ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш со свои активности го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 21.11.2022 година во просториите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш се реализираа две различни креативни работилници со волонтерите од Црвен крст од Радовиш и корисниците на дневниот центар. Првата работилница беше наменета за запознавање со начините на пружање прва помош, а на втората се креираа ракотворби од глина. На 29.11.2022 година корисниците на дневниот центар го посетија ООУ „Никола Карев“ каде заедно со учениците реализираа креативна работилница за изработка на новогодишни честитки. На 2.12.2022 година во просториите на дневниот центар се организираше настан со цел одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. За време на настанот се промовираше видео запис во кој учествуваа дел од корисниците на дневниот центар, а кои беа вклучени во различни активности на општинскиот Црвен крст во Радовиш заедно со останатите волонтери. Исто така, корисниците од дневниот центар заедно со ученици од СОУ „Коста Сусинов“ изведоа две традиционални радовишки детски игри. Во знак на благодарност, ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш додели благодарници на институции и поединци кои во изминатата година го поддржаа функционирањето на дневниот центар.
ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци спроведе неколку активности во рамки на одбележувањето на 3 декември. Претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци остварија средба со Градоначалникот на општина Кавадарци на која се разговараше за потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства на локално ниво. Во просториите на организацијата се реализираше креативна работилница со членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци. Се реализираше и информативна средба на членовите на организацијата со претставници на Центарот за социјална работа со цел информирање за новите законски решенија и антикризните мерки кои ги опфаќаат и лицата со попреченост и нивните семејства. Во спортската сала „Партизан“, се организираа спортско-рекреативни активности. Лицата со интелектуална попреченост, членови на ЦПЛИП -ПОРАКА Кавадарци, имаа можност да играат кошарка, мал фудбал, тегнење јаже, и други спортски и рекреативни игри.
ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје реализираше низа активности. Во периодот од 28.11.2022 до 05.12.2022 година беа поставени изложби и реализирани работилници и отворени часови во соработка со општинските основни училишта „Киро Глигоров“ во општина Центар, „Димитар Беровски“ во општина Ѓорче Петров, „Ѓорѓија Пулевски“ и „Љубен Лапе“ во општина Аеродром. Во соработка со СГГУГС „Здравко Цветковски“ се реализираа заеднички спортски активности. Исто така, се дистрибуираше информативен материјал во општинската зграда на Општина Аеродром и во маркети на Тинекс. Во соработка со МНТ, на 2.12.2022 година, корисниците на дневните центри имаа можност да ја проследат театарската претстава „Лагата“. На 10.12.2022 година беше поставена изложба на инсталации, фотографии, лавиринт сензитивен перформанс и концерт на амбиентална музика со наслов „Чудата во Алиса“. Во истиот учество зедоа корисници на дневните центри на РЦПЛИП -ПОРАКА во Скопје заедно со училишни деца со типичен и атипичен развој од училиштата на територијата на Општина Ѓорче Петров.
ЦПЛИП – ПОРАКА Штип одбележувањето на 3 декември го реализираше во соработка со голем број чинители во општина Штип. На 22.11.2022 година, патронажни сестри од ЈЗУ Здравствен дом „Д-р Панче Караѓозов“ извршија систематски преглед на корисниците на дневниот центар. На 28.11.2022 година, во соработка со НУ – УБиблиотека „Гоце Делчев“ се реализираше креативна работилница на која учествуваа корисниците во дневниот центар и ученици од ООУ „Гоце Делчев“. На 29.11.2022 година во соработка со СОУ „Коле Нехтенин“, ЦПЛИП – ПОРАКА Штип реализираше работилница на тема кулинарски вештини. На 30.11.2022 ЦПЛИП – ПОРАКА Штип во соработка со Центар за социјална работа, организираше трибина од информативен карактер во однос на законските можности. На 2.12.2022 година, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип имаа средба со Градоначалникот на општина Штип на која се разговараше за актуелните потреби и проблеми со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства на локално ниво. На 3.12.2022 година членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип реализираа посета на ДСУ за образование и рехабилитација „Искра“. На 6.12.2022 година, дневниот центар реализираше заедничка активност со Б-Фит и детската градинка КАМП. Корисниците имаа можност да поминат ден во природа и да научат нешто повеќе за природната средина. На 7.12.2022 година, ЦПЛИП-ПОРАКА Штип во соработка со НУ-УБиблиотека „Гоце Делчев“ Штип и Домот на култура „Злетовски Рудар”- Пробиштип реализираше изложба на дела во арапска техника на Верче Андонова, член на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. Следеше и креативна работилница на која покрај корисниците на дневниот центар учествуваа и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип. На 8.12.2022 година, ЦПЛИП – ПОРАКА Штип на социјалните медиуми промовираше краток видео запис со наслов „Ви праќаме убава ПОРАКА“.
ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар со неколку активности го одбележа 3 декември. Во периодот од 20-ти октомври до 20-ти ноември 2022 година организираше конкурс за литературни и ликовни творби, на кој учествуваа ученици од основните и средните училишта во општината. На 2.12.2022 година во присуство на претставници на локалната самоуправа, институции на локално ниво, здруженија на граѓани и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар се одржа настан за одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост. Како израз на признание и во знак на успешната соработка и придонес во остварувањето на програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, беа доделени благодарници. Во текот на овој настан се прогласија најдобрите од спроведениот конкурс за литературни и ликовни творби. На крајот се отвори изложбата на која беа претставени делата на сите ученици на овој конкурс.
ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост организираше низа активности. На 30.11.2022 година беше организирано поетско читање со членови од Клубот на литературни творци од Прилеп, ученици од ООУ „Добре Јованоски“ и корисници од социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола. Читајќи ги своите творби, творците беа придружувани на гитара од еден од корисниците на дневниот центар. Корисниците на дневниот центар на 1.12.2022 година ја посетија стоматолошката ординација „Д-р Калцоски“, каде им беше овозможен бесплатен стоматолошки преглед, а воедно и беа запознаени од важноста за грижата на забите. На 1.12.2022 година, корисниците беа во посета на козметичкото студио „Галакси“ во Прилеп каде имаа можност да слушнат за важноста од секојдневната нега на кожата и да им биде направен третман по нивен избор. На 2.12.2022 година, корисниците на дневниот центар ја посетија биохемиската лабораторија Максим. Вработените во лабораторијата ги запознаа корисниците со нивната работа, а по добиените резултати од направената крвна слика, секому посебно му дадоа совети за понатамошна грижа за здравјето. На 5.12.2022 година, градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, заедно со претставници на локалната самоуправа и директорот на ЈКП Комуналец беа во посета на дневниот центар и се запознаа со дел од секојдневните активности во дневниот центар. Воедно, посетата се искористи да се поразговара и за потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост на локално ниво. На 6.12.2022 година, корисниците на дневниот центар ја посетија лабораторијата во ЈКП „Водовод и Канализација“ и имаа можност да погледнат како се прави хемиска анализа на водата за пиење.
ЦПЛИП – ПОРАКА Делчево меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа со неколку активности во реализација со останатите чинители на локално ниво. На 2.12.2022 година во просториите на дневниот центар за лица со попреченост во Делчево се реализираше уметнички настан на кој учествуваа и ученици од основните училишта во Делчево. Учесниците рецитираа песни, твореа и се претставија со неколку традиционални народни ора. На 3.12.2022 година во Домот на културата во Делчево се реализираше ликовна колонија на која се изложија уметничките творби. Оваа активност се реализираше во соработка со Домот на културата и основните училишта.
ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица оваа година го одбележа 3 декември со низа активности. Централна активност беше кампања за унапредување на безбедноста на лицата со попреченост во сообраќајот. Активностите беа во насока на едукација и подигање на свеста за одговорно учество во сообраќајот. За целите на кампањата, најпрво беа изработени флаери од страна на корисниците на социјалниот клуб, а наменети за возачите и учесниците во сообраќајот, кои на 3 декември беа дистрибуирани. Во рамки на промотивната кампања беше презентиран и видео спот. Со видеото беа пренесени пораки и совети за совесно и одговорно однесување на сите учесници во сообраќајот. Третата активност која се реализираше беше заеднички настан-базар во НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, преку кој беше одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а воедно беше презентирана и Платформата за инвестиции на заедницата www.cip.mk. На настанот беа претставени ракотворби, новогодишни украси и други креации со новогодишни мотиви, изработени од членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Настанот беше од јавен карактер, со кратка културна програма, а присутните, за симболична сума, можеа да ги купуваат ракотворбите и украсите, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за набавка на материјали за работа во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица. Како четвртата активност по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во просториите на социјалниот клуб се реализираше заедничка креативна работилница за рачни изработки на новогодишни честитки и цртежи со учениците од ООУ „Никола Вапцаров“ – Струмица.
ЦПЛИП – ПОРАКА Битола реализираше неколку активности со кои го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во соработка со СОУ „Таки Даскало“, корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола заедно со ученици од текстилната струка спроведоа иновативно-инклузивна работилница на која изработуваа накит од текстилни материјали. Во соработка со доброволното противпожарно друштво Архангел беше реализирана работилница на која корисниците на социјалниот клуб имаа можност да слушнат за превентивната заштита од пожари. Корисниците ја посетија и противпожарната станица во Битола, каде се запознаа со противпожарната опрема и средствата за гаснење пожари. ЦПЛИП – ПОРАКА Битола организираше отворен ден во просториите на социјалниот клуб, на кој присутните имаа можност да се запознаат со активностите кои се реализираат во социјалниот клуб, но и оние кои ги реализира ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. Дел од корисниците на социјалниот клуб зедоа учество во поетско читање со литературните творци во Прилеп, настан кој беше организиран од ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп. На 5.12.2022 година, во спортската сала на ООУ „Трифун Пановски“ – Битола, беше организиран спортско-инклузивен настан „Игри без граници“ во кој покрај членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, учество зедоа и повеќето од училиштата во општина Битола. На настанот присуствуваше и градоначалникот Тони Коњановски кој истакна дека како општина и понатаму ќе даваат поддршка на лицата со попреченост, со цел да се овозможат подобри услови за секојдневното живеење на лицата со попреченост. Покрај градоначалникот, присутни беа и претставници од институциите на локално ниво, родители на лица со интелектуална попреченост, како и соработници на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. На настанот се доделија благодарници на соработниците, кои изминатата година го поддржаа работењето и активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. Се спроведоа и креативно-инклузивни работилници со ООУ „Трифун Пановски“ и ООУ „Тодор Ангелевски“, потоа учество на новогодишен базар во општина Новаци, како и крводарителска акција.
