Активности на локалните организации на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА, по повод 3 декември, меѓународен ден на лицата со попреченост

По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар активностите ги започна во октомври кога распиша конкурс за ликовни и литературни творби на тема „Поддршката ваша – среќна иднина наша“ за учениците од основното и средното образование. На 25-ти ноември се одржа работилница на тема: „Остварување на правата и заштита на лицата со попреченост“ на која учествуваа претставници на државните институции на локално ниво, родители на лица со интелектуална попреченост и други заинтересиран и граѓани. На работилницата се разговараше на теми од областите на здравствена заштита и осигурување, вработување, социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување, а се однесуваат на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. На 3-ти декември во Домот на пензионерите, Демир Хисар, а со поддршка на Општината, се одржа настан за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост на кој присуствуваа претставници од институциите кои делуваат во областа на попреченоста, родители на лица со интелектуална попреченост, соработници на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и други чинители на локално ниво. Покровител на настанот беше градоначалникот на општина Демир Хисар, г-н Никола Најдовски. Градоначалникот Најдовски изрази јавна и срдечна благодарност, пред сѐ, за укажаната чест да биде дел од овој настан, не само како покровител, туку и како човек кој секогаш ја дава поддршката во креирање на инклузивни и сеопфатни мерки и активности кога е во прашање интеграцијата на лицата со попреченост. На настанот беа доделени награди и признанија на ученици од основните училишта, како и на ученици од средното училиште за ликовни и литературни творби. А, како израз на признание и во знак на успешна соработка и придонес во остварувањето на програмата за работа, ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, додели благодарници до јавни установи и претпријатија, како и до истакнати поединци – соработници.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш со низа активности го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 28-ми ноември корисниците на дневниот центар ја посетија фурната „Долче Вита“ и имаа можност да се запознаат со начинот на изработка на прочуениот традиционален радовишки сомун во фурна. Голема благодарност до семејството Чешмеџиеви кои беа одлични домаќини, но, исто така, и на доставата на нивниот специјалитет, кој корисниците го вкусија во дневниот центар. На 2-ри декември се одржа ликовна работилница со ученици од СОУ „Коста Сусинов“ во просториите на дневниот центар во Радовиш на која се изработуваа разни новогодишни украси и сувенири. На 3-ти декември, во просториите на дневниот центар се одржа настан за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост на кој присуствуваа поддржувачи и соработници на дневниот центар и на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш. На почетокот од настанот, на присутните им се обрати претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, г-ѓа Виолетка Србакова, изразувајќи голема благодарност на поддржувачите на дневниот центар, а за активностите на дневниот центар краток осврт даде Татјана Костадинова. Следеше претпремиера на театарската претстава „Трите прасиња“ во која актери се корисници од дневниот центар на РЦПЛИП -ПОРАКА во Радовиш и ученици од СОУ „Коста Сусинов“. На крајот од настанот се доделија благодарници на општествени институции, образовни институции и поединци кои во текот на минатава година дадоа поддршка на функционирањето на дневниот центар и помогнаа во реализирањето на активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш. На 7-ми декември се одржа традиционалниот хуманитарен настан „Радовишка етно софра“ во организација на „ВЕРИЦА“, при што собраните средства од лицитацијата на специјалитети на радовишката кујна ќе бидат наменети за корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП -ПОРАКА во Радовиш, како и за две лица од Радовиш на кои им е потребно лекување во Турција.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Битола, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост организираше промоција на инклузивна литературно—ликовна збирка. Настанот за промоцијата на збирката „Мостови на другарство“ се одржа на 5-ти декември во Центарот за култура – Битола. Настанот го водеше г-ѓа Николина Ѓуровска, професорка во СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ Битола, а учествуваа 10 корисници на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола и 6 ученици од СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“. Исто така, се презентираа и ликовните творби изработени од корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола и ученици од основни училишта во Битола кои се најдоа на страниците од збирката. Градоначалникот на општина Битола, д-р Тони Коњановски, присуствуваше на промоцијата и повторно ја изрази својата и поддршката на општината за унапредување на состојбите на лицата со интелектуална попреченост на локално ниво, како и на активностите кои ги реализира ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. На крајот од настанот, се доделија благодарници на авторите на литературните творби во збирката, како и на поддржувачи и соработници на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола кои изминатава година придонесоа за успешно реализирање на програмските активности на социјалниот клуб и на организацијата.

