Во текот на 2021 година, во услови на пандемија со КОВИД-19, главен приоритет на РЦПЛИП – ПОРАКА е обезбедување на поддршка на корисниците на дневните центри за лица со интелектуална попреченост и нивните семејства, односно продолжување со реализација на адаптирани програмски активности на дневните центри.
РЦПЛИП – ПОРАКА ги спроведува сите неопходни подготовки за работа со физичко присуство на корисниците во дневните центри за лица со интелектуална попреченост: извршена е дезинфекција на просториите и опремата, набавена е пропишаната заштитна опрема, направен е распоред за работа со корисниците во групи и доследно се следат протоколите за работа во дневни центри за деца/лица со попреченост.
Со оглед на тоа што дел од семејствата на корисниците во дневните центри, а земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и ризиците за нивните деца, не се согласија да бидат опфатени во директна работа со физичко присуство, дневните центри продолжија со овие корисници да спроведуваат прилагодени индивидуални едукативни активности во домашни услови со употреба на телефонска, интернет и видео комуникација.
Адаптираната програма за психосоцијална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни програми е унифицирана и се спроведува во сите дневни центри во мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во рамките на реализирање на индивидуалните едукативни активности, продолжи секојдневната комуникација со корисниците и нивните родители.
Притоа, приоритет и во изминатиов период беше да се ангажираат корисниците, односно да им се дадат насоки и задачи за реализација на активности со кои се одржуваат вештините и можностите на одредено ниво. Во рамките на психосоцијалната поддршка приоритетот е насочен кон поддршка, совети, смирување, вразумување, охрабрување за полесно разбирање, прифаќање и справување со состојбата во која се наоѓаме. Притоа се користат начини на комуникација кои одговараат на корисниците и нивните родители/старатели, вклучувајќи телефонски разговори и видео комуникација доколку корисникот/родителот/старателот користи Вибер, ФБ месинџер или друга апликација. Особено внимание се посветува на корисниците кои се посамостојни, кои се истовремено во поголем ризик за несоодветно однесување, односно на непочитување на официјалните препораки и ограничувања.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје
Во рамките на своите програмски активности во изминатиов период, дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје започна со реализирање на работилници со своите корисници и членовите на Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ од Скопје.
Под работен наслов на перформансот „Мене ништо не ми пречи“ изминатиов период се реализираа по една или две работилници секоја недела на повеќе локалитети во Скопје, секогаш придржувајќи се до мерките за заштита од КОВИД-19, препорачани од соодветните надлежни институции при реализирањето на активностите. Првиот дел од перформансот е планиран да се реализира кон крајот на месец јуни во вид на изложба на фотографии изработени од самите корисници пропратена со музички концерт на дел од корисниците. Во текот на месец септември е планирано да се продолжи со работилниците со цел подготовка на театарска мултимедијална претстава на корисниците, доколку епидемиолошката состојба го дозволува истото. Целта на овие настани е да се разбие стереотипот за лицата со интелектуална попреченост околу нивното вклучување во секојдневниот активен живот.
Од останатите активности на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје би ги потенцирале перманентното одбележување на сите позначајни датуми по пат на онлајн работилници и изложби со сите корисници кои се опфатени со психосоцијална поддршка од далечина, како и корисниците кои доаѓаат секојдневно во дневниот центар. Во изминатиов период се одбележани, меѓу другите, и христијанскиот празник Велигден (католички и православен), муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, државниот празник Св.Кирил и Методиј, како и Денот на албанската азбука, Денот на азбуката и слично. За секој од нив се направени и кратки видео стории споделени до сите корисници, родители, но и наши поддржувачи на работата.
Дневeн центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш
Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш редовно се реализираа и во изминатиот период, во согласност со протоколите за работа за време на пандемија со КОВИД-19. Предвидената програма за работа непречено се спроведуваше со вклучување на различни работилници за одбележување на значајни датуми и празници.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски заедно со градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, и претставници на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беа во посета на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш, на 5-ти мај 2021 година. Посетата беше реализирана во рамки на промоцијата на проектот „Создавање на услови за поголема социјална инклузија на лицата со попреченост во Југоисточниот плански регион“, во кој беа вклучени четири дневни центри, и тоа во Радовиш, Гевгелија, Струмица и Валандово, а беше финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка. Проектот придонесе кон подигање на свеста за вклучување на лицата со попреченост во општествениот и социјалниот живот во регионот, како и подобрување на секојдневниот престој во дневните центри преку набавената опрема и стекнатите знаења кои ќе овозможат долгорочни промени во однос на нивно работно оспособување и вклученост на пазарот на трудот. За потребите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш, во рамките на проектот беа набавени реквизити и опрема за работна окупација на корисниците: сито печатар, грнчарско колце, материјали за сликање и боење, како и спортски реквизити за рекреација: статичен кош, трицикл, сет за друштвена, рекреативна игра Бочија и други материјали.
Министерот Милевски изрази големо задоволство од успешното реализирање на проектот, со надеж дека ваков вид на проекти за социјална инклузија на лицата со попреченост и понатаму ќе бидат поддржани од Министерството за локална самоуправа преку Швајцарската агенција за развој и соработка.
Голема благодарност и поддршка за проектот даде и Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, истакнувајќи дека ваквите проекти се од особено значење за локалната заедница и лицата со попреченост затоа што овозможуваат вклученост во работната и социјалната средина.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп
Активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп во периодот од март до средината на мај се одвиваа во домашни услови по барање на родителите. Секојдневно на корисниците и нивните семејства им беше овозможена психолошка поддршка и секојдневно беа давани активности според можностите и способностите на корисниците. Особено задоволство им претставуваше делот за слушање музика, при што еден од корисниците свиреше на гитара.