ЦПЛИП – ПОРАКА Виница по повод 3 декември реализираше неколку активности. На 29.11.2022 година ЦПЛИП – ПОРАКА Виница организираше посета на сограѓани корисници на Специјален Завод Демир Капија и станбените единици. Во исто време во тек е собирна акција на облека, обувки и постелнини кои ќе бидат наменети за корисниците на Специјален завод Демир Капија. На 2.12.2022 година Прогресив Академија и компанијата ВИНЧИНИ, заедно со Музеј ТЕРАКОТА Виница организираше дружење со ликовна изложба од проектот Ликовна Колонија 2022. На настанот се реализираа спортски игри и дружба меѓу корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница, корисниците на дневниот центар во Виница и младинската организација на ОО Црвен крст Виница. Во соработка со Младинската организација на Црвениот крст во Виница се реализираа креативни работилници за изработка на ракотворби. На 7.12.2022 година се оствари работна средба со градоначалникот на општина Виница, Миле Петков. На состанокот се разговараше за изнаоѓање решение за проблемите со просторните можности со кои се соочува ЦПЛИП -ПОРАКА Виница.
ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица по повод одбележувањето на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост реализираше неколку активности. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица го посетија шаховскиот клуб „Каменица Саса“ каде имаа можност да се запознаат со шаховската игра. Потоа следеше и посета на пингпонгарскиот клуб „Саса“. Лицата со интелектуална попреченост заедно со членовите на клубот одиграа неколку игри пинг-понг и го почувствуваа натпреварувачкиот дух. На 2.12.2022 година се организираше културно-забавен настан во просториите на КИЦ Романса на кој членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица ги покажаа своите уметнички таленти. На настанот присуствуваа градоначалникот на општина Македонска Каменица, претставници на локалната самоуправа и претставници на рудникот Саса.
ЦПЛИП – ПОРАКА Велес реализираше неколку активности за одбележување на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост. Активности на тема „И отпадот може да биде користен“ започнаа со реализација во месец ноември, во ОУРЦ „Маца Ѓ. Овчарова“-Велес. Учениците се запознаа со процесот на рециклирање и реупотреба на материјалите за отпад. Се спроведоа и неколку акции за собирање на капачиња, шишиња, стари материјали. Потоа следеа и инклузивни работилници за изработка на слики и други експонати од материјали за отпад. Дел од активностите беше и подготовка на видеа за процесот на изработка на експонатите од материјали за рециклирање. Целта на овие активности коишто по повод 3 декември започнаа токму со учениците со попреченост од ОУРЦ „Маца Овчарова“-Велес е да се прошират во сите училишта во Општина Велес. Преку дистрибуција и презентација на видеата до училиштата, сите ученици да се вклучат во собирни акции и изработка на експонати од отпаден материјал, активностите да се одвиваат во текот на цела година, а наредниот 3 декември 2023 година да има изложба на сите изработки и најдобрите да бидат соодветно наградени.
ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка со неколку активности го одбележа меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во месец ноември беше реализиран конкурс за уметнички и литературни творби на кој учествуваа основните училишта во Крива Паланка и Ранковце. На 2.12.2022 година во просториите на дневниот центар за лица со попреченост во Крива Паланка се одржа настан на кој се говореше за значењето на меѓународниот ден на лицата со попреченост, како и за активностите кои ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка ги реализираше во измината година. Воедно, на настанот се доделија и наградите за најдобрите три уметнички и литературни творби.
ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово во соработка со останатите чинители на локално ниво реализираше неколку активности по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 2.12.2022 година во ООУ „Лирија“ се говореше за значењето на 3 декември како Меѓународен ден на лицата со попреченост, а потоа Театарот Пинокио одигра претстава за учениците и нивните родители. Се организираше и изложба на уметнички творби изработени од учениците. И учениците од ООУ „А.С. Ќикиш“, на 2.12.2022 година, се претставија со изложба на уметнички творби и културно уметничка програма во своето училиште. Исто така, и во дневниот центар за лица со попреченост се организираше настан за одбележување на 3 декември, при што се претставија творбите на корисниците и се разговараше околу правата на лицата со попреченост.