По повод  Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп  организи-раше низа активности. На 28-ми ноември се реализираше креативна работилница со ученици од основното училиште „Јонче Смугрески”- село Обршани. Работилницата се одржа во просториите на дневниот центар каде со користење на најразлични материјали и техники се изработуваа новогодишни изработки. На 1-ви декември корисниците на дневниот центар и едукаторот гостуваа на поткаст-емисијата „Пулсот на младите”. Како гости, корисниците и едукаторот имаа можност да ја раскажат нивната приказна и искуствата кои ги носат во себе. Сите заедно испратија важна порака дека сите сме подеднакво вредни. На 2-ри декември со членови и ветерани од џудо клубот Сејшин се реализираше инклузивна активност – пешачење до манастирот Покров на Пресвета Богородица, село Волково. На 3-ти декември, корисниците на дневниот центар учествуваа на инклузивен настан во киното „Мис Стон”, организиран од страна на Општина Прилеп и Општинското инклузивно тело. Дел од корисниците со рецитал учествуваа во настанот, додека останатите корисници им дадоа поддршка. На 5-ти декември корисниците на дневниот центар во Прилеп учествуваа на инклузивен настан организиран од „Интеракт клуб“ при СОУ „Мирче Ацев” во Прилеп. Целата програма беше збогатена и со музички дел кој го изведуваа неколку ученици од средното училиште, но и дел од корисниците имаа можност да го покажат својот талент преку пеење песни. На 9-ти декември традиционално и оваа година корисниците на дневниот центар ја посетија биохемиската лабораторија „Максим”. Корисниците имаа можност да разгледаат најразлични апарати за обработка на крв и да се запознаат со процесот на изработка на резултати. Традиционално и оваа година корисниците на дневниот центар направија рутински стоматолошки преглед во стоматолошката ординација „Д-р Калцоски”. Корисниците имаа можност да разговараат, да се дружат и да добијат совети за одржување здрава насмевка од д-р Трајче.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Македонска Каменица, овогодинешното одбележување на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа со средба со градоначалничката на општина Македонска Каменица. На средбата, која се одржа во нејзиниот кабинет, се разговараше за потребите на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства на локално ниво, како и за потешкотиите со кои тие се соочуваат во нивното секојдневно живеење. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица присуствуваа на хуманитарен настан кој се одржа на 6-ти декември, а во организација на здружението „Бели Гулаби“ и општина Македонска Каменица во соработка со рудникот Саса.

Имајќи ја предвид овогодинешната тема на ОН за одбележување на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Велес, оваа година организираше работилница со млади средношколци, вклучени во програмата Access English Microscholarship. Оваа програма е едукативно-образовна, и е наменета за изучување на англискиот јазик и американската култура, а се реализира во СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес. Во рамките на оваа програма, се обработуваат и теми поврзани со значајни меѓународни денови како што е Меѓународниот ден на лицата со попреченост. За таа цел се организираше интерактивна работилница, а ја водеше претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес, г-ѓа Весна Басаров. Во текот на работилницата учесниците имаа можност да се запознаат со значењето и историјатот на овој меѓународен ден, но и преку разни видови на интерактивни активности, поделени во групи, учениците се запознаа со различни видови на попреченост и како тие влијаат на секојдневниот живот на овие лица. Споделија лични искуства, научија неколку славни личности, кои и покрај попреченоста, успеале да достигнат успешна кариера и светска слава и добија „домашна задача“ во текот на наредниот период да погледнат неколку филмови во кои се опишуваат животите на лица со попреченост. Притоа, секој од нив, во текот на наредниот период, треба да размисли со какви сè препреки се соочуваат лицата со попреченост во нашето опкружување и да дадат идеи како тоа може да се надмине.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Виница спроведе низа активности за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Една од нив беше и средбата со градоначалникот на Општината на која се разговараше за потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства на локално ниво. По повод 3 декември, се реализираа и работилници со учениците од СОУ „Ванчо Прке“ и волонтери од младинската организација на Црвен Крст – Виница на кои се изработуваа рачни изработки во духот на новогодишните и божиќните празници. Членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница и волонтери од Црвен Крст – Виница реализираа посета на дневниот центар во Виница за време на која се спроведе и работилница за изработка на украсни свеќи. Претставници на Мак Прогрес – Виница го посетија социјалниот клуб во Виница и на корисниците и подарија пакети со нивни производи. За време на посетата, сите заедно ја украсија и новогодишната елка во социјалниот клуб. На 4-ти декември, во општина Виница се одржа ко-дизајн работилница како дел од програмата URBACT Pioneers Accelerator, на која присуствуваа и претставници од ЦПЛИП – ПОРАКА Виница, посветена на уредување на Градскиот парк и развој на инклузивни, безбедни и функционални јавни зелени простори кои би биле пристапни за лица со попреченост.

