Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје
Активностите во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се реализираат согласно предвидените програми за работа насочени кон стекнување вештини за самостојно живеење. Покрај овие секојдневни активности се реализираа и низа креативни работилници. Дел од нив беа за одбележување на Велигден. Со корисниците се работеше на разбирање на велигденскиот пост, неговото траење и разликување на храна од животинско и растително потекло. Се реализираа работилници во кои беа изработувани велигденски корпи, венци и бројни велигденски декорации изработени од комбинирани материјали. Корисниците засадија и велигденско жито и повторно имаа можност да го набљудуваат процесот на ртење, раст и развој на растенијата. Традиционално на Велики Четврток корисниците самостојно бојадисуваа велигденски јајца. Од готовите изработки беа подготвени симболични велигденски подароци за секој корисник.
Како резултат на долгогодишната соработка со Театар Пи, во текот на месец мај беа реализирани неколку работилници за глума и танцување. Работилниците беа иницирани и водени од страна на Talitha Nyland, професионален танчер и Charissa Kock, едукатор, драматург, соработници на Театар Пи од Холандија. Преку вежби за концентрација, движење и координација, утврдени со ритмична музика и музика за релаксација, професионалците ги насочуваа работилниците со корисниците. Конечниот производ од работилниците е планирано да биде вметнат во наредниот проект/перформанс на Театар Пи и ПОРАКА.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш
Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш измниатиот период продолжуваат да се реализираат според предвидената програма за работа.
Како завршен дел од реализираниот проект за изведба на театарската претстава „Волшебникот и пријателите“ во организација на Центарот за култура „Ацо Караманов“, а во соработка со ученици од СОУ „Коста Сусинов“ и дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш се реализираше еднодневно дружење во Скопје. Целта на оваа еднодневна дружба со забавно-рекреативен карактер беше прошетка на учесниците во „Зоолошката градина“ – Скопје, како и развивање интерес за уметноста и градење на културни навики преку посетата на „Македонската опера и балет“ во Скопје.
Во рамките на проектот „Волонтерска порака“ на Општинската организација на Црвен крст во Радовиш, корисниците на дневниот центар заедно со членовите на Црвен крст и нивните координатори направија хортикултурно уредување на дворното место со разнобојни садници од цвеќиња. Сите заедно вредно работеа од подготовка на земјиштето во жардиниерите, чистење, копање, садење на садниците до нивно наводнување и расчистување на цело дворно место. Исто така, се реализираше работилница за изработка на велигденски сувенири и мотиви заедно со волонтери од Црвен крст и ученици од Основните училишта од градот. На 24-ти април под покровителство на Градоначалникот на Општина Радовиш и Домот на културата „Ацо Караманов“ се одржа манифестацијата „Избор на најубаво велигденско јајце, песна и творба 2022 година“. Корисниците на дневниот центар, како и секоја година така и оваа, со свои изработки или цртежи учествуваа на оваа манифестација.
На 28-ми април корисниците на дневниот центар се запознаа со нови пријатели Ѓорѓи и Тања Ичеви од Herbalife Nutrition кои им донираа производи со различни вкусови за здрави напитоци и додатоци во исхраната за зголемување на имунолошкиот систем.
На 3-ти мај, како дел од проектот „Волонтерска порака“ се спроведоа неколку активности заедно со волонтери од Општинската организација на Црвен крст во Радовиш и меѓународни волонтери од повеќе странски земји дојдени во Волонтерскиот центар од Скопје кои дојдоа на посета во Радовиш. Заедно со корисниците на дневниот центар сите волонтери имаа активности за меѓусебно запознавање преку игри во салата на дневниот центар, а потоа се организираше посета на манастирскиот комплекс „Свети Ѓоргија“ во село Ораовица.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип
Програмските активности во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип во изминатиот период редовно и непречено се реализираа согласно предвидената програма за работа. Покрај редовните активности, корисниците на дневниот центар беа вклучени и реализираа активности кои се реализираа со соработниците на дневниот центар.
Корисниците на дневниот центар учествуваа на атлетската трка организирана од страна на УГД Спорт по повод 15 години Универзитет “Гоце Делчев” – Штип. Организаторите ги пофалија лицата со интелектуална попреченост, корисници на дневниот центар, кои исто така успешно ја завршија трката, со што уште еднаш се докажува колку е важна меѓусебната поддршка.
По повод ,,Денот на здравјето” на 7-ми април, во соработка со НУ – У Библиотека ,,Гоце Делчев”- Штип и со поддршка од стоматолог беше одржана работилница на тема ,,Здрави заби”. Корисниците на дневниот центар добија корисни совети за правилна нега и грижа за своите заби и имаа можност да видат како правилно да ги мијат.
Во изминатиот период започна да се реализира и проектот „Спорт и рекреација за сите” кој македонската репрезентативка во карате и фитнес тренер Бојана Манева ќе го спроведува во соработка со ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, а е поддржан од Советот на Општина Штип. Проектот има за цел да воведе физичка активност кај лицата со интелектуална попреченост, корисници на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип и да се подобри нивното психо-физичкото здравје. Тие ќе имаат можност за тренинзи во сала и со соодветна опрема преку игра да стекнат навика за вежбање и да го покажат својот спортски талент.
Во чест на 24 Maj – Ден на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј, НУ – У Библиотека ,,Гоце Делчев”- Штип и оваа година по трети пат го одбележи со креативно – книжевни работилници. ЦПЛИП – ПОРАКА Штип како долгогодишен соработник на библиотеката зеде учество и во овогодинешното одбележување. На 18-ти мај се реализираше првата креативна работилница на која корисниците на дневниот центар учеа и изработуваа разни букви, им се читаа текстови од литературата.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп
Активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп непречено се одвиваа и реализира во изминатиот период. На почеток на месец април се организираше посета на локален маркет со цел да се направи разлика во местата на чување на различни производи, а со тоа и полесно пронаоѓање на истите.
