По повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, Националниот совет на инвалидски организации на Република Македонија во соработка со своите организации членки одржа тематска расправа на тема „Трансформација кон одржливо и прилагодливо општество за сите “. Трибината се одржа на 3 декември во просториите на Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз”. На конференцијата присуствуваа претставници на поголем број државни и локални институции, невладини организации и заинтересирани граѓани, вклучувајќи ја Мила Царовска, Министер за труд и социјална политика, која вети дека државата ќе биде посветена на реализација на актив-ностите кои се во насока на подобрување на животот на лицата со попреченост.
– Важно е денеска да го одбележиме денот, но уште поважно е 365 дена во годината да мислиме како да го подобриме живеењето на лицата со попреченост. Како министерка одговорно тврдам дека секој ден сме чекор поблиску до реализација на вашите права. Долги години сме сведоци дека нашите сограѓани кои се соочуваат со попреченост беа дискриминирани, немаа пристап до соодветни здравствени и образовни услуги и немаа пристап до вработување и сето тоа поради негрижата на државата. Но, тоа се менува бидејќи оваа Влада е инклузивна и секојдневно дискутира со вас за вашите проблеми – порача министерката Царовска.
Таа потсети дека уште во првите месеци од доаѓањето на новата Влада направени се законски измени со кои се олеснети одредени пристапи до права на лицата со попреченост. Со закон е регулирана персоналната асистенција во Македонија, а министерката најави дека во процес на подготовка е и програма која треба да стане реалност во 2018 година.
Во рамките на темата на конференцијата свои видувања дадоа претседателите на организациите членки на НСИОМ. Претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски говореше за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.