По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип спроведе активности кои се осврнуваат на овогодинешната тема предложена од Обединетите нации. На 26-ти ноември во просториите на Заедницата на инвалидски организации (ЗИО) во Штип, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип зедоа учество на креативна работилница на која, покрај нив, учествуваа и претставници од останатите организации членки на ЗИО. На работилницата се изработуваа фигури од гипс кои, потоа, се подарија на ДСУРЦ „Искра“.  Во соработка со библиотеката НУУБ „Гоце Делчев“ беше одржана инклузивна работилница со корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип и ученици од ООУ „Гоце Делчев. Учесниците изработија постер со обоени отпечатоци од дланки и пораки за солидарност напишани на балони. На 3-ти декември се одржа спортско рекреативен настан во спортската сала „Јордан Мијалков“, кој беше поддржан од општина Штип. На овој настан, покрај останатите, учество зедоа и корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. Настанот беше збогатен со програма подготвена од учениците при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ Штип. За време на овој настан учесниците се натпреваруваа во различни спортски игри. Градоначалникот на општина Штип, г-н Иван Јорданов, додели вредносни ваучери кои се наменети за потребите на центрите кои зедоа учество на настанот. На 4-ти декември се одржа инклузивна работилница со корисниците на дневниот центар и учениците од насоката за физиотерапевти при СОУ „Јане Сандански“. Учениците демонстрираа практични вежби, внимателно прилагодени на потребите на корисниците, а со цел подобра подвижност, функционалност и општа психофизичка благосостојба. На 11-ти декември се одржа работилница со претставници од  Заедницата на Хрвати Либертас од Штип. Овој настан претставува уште еден пример за важноста на меѓусебната соработка, поддршка и поврзување меѓу заедниците. На 17-ти декември ЦПЛИП – ПОРАКА Штип потпиша Меморандум за соработка со ДСУРЦ „Искра“ – Штип со кој се утврдуваат идни заеднички активности преку координирано делување. По попишување на меморандумот, беше организирана заедничка активност во духот на новогодишните празници. На 19-ти декември корисниците на дневниот центар ја посетија фабриката Adient Seating Stip. За време на посетата, корисниците имаа можност да прошетаат низ фабриката, да погледнат дел од производството и да се запознаат со работата на оваа фабрика.

