Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ) во периодот јуни 2017 – јули 2018 година работеше на имплементација на проект за зајакнување на капацитетот на членките на НСИОМ со поддршка од УНИЦЕФ. Проектот е дел од активностите кои Европскиот форум за попреченост – ЕДФ ги реализира како партнер во поголем регионален проект на УНИЦЕФ со наслов „Заштита на децата од насилство и промовирање на социјална инклузија за деца со попреченост во Западен Балкан и Турција”. Претставник на РЦПЛИП – ПОРАКА во име на НСИОМ ги координираше проектните активности.
Во рамките на проектот, НСИОМ ги организираше предвидените четири работилници за обука наменети за зајакнување на капацитетот на неговите организации – членки. Првата работилница „Човекови права и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост”, се одржа во Скопје, од 24 до 26 септември 2017 година. ЕДФ ги овозможи обучувачите Јанина Арсењева – експерт за Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и Гунта Анка – Генерален секретар на ЕДФ. Втората работилница „Мониторинг на обврските за човекови права” се одржа во Скопје, од 10 – 12 септември 2017 година, а обучувач повторно беше експертот Јанина Арсењева.
Овие две работилници им понудија можности на учесниците за појасно разбирање на пристапот кон попреченоста заснован на човекови права и на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, подобрување на способностите за критичка оцена на националното законодавство и политиките во однос на Конвенцијата и користење на Конвенцијата при стратешко застапување. Исто така, подобрување на капацитетот за промоција на пристапот заснован на човекови права и зголемено знаење за рамките и методологиите за процесот на мониторинг во однос на човековите права на лицата со попреченост.
Третата работилница „Планирање на инклузивни заедници” се одржа во Скопје од 11 до 13 мај 2018 година. Обучувач беше Радош Керавица, експерт за локални акциони планови за попреченост во регионот на Западен Балкан. Оваа обука беше фокусирана на процесот на децентрализација, одговорностите на локалните власти и локалните акциони планови за попреченост. Се фокусираше и на создавање коалиции со чинителите и како да се воспостави соработка со локалните самоуправи.
Четвртата работилница „Инклузивно образование – квалитетно образование за сите” беше организирана во Скопје, од 8 до 10 јуни 2018 година. Обучувачи беа Лилјана Симиќ и Сања Милорадовиќ, консултанти за инклузивно образование со големо регионално искуство. Работилниците беа насочени кон зголемување на знаењето на учесниците за процесот на инклузивно образование, вклучувајќи ја основната филозофија, елементи и фази, концептуалната рамка и практични прашања кои влијаат на имплементацијата на инклузивното образование. Исто така, обуката беше насочена и кон подобрување на способностите на учесниците да се залагаат за потребните решенија во областа на образованието на децата и лицата со попреченост, во согласност со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.