Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар организираше и спроведе низа активности за одбележување на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во периодот од 4-ти до 30-ти ноември траеше конкурсот за ликовни и литературни творби на кој учество зедоа учениците од основното и средното образование на тема: „Не оставајте не сами”. На 3-ти декември, ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во соработка со СОУ „Крсте Петков Мисирков”, основните училишта, а под покровителство на Градоначалникот на Општината, во салата на средното училиште одржа одбележување на тема: “Одржлив развој: Поддршка од технологијата”. На одбележувањето присуствуваа голем број на соработници меѓу кои: претставници од локал-ната самоуправа, училиштата, институции, невладини организации, бизнис секторот, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и други граѓани. Присутните ги поздрави претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, Љубе Димчевски кој ги презентираше активностите на организацијата во изминатата година. Во рамките на програмата за одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост беа прогласени најдобрите литературни и ликовни творби. На наградените им беа доделени дипломи и скромни награди во книги и училишен прибор што ги обезбеди ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и демирхисарските поети и писатели Славко Крстевски, Златко Бошевски, Зоран Котевски, Билјана Солунчевска и Д-р.Менде Солунчевски. ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар додели и благодарници за успешна соработка во остварувањето на програмските активности на организацијата. На крајот присутните имаа можност да ја разгледаат изложбата од ликовни творби изработени од учениците од основните и средното училиште поставена во салата.
Членовите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип, оваа година, 3-ти Декември го одбележаа со посета на Државното средно училиште „ИСКРА” Штип каде дел од членовите го имаат оформено средното образование. На 4-ти декември во своите простории во Заедницата на инвалидски организации, ЦПЛИП – ПОРАКА Штип организираше дружење на членовите на социјалниот клуб. Беше организиран и квиз натпревар за дотогаш стекнатите знаења на лицата со интелектуална попреченост. И на овој ден соработниците, пријателите и поддржувачи дојдоа во посета и донесоа скромни подароци. Претставниците на фабриката за изработка на чевли Баргала а.д. подарија компјутер, а УМС на ВМРО ДПМНЕ печатар. Црквата СВ. Никола и ДСУ ИСКРА, исто така, донесоа пригодни подароци. Одбележувањето на овој ден беше проследен и забележан и од дел од локалните медиуми – ТВ ИРИС.
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Дебар, меѓународниот ден на лицата со попреченост пригодно го одбележа на 2-ри декември. На настанот покрај членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар присуствуваа и соработници од Македонија и Албанија, како и претставници од Хрватската фабрика за шиење на разни производи СИНЕРГА во Струга. Настанот започна со обраќање на претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар, Беким Аме, и секретарот, Малиќ Алајбегу кои го истакнаа значењето на овој меѓународен ден на лицата со попреченост и ги презентираа активностите на организацијата во изминатата година кои беа пропратени со видео презентација. Програмата продолжи со рецитал и песни подготвени од лица со интелектуална попреченост од Дебар и Центар Жупа, а членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар. Во текот на настанот присутните соработници на организацијата, меѓу кои и претставници на локалната самоуправа, го изразија своето задоволство од досегашната соработка со организацијата, но ги презентираа и идните планови за продлабочување на понатамошното заедничко делување со цел унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост на територија на општините Дебар и Центар Жупа. Потоа, во име на компанијата СИНЕРГА- Хорват Загреб, на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар им беа доделени јакни против дожд и маици. На крај, претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар на најзаслужните им додели признанија во знак на благодарност за остварената успешна соработка. Програмата на настанот заврши со тоа што присутните имаа можност да ги разгледаат цртежите изработени од деца со интелектуална попреченост. Настанот го следеа и локалните телевизиски и радиостаници.