Следејќи ги препораките на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и на Обединетите нации, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје реализираше голем број активности. На 26-ти ноември, со цел запознавање со лицата со интелектуална попреченост, еден од едукаторите и неколку корисници во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, Аеродром, остварија средба со ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“. На средбата учениците имаа можност да слушнат и директно да разговараат со едукаторот и со лицата со интелектуална попреченост за нивните можностите и потенцијали, како и за најчестите предрасуди поврзани за овие лица. На 28-ми ноември се реализираше заедничка работилница во СУГС „Владо Тасевски“, на која корисниците на дневниот центар во населба Аеродром, заедно со ученици од ова училиште го декорираа училишниот двор и ја китеа новогодишната елка. Исто така, на 28-ми ноември се реализираше работилница на која учествуваа корисници на дневниот центар во населба Капиштец и  ученици од СУГС „Лазар Танев“. Работилницата се одржа во просториите на училиштето, при што учесниците подготвија компот од сезонско овошје. На 2-ри декември, во просториите на СГГУГС „Здравко Цветковски“ се одржа инклузивна работилница посветена на поттикнување на креативноста и заедништвото меѓу ученици од ова училиште и корисници на дневните центри во Скопје. На работилницата учесниците имаа можност да се изразат преку цртање, пеење, изработка на новогодишни украси и рачно направени музички инструменти. На 3-ти декември ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје одржа отворен ден во дневниот центар во Аеродром и ја одбележа 25-годишнината од формирањето на овој дневен центар. За таа цел, беше реализирана и заедничка работилница со учениците и дел од стручниот тим на СУГС „Владо Тасевски“. На 4-ти декември, во просториите на СУГС „Марија Склодовска – Кири“, се реализираше креативна работилница на која корисниците на дневниот центар во населба Аеродром и ученици од ова училиште изработуваа новогодишни честитки. На 5-ти декември, во центарот Rainbow Relax Kids, корисниците на дневните центри имаа можност да се запознаат со чекорите за релаксација и можноста за креативно изразување. На 11-ти декември во посета на дневниот центар во населба Капиштец беа проф. д-р Ладислав Цветковски и г-ѓа Ана Цветковска Панова, кои донираа магнетна табла која ќе се користи за спроведување на програмските активности во дневниот центар. Донатор е г-ѓа Вера Жерјул, пензиониран педагог од Трст, Италија, а во сеќавање на г-ѓа Марија Грација Цветковска, една од најистакнатите преведувачки на италијанска литература во Македонија. На 19-ти декември во ООУ „Александар Македонски“, се потпиша Меморандум за соработка и беше реализирана креативна работилница на која учесниците изработуваа новогодишен плакат.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Кавадарци, го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост согласно насоките и темата предложени од Обединетите нации. За таа цел, се реализираа неколку средби со институциите на локално ниво кои делуваат во областа на попреченоста, и други чинители во општина Кавадарци, на кои се говореше за потребата од активно учество на лицата со интелектуална попреченост во животот на заедницата.  Исто така, се реализираше и работилница во Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци на која корисниците ги изразија своите уметнички способности. Членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци присуствуваа на настанот „Подај рака“ кој беше организиран по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост и  50 годишнината од формирањето на посебната паралелка при ООУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци зедоа учество и настан организиран по повод европската кошаркарска недела што се одржа во Скопје.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Гевгелија по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост реализираше неколку активности. На 2-ри и 4-ти декември, се спроведоа заеднички работилници со младите волонтери од Клубот на млади при ОО Црвен крст – Гевгелија. На истите, корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија со помош на волонтерите  направија повеќе рачни изработки и честитки со мотиви од Нова година. Овие изработки ќе бидат претставени на новогодишниот базар во Гевгелија. Исто така, беше реализирана обука по прва помош во просториите на ОО Црвен крст – Гевгелија за членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија. Обуката ја водеше Душко Јанев, член на Клубот на млади и студент на Медицински факултет – Скопје. Оваа обука е од исклучително значење за родителите на лица со интелектуална попреченост имајќи предвид со какви ситуации и предизвици се соочуваат во нивното секојдневие.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица го одбележа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост со неколку активности. Корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП -ПОРАКА во Струмица го посетија музичкото училиште „Боро Џони“ каде имаа можност да пробаат да свират на различни музички инструменти, да учествуваат во мала музичка работилница и да се приклучат во заедничка музичка изведба. Корисниците на социјалниот клуб, исто така, беа во посета на Млекара Јока, долгогодишен пријател и поддржувач на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. За време на посетата, корисниците имаа можност да се запознаат со начинот на производство на млеко, јогурт и други производи од млеко. Воедно се разговараше и за здравата исхрана и грижата за сопственото здравје преку умерена и урамнотежена исхрана. На покана на вработени во градината „Цвет“ во село Владевци, корисниците на социјалниот клуб имаа можност да ја посетат оваа градина и да поминат интересен и едукативен ден. Во рамки на посетата се одржа мала работилница на која беа презентирани различни видови на цвеќиња, основни техники и методи за садење, растење и наводнување и како тие се пакуваат и подготвуваат за понатамошна дистрибуција до цвеќари за продажба.

Scroll to Top
Skip to content