Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА

Одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост на локално ниво

По повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш, на 2-ри декември доби донација од облека и обувки, организирана од невладината организација “Младински совет. Истиот ден беше донирана облека и од модната конфекција “Суперхит”, која е намената за корисниците на дневниот центар во ПОРАКА Радовиш. На 3-ти Декември, во просториите на дневниот центар, ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На одбележувањето присуствуваа Градоначалникот на Општина Радовиш, претседателот на Советот на Општина Радовиш, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, претставници од други невладини организации и локалните ТВ и радио медиуми. На овој настан, претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш го истакна значењето на овој ден, но и направи ретроспектива на работењето на дневниот центар како сервисна служба и позитивните резултати од нејзиното функционирање за корисниците и за семејствата.

Градоначалникот на Општина Радовиш даде ветување за подобрување на условите за работа и финансирање на работата на дневниот центар. Воедно, тој донираше и трпезариска маса наменета за потребите на дневниот центар.

Исто така, корисниците на дневниот центар се претставија со свои изработки на ликовна изложба која беше организирана во просториите на Центарот за култура во траење од седум дена.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на 2-ри декември одржа трибина на тема: “Проблемите, потребите и правата на семејствата и лицата со интелектуална попреченост”. На трибината учествуваа Градоначалникот на Општина Прилеп, претставници од релевантни институции во општината, невладини организации и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп. Во текот на трибината се дискутираше за сите сфери во кои лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства наидуваат на потешкотии. Се говореше за образованието и вработувањето на лицата со интелектуална попреченост. Се истакна и обесправеноста на биолошките семејства на лицата со интелектуална попреченост во однос на згрижувачките семејства. Исто така, се дискутираше и за потешкотиите на кои наидуваат овие лица во здравството и остварувањето на правата од Законот за социјална заштита.

По повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица организираше посета на ПОУ “Св. Климент Охридски” во с.Ново Село во која учествуваа децата кои го посетуваат Социјалниот клуб во Струмица, нивните родители и волонтери. Домаќините, пак, ги пречекаа со организирана музичка приредба. Потоа, се одржа и средба со членовите на Здружението на глуви и наглуви лица во Струмица. Одбележувањето на денот заврши со средба организирана од страна на Градоначалникот на Општина Струмица која се одржа во просториите на Домот на АРМ. За време на оваа средба родителите на лица со интелектуална попреченост имаа можност повторно да ги актуелизираат потребите и потешкотиите со кои се соочуваат нивните деца и тие самите, но и да го истакнат своето задоволство од работата на Социјалниот клуб кој делува во рамките на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Виница, по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во просториите на Домот на култура “Тошо Арсов” организираше одбележување на денот со програма подготвена од учениците од посебната паралелка при ЦОУ “Кочо Рацин” од с.Блатец и ОУ “Славчо Стоименски” од Виница. Воедно, беше организирана и мала изложба и приредба. Потоа следеше дискусија на која присутните, како и родителите на лицата со интелектуална попреченост, но и самите лица, имаа можност да ги изнесат проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Овој настан медиумски го проследија печатен и телевизиски медиум.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Куманово, по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лица со попреченост реализираше неколку активности. Корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Куманово беа на прием кај Градоначалникот на Општина Куманово. На 4-ти декември, по повод двегодишнина од функционирањето на дневниот центар, ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово организираше промоција на документиран видео материјал за работата на дневниот центар. Промоцијата беше организирана под покровителство на Градо-началникот на Општина Куманово. За време на овој настан се доделија и благодарници на сите поддржувачи на организацијата и на дневниот центар во текот на 2008 година. На 5-ти декември, претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА и претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово беа поканети на емисијата Монитор во локалната телевизија Нова. Емисијата беше на тема “Правата на лицата со интелектуална попреченост”. Во текот на емисијата беше презентиран и видео материјалот за работата на дневниот центар – ПОРАКА Куманово.

Scroll to Top
Skip to content