Како и секоја година, така и оваа, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица го одбележа меѓународниот ден на лицата со попреченост 3 Декември. Оваа година денот беше одбележан заедно со Црвениот Крст Струмица. Двете невладини организации соработуваа во организирање на хуманитарна приредба која вечерта на 03.12.2014 година (среда) се одржа во Домот на АРМ по повод Денот на лицата со попреченост. Претставниците од овие две организации изложија на продажба рачно изработени честитки и новогодишни украси, а заеднички се потрудија да организираат и богата забавна програма во која настапија млади фолклористи, пејачи и поети. Собраните парични средства од хуманитарната приредба се наменети за лицата со интелектуална попреченост, конкретно, средствата ќе бидат искористени за финансиска поддршка на социјалниот клуб при ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Истиот ден, Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, во Домот на АРМ, пред одржувањето на гореспоменатиот хуманитарен настан, одржа традиционален состанок со лицата со попреченост. На средбата се разговараше за потребите и проблемите со кои се соочува оваа група на граѓани, а кои можат да влезат како предлог во Буџетот на општина Струмица за наредната 2015 година како и за нивна дополнителна инклузивност, социјализација и олеснување на животот. На истиот состанок присуствуваа и членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Посебно тие разговараа и коментираа за условите во Дневниот центар за деца со интелектуална попреченост во Струмица и од страна на Градоначалникот беше кажано дека ќе преземат мерки и активности за да излезат во пресрет на барањата на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица.
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Тетово го одбележа 3 Декември, меѓународниот ден на лица со попреченост со низа активности. На 2-ри декември членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово остварија работна средба со Градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи, и разговараа за проблемите и потребите на лицата со интелектуална попреченост. Истиот ден во Културниот дом „Иљо Антевски – Смок” Тетово, беше отворена изложба на 56 цртежи изработени од 31 ученик од посебните паралелки при основните училишта „Андреја Савевски Ќиќиш” и „Лирија” и од децата од Дневниот центар во Тетово. Организацијата на „Вешта жена” од Тетово преку своите членови, активисти на сите присутни им донесоа разни прехранбени домашни производи – слатки, и разни сокови изработени од рацете на вештите жени. Победничката од годинашниот избор од Вешта жена, Митана Петровска, им подари голема торта на овие деца. На оваа манифестација беше присутна и градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, со своите соработници, која ги поздрави присутните и напомена дека ќе се заложи за подобро утре во сите сфери на животот на лицата со попреченост. Со музика и игра децата се забавуваа и се дружеа два часа.
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје реализираше низа активности со кои го одбележа овогодинешниот меѓународен ден на лицата со попреченост. На 24-ти ноември беше отворена изложбата на ракотворби и изработки од корисниците на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје. Изложбата беше поставена во Факултетот за ликовна уметност, во Сули -Ан Стара чаршија, во периодот од 24.11. до 5.12.2014 година. Оваа активност беше организирана од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА со поддршка на Факултетот за ликовна уметност. Следниот ден членови на Ротари клуб Центар – Скопје го посетија дневниот центар и се запознаа со работата и функционирањето на оваа сервисна служба, како и на организацијата во целина. Ротари клуб Центар – Скопје, воедно донираше прехранбени продукти за потребите на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје. На 26-ти ноември студентите на Факултетот за ликовна уметност – отсек вајарство заедно со корисниците на дневниот центар реализираа работилница на која изработуваа ракотворби по повод новогодишните празници. Учениците од ОУ „Љубен Лапе” ги пречекаа корисниците на дневниот центар на 1-ви декември. и заеднички рекреираа и спортуваа во спортската сала на ова училиште. На покана од Црвениот крст на град Скопје, кој воедно и ја организираше активноста, корисниците на дневниот центар го посетија дневниот центар за церебрална парализа на 3-ти декември. На 5-ти Декември РЦПЛИП – ПОРАКА организираше отворен ден на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје при што присутните имаа можност да се дружат со корисниците на дневниот центар, а со цел да се подигне степенот на познавање и разбирање на потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и да се зголеми свеста за позитивните придобивки од нивното вклучување во секојдневниот живот на заедницата. Во текот на отворениот ден ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје додели благодарници на своите соработници и поддржувачи на работата на организацијата и сервисната служба.