По повод празникот Велигден беа организирани неколку работилници во кои се изработуваа велигденски украси и декорации. Особено внимание се посвети на тоа корисниците да бидат вклучени во целокупната подготовка за празникот.
Со отворањето на дневниот центар корисниците релативно брзо и добро се адаптираа на новиот начин на работа согласно протоколите за работа. Се реализираат работилници кои вклучуваат развивање и унапредување на различни вештини со примена на разновидни материјали, со кои корисниците ја изразуваат својата креативност (манипулација со глина, четка, волница, пластика, итн.). Во изминатиот период се организираа активности за обнова на постојната дрвена дограма и дрвениот инвентар во просториите на дневниот центар (лакирање и боење на дрво). И понатаму согласно со протоколите е продолжена соработката со зумба тренерот, но овој пат во опремената просторија на тренерот. Со уште поголема желба и ентузијазам се одвиваат часовите, особено поради можноста за гледање во огледало и користење на реквизити за вежбање. Се надеваме дека соработката ќе продолжи и во иднина, па да земеме и учество во некој зумба настан.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип
Активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип во изминатиот период се реализираа согласно предвидените програмски активности и следејќи ги протоколите за работа во услови на пандемија со КОВИД-19. Покрај редовните активности се реализираа и низа други активности и работилници кои произлегоа од воспоставената успешна соработка на дневниот центар, но и на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип со релевантни чинители на локално ниво.
По повод 1-ви април, денот на шегата, Институтот за култура и уметност при Меѓународниот Славјански Универзитет „Г.Р.Державин“ во текот на март месец распиша конкурс за најкреативна маска. Виртуелната изложба на најкреативните маски се одржа на 1-ви април со почеток од 19 часот. Од вкупно 460 маски од речиси сите градови во земјата и неколку од Хрватска и Црна Гора, првото место за групна маска го освои маската на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. Во текот на месец април се реализираа и две онлајн работилници. Првата беше на 14 април, а на тема „Ориентација во простор“ која се одржа со Доц.др. Слаѓана Ангелковска од Здружението за психолошко советување и професионален развој АС АНИМА. Втората работилница беше реализирана на 29 април заедно со здружението ЦИВИТАС и отец Серафим, професор по Етика на религии и богослужник во Лесновскиот манастир. На работилницата се разговараше за историјатот и значењето на најголемиот православен празник Велигден.
Во текот на месец мај, исто така, се организираа и спроведоа неколку интересни работилници кои претставуваа вистинско уживање за корисниците. На 11 мај беше реализирана онлајн работилница со Марина Гоцевска, воспитувач од приватната градинка Amici од Кочани. За време на работилницата корисниците имаа можност да ги покажат своите креативни и манипулативни способности и да уживаат во креирањето на нови дела. На 25 мај, дел од корисниците на дневниот центар беа во посета на НУ – У Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип и зедоа учество во книжевно-креативна работилница, на која покрај нив учествуваа и ученици од основните и средни училишта, од филозофски факултет – Катедра по македонски јазик при Универзитетот „Гоце Делчев“ и Академија „Еуроарт“.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица
Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица и во овој период продолжија да се одвиваат согласно мерките и препораките на СЗО, реализирајќи ги планираните месечни активности преку индивидуални и групни креативни работилници, пружајќи им на корисниците поддршка, стимулирање на стекнатите вештини, навики и умеења, се со цел за поквалитетен живот и да го заземат вистинското место во општеството како возрасни.
Во текот на месец април се реализираа активности за одбележување на Денот за подигање на свеста и поддршка на лицата со аутизам. Исто така, се реализираа и работилници на тема ,,Пролет“ и ,,Велигден“ од кои произлегоа интересни и креативни изработки. Во практичните работилници се користеа визуелно-аудитивни средства, т.е. таблети и компјутери преку кои се користеше апликацијата ,,ГОВОРКО“.
Посебно внимание и време во изминатиот период се посвети на разгледување на официјалната веб страна на РЦПЛИП – ПОРАКА: www.poraka.org.mk преку која корисниците ги разгледуваа и читаа сите информации, настани, новитети и фотографии, а истовремено ја разгледуваа и локалната официјална веб страна на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица: www.porakastrumica.mk.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост ПОРАКА – Битола, сметајќи дека КОВИД-19 пандемијата се смирува и се намалува бројот на активни случаеви, во консултација со Извршната канцеларија на РЦПЛИП – ПОРАКА, Управниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола и родители од корисници, одлучи своите активности во социјалниот клуб да ги продолжи со ново работно време, односно секоја среда и петок од 17:00 – 19:30, со строго почитување на Протоколот за заштита и превенција од КОВИД-19.
Пред почетокот со работа во социјалниот клуб е извршена Дезинфекција од ЦЈЗ – Битола и веќе се набавени средства за дезинфекција и средства за лична хигиена во клубот. Активностите започнаа на 26.5.2021 година со креативните работилници – изработка на фигури од глина, формирање, сушење, боење и лакирање на истите. Корисници повторно пројавија интерес и желба за творење, како и големо воодушевување што се заедно пак во социјалниот клуб. Креативните работилници се насочени кон лични желби на корисниците, односно творби во рамки на нивните можности.