По повод големиот христијански празник Велигден, активностите беа насочени кон изработка на велигденски украси со што корисниците има можност преку примена на различни материјали да ја изразат својата креативност. На покана на училиштето за англиски јазик Helen Doron English – Prilep, корисниците имаа можност да присуствуваат на адаптирана работилница по англиски јазик, а во знак на благодарност подарија дел од своите велигденски изработки. Во месец мај беше реализирана посета на полициската станица во Прилеп, каде корисниците имаа можност да се запознаат со работата на полицијата.
Неколку членови на џудо клубот Сеишин го посетија дневниот центар и заедно со нашиот корисник Христијан Стојкоски демонстрираа различни џудо вештини, со цел да се укаже на важноста од спортот врз психофизичкиот развој. Исто така во месец мај, на амфитеатарот на Могилата на непобедените, корисниците на дневниот центар имаа можност да ја гледаат театарска претстава „Некогаш одамна….за уметностите“, изведена од учениците на СОУ “Ристе Ристески”- Ричко.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица
Активностите за поголема независност и самостојност на лицата со интелектуална попреченост во домот редовно се спроведуваат во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица. Покрај овие активности се реализираа и низа други, поврзани со одбележување на позначајни датуми или настани. По повод 2 април, Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот, ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица заедно со Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, како и други НВОи од општината, учествуваше на настан за подигнување на свеста за аутизомот и лицата со аутизам.
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица заедно со ученици од СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица и Europe House Strumica организираа и спроведоа интересен натпревар. Во етно ресторанот „Кај Виктор“ во село Босилово чиј сопственик е родител на лице со аутизам, се реализираше натпревар во готвење и декорирање на зготвената храна.
Со пораката „Да ги отфрлиме стереотипите, а да ја подигнеме свеста за нашите потенцијали и можности“, ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица организираше Велигденски Базар. На Базарот му претходеа неколку креативни работилници во социјалниот клуб со цел да се подготват различни ракотворби со мотиви на велигденските празнувања. На 23 април 2022 година во малото паркче спроти ТЦ Глобал, во центарот на Струмица се реализираше овој хепенинг на кој можеа да се купат разните изработки на корисниците на социјалниот клуб. Она што радува е дека, од година во година, граѓаните сè повеќе го препознаваат и вреднуваат трудот на лицата со интелектуална попреченост. Собраните средства ќе бидат искористени за опремување на социјалниот клуб со материјали за реализација на програмските активности.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница во изминатиот период редовно реализираше низа активности на кои кориснците усвојуваа когнитивни, практични и социјални вештини.
По повод велигденските празници, корисниците на социјалниот клуб во соработка со ученици од СОУ „Ванчо Прќе” и ООУ „Гоце Делчев” и волонтери од Црвен крст реализираа низа креативни работилници за изработка на цртежи со велигденски мотиви, ракотворби, украси, кошници за велигденски јајца и дрвени гајби кои беа подарени на граѓаните на општина Виница.
Се реализираа и активности за зачувување и унапредување на сопственото здравје, неговата важност и хигиенските навики кои влијаат на него. Социјалниот клуб реализираше и активности за препознавање и ракување со пари преку најразлични игри насловени како „Парите ни зборуваат”.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола непречено ја реализираше својата програма за работа во изминатиов период. Континуирано се одржуваа работно окупациони активности, како одржување лична хигиена, хигиена во просторот на социјалниот клуб, спортско – рекреативни активности, односно одржување и унапредување на физичкото здравје, користејќи ги справите во социјалниот клуб и вежби во дворот на центарот, како и разговори за психолошка поддршка и работни навики.
Во текот на месец април акцент беше ставен на Велигденските традиции, и изработка на ракотворби поврзани со овој празник. На 15 април, на плоштад Магнолија, ЦПЛИП – ПОРАКА Битола организираше Велигденски базар, на кој беа изложени креациите и ракотворбите од корисниците на социјалниот клуб. Битола. Задачата сами да ги покажуваат ракотворбите, да раскажуваат како се изработуваат, се трудат и учат да продаваат, корисниците успешно ја завршија. Собраните средства ќе се наменат за набавка на материјали за активности во социјалниот клуб. На Велики четврток дел од корисниците на социјалниот клуб присуствуваа на традиционалното вапцување Велигденски јајца во СН Осигурителен Брокер АД Битола.
Во соработка со Ресторан Голд Фелиција – Битола, на 29-ти април дел од корисниците на социјалниот клуб ги посетија Старскиот Дом „Сју Рајдер“ и Домот за стари и болни лица во Битола и им подарија Велигденски јајца.
Дел од корисниците на социјалниот клуб учествуваа во работилницата наменети за лица со попреченост, организирана од НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. На работилницата заедно со професори и ученици од СОУ „Таки Даскало“ беа модни креатори и уживаа во комбинирањето на облека и цртање на модни додатоци.
На 10 мај се реализираше еднодневна едукативна посета на село Калишта, Вевчани и Струга. Корисниците се запознаа со убавините на Охридското езеро, со преданијата и легендите за постанокот на многубројните пештерските цркви во с. Калишта, а дел од нив и имаа можност да ги посетат. Едукативната посета завршии со прошетка по кејот на реката Дрим низ центарот на Струга.