Во одбележувањето на 3 Декември, меѓународниот ден на лица со попреченост, се приклучи и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Крива Паланка. Главната манифестација се одржа во просториите на дневниот центар во Крива Паланка каде присуствуваа голем број на чинители кои делуваат во полето на интелектуалната попреченост, но и други соработници на ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка. Манифестацијата започна со учениците од основните училишта во Крива Паланка и Ранковце кои имаа подготвени програми од ора, песни, драмска секција, читање на лични творби итн. Потоа сите заедно продолжија со дружење, разговор и споделување на различни искуства. ЦПЛИП – ПОРАКА додели и пофалници и дипломи на победниците од претходно спроведениот конкурс за изработка на ликовни творби на тема: „Одржлив развој: Поддршка од технологијата”. Се реализираше и предвидената посета на три семејства кои имаат деца со попреченост, а се редовни ученици во основното образование.
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш реализираше низа активности за одбележување на 3 Декември, меѓународниот ден на лица со попреченост. Програмата за одбележување на овогодинешниот ден ги следеше насоките предложени од Обединетите нации и темата: „Одржлив развој: Поддршка од технологијата”. ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш на локално ниво се обиде да ги афирмира и да ги вклучи лицата со интелектуална попреченост, корисници на дневниот центар, во активности поврзани со образование, култура и социјален живот во средини кои им се пристапни и познати. На 28-ми ноември се организираше посета во работилницата за производство на килими „ДЕКОРТЕКСТИЛ” каде има вработени 80 лица. Корисниците на дневниот центар се запознаа со процесот на производство на килимчиња за молење кои ги употребуваат припадниците на исламската вероисповед и кои се наменети претежно за извоз во Турција и Авганистан. Новоотворената сендвичара „Ри-Хри” на 2-ри декември ги покани корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш да ја посетат оваа сендвичара и да пробаат дел од нивните специјалитети. На 3-ти декември, во просториите на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш се одржа свеченото одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост на кое присуствуваа голем број на соработници и поддржувачи на организацијата и сервисната служба. Во текот на настанот краток осврт за значењето на 3 Декември, меѓународен ден на лицата со попреченост, но и за потребите и можностите на лицата со интелектуална попреченост и нивно вклучување во сите сфери на живеењето даде Татјана Костадинова, социјален работник во Дневниот центар. ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш додели благодарници на поединци и организации кои во изминатата година ги поддржаа програмските активности на организацијата, но и поддршка за функционирањето на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост. Присутни беа локалните медиуми ТВ Кобра и ТВ Еми кои постојано ги следат сите активности и помагаат во транспарентноста на реализирањето на програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш. На 5.12. во посета на дневниот центар беше пратеничката во Собранието на Република Македонија од Радовиш, г-ѓа Нада Ципушева, која се запозна со активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и на дневниот центар, со потребите и проблемите со кои се соочува организацијата во обезбедувањето на континуитетот на работењето на сервисната служба која засега е обезбедена само од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Во изминатиот период беше поставена продажна изложба на рачни изработки и сувенири изработени од корисниците на дневниот центар. Собраните средства ќе бидат искористени за потребите на дневниот центар. Во знак на одбележувањето на 3 Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, а за потребите на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш, Градоначалникот на Општина Радовиш донираше персонален компјутер, Заменик генералниот директор на рудникот „Бучим” донираше два лаптоп компјутери, директорот на „Исхрана-Бучим” подари новогодишна елка која ги краси просториите на дневниот центар, а пак Градоначалникот на Општина Конче донираше материјали за работна окупација на корисниците и канцелариски материјали за работење во дневниот центар.
