: Општина Радовиш, РЦПЛИП – ПОРАКА, Рудник “Бучим” – Радовиш, компанијата “Детонит” – Радовиш и неколку фирми од Радовиш со донации во градежни материјали, како и Институтот за човекови права “Лудвиг Болцман” преку проект финансиран од Austrian Development Cooperation и Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија. РЦПЛИП – ПОРАКА обезбеди донации за реновирањето од Inclusion Ireland и од Македонската Амбасада во Хаг – Холандија и Амбасадорот Никола Димитров.

Во наредниот период следуваат активности за уредување на дворното место, со што ќе се заокружи целата активност во однос на оваа сервисна служба.

Scroll to Top
Skip to content