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Гевгелија оваа година го одбележа 3 Декември, меѓународниот ден на лица со попреченост под мотото: „Одржлив развој: Поддршка од технологијата”. Одбележувањето на овој значаен ден, ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија го започна на 28-ми ноември во просториите на социјалниот клуб со реализирање на работилница за изработка на честитки и украсни предмети. Истиот ден беше спроведена и посета на Метеоролошката станица во Гевгелија каде е вработена членка на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија, преку огласот за вработување на лица со попреченост. Лицата со интелектуална попреченост се запознаа со работата на нивната другарка, но и со функционирањето на метеоролошката станица. На 2-ри декември ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија одржа работен состанок меѓу родителите на лица со интелектуална попреченост и претставници од Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување. На состанокот се разговараше за вклучување на лицата со интелектуална попреченост во сите сфери на живеењето, со особен акцент на темата: “Одржлив развој: Поддршка од технологијата”. Беше истакнато дека развојот на новите технологии влијаат и врз живеењето на лицата со интелектуална попреченост. Поради тоа, треба да им се овозможи пристап до сите нови технологии, вклучително и информациско-комуникациските. На состанокот, исто така, беше нагласено дека работните средини треба да бидат прилагодени, инклузивни и пристапни за лицата со интелектуална попреченост за да можат тие во целост да учествуваат и да придонесуваат со својата работна сила. Сето тоа ќе им овозможи да бидат рамноправни и да се третираат со достоинство и почит. Во рамките на одбележувањето на меѓународниот ден на лица со попреченост се вклучи и локалниот медиум во Гевгелија, кој ги покриваше настаните организирани од страна на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија.
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Виница, по повод 3 Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во соработка со здружението на телесни инвалиди „Мобилност” организираше трибина на тема: „Одржлив развој: Поддршка од технологијата”. Трибината се одржа на 4-ти декември во Домот на Културата во Виница на која присуствуваа голем број на чинители во областа на попреченоста кои делуваат на локално ниво. Присутните дискутираа во однос на прашањата кои ги засегаат лицата со попреченост во општината, проблемите со кои се соочуваат, но и за можностите и начините за надминување на тие потешкотии. Претседателката на Советот на Општина Виница, Благица Андонова, во својата дискусија ги нагласи капацитетите и потенцијалите на лицата со попреченост. Со употреба на вистинските технологии и разумно прилагодување, лицата со попреченост можат во целост да ги извршуваат своите работни задачи. Меѓународниот ден на лицата со попреченост беше искористен и да се потенцира дека асистивната технологија се повеќе наоѓа примена во училиштата поточно во наставата со децата со пречки во развојот. Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница додели благодарници на институции и поединци кои на различен начин ги поддржувале лицата со интелектуална попреченост во изминатата година. Трибината беше медиумски покриена од локалните медиуми.
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп, во ЈОУ Градска Библиотека “Борка Талески” – Прилеп, под мотото “Никој не може да му забрани на сонцето подеднакво да не грее сите” на 2-ри декември одржа трибина на тема “Интеграција на лицата со интелектуална попреченост во општеството”, со цел да го одбележи меѓународниот ден на лицата со попреченост. Секретарот на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп ги поздрави присутните и ги презентираше целите на оваа активност. Асен С. Стаменов, кој воедно е автор на монографијата за ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп, говореше за организацијата, односно нејзините почетоци, работењето, предизвиците, падовите и успесите. Мери Трпеска, дефектолог, ги запозна присутните со здравствениот систем во нашата земја, односно оние делови кои се однесуваат на лицата со интелектуалната попреченост. Подетално говореше за погодностите, ослободувањата, третманите, консултациите и сл. што им се понудени на овие лица, но секако и предизвиците со кои што овие лица се соочуваат после наполнувањето на 26 годишна возраст кога повеќе не се ослободени од здравствена партиципација. Елена Петреска, психолог, даде свое гледиште од професионален и од приватен аспект. Таа нагласи дека лицата со интелектуална попреченост се дел од нашиот живот и секојдневие, а ние треба да ги прифатиме и да се научиме како да ги слушаме нивните потреби. Тие ги имаат истите права како нас, истите потреби, истите желби, а наша обврска е да ги прифатиме овие лица и да помогнеме да тие се чувствуваат дел од општеството. Анета Ристеска, доктор по дефектологија, нагласи дека интелектуалната попреченост не е болест туку состојба. Таа исто така ги потенцираше и предизвиците со кои секое семејство се соочува, и однесувањето на средината и општеството кон овие лица. Како последни свое излагање имаа Снежана Стојкоска и Раде Алјакоски, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп, кои како родители на лица со интелектуална попреченост несебично ги споделија своите животни приказни, секојдневните предизвици со кои се соочуваат и начинот на кој ги поминуваат сите бариери затоа што општеството ги дискриминира и ги деградира овие лица. Трибината беше проследена од локалните медиуми.