Изминатиот период претставници на Националните инвалидски организации остварија средби со низа владини претставници на кои имаа можност да разговараат за тековните состојби во областите на социјалната политика, како и да ги пренесат своите барања за унапредување на правата на лицата со попреченост.
Средба со Советниците на Премиерот во Владата на Република Северна Македонија
На 30.03.2022 година во просториите на Владата на Република Северна Македонија се одржа работна средба помеѓу претседателите на националните инвалидски организации (на лицата со телесен инвалидитет, слепите, глувите и лицата со интелектуална попреченост), од една страна, и претседавачот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски и Лидија Крстевска Дојчиновска, државен советник во владата, од друга страна.
Беше дискутирано за повеќе прашања од областа на социјалната политика, социјалните услуги и заштита на правата на лицата со попреченост, но главен акцент беше ставен на барањето за зголемување на надоместоците за нега и помош од друго лице, посебниот додаток и надоместокот за попреченост, како и нивно врзување за просечната месечна плата исплатена во РСМ, или нивно позиционирање на одредено ниво и подоцна редовно усогласување по швајцарската формула, слично решение како кај усогласување на пензиите на пензионерите.
Дел од барањата на здружените членки на НСИОМ се:
- Надоместокот за попреченост да изнесува 40% од просечната месечна плата исплатена во Република Северна Македонија за минатата година, усогласена според нова методологија за порастот на надоместокот врз основа на таканаречена швајцарска формула, односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата;
- Посебниот додаток да изнесува 35% од просечната месечна плата исплатена во Република Северна Македонија за минатата година, усогласена според нова методологија за порастот на надоместокот врз основа на таканаречена швајцарска формула, односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата;
- Надоместокот за нега и помош од друго лице во поголем обем да изнесува 30% од просечната месечна плата исплатена во Република Северна Македонија за минатата година, усогласена според нова методологија за порастот на надоместокот врз основа на таканаречена швајцарска формула, односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата;
- Надоместокот за нега и помош од друго лице во помал обем да изнесува 26,5% од просечната месечна плата исплатена во Република Северна Македонија за минатата година, усогласена според нова методологија за порастот на надоместокот врз основа на таканаречена швајцарска формула, односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата.
На ова наше барање ни беше одговорено дека веднаш после нашиот состанок, претставниците од Владата на РСМ ќе одат на состанок со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, ќе и ги презентираат нашите барања, а деновиве ќе остварат средба и со премиерот Ковачевски, кој не можел да не прими на разговор во овој период заради засилени државнички обврски и состаноци.
Истакнаа дека се работи во моментов на изготвување на пресметка и барање за ребаланс на буџетот за зголемување на постоечките износи на надоместоците од 15% засега, а како натаму ќе се одвива динамиката на зголемување, не можеа да ни кажат без дополнителни консултации со релевантните институции.
Побаравме најитно можно, а не подоцна од идната недела, да не информираат за договореното меѓу институциите, за очекуваните резултати и интервенции на Владата на РСМ и министерството за труд и социјална политика во оваа насока.
Исто така не известија дека работат и на решавање на другите наши барања чии преговори се приведени во завршна фаза, како што се намалување на рокот за чевлите на 6 месеци (односно два пара чевли годишно, летни и зимски) а не на 12 месеци како досега. да се исфрли критериумот вработеност или школување за остварување на право за добивање на инвалидска количка на електромоторен погон, тифло тактички додатоци за лицата со оштетен вид и сл.
Средба на претставници на НСИОМ со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска
Претставници на НСИОМ, меѓу кои и претставници на РЦПЛИП – ПОРАКА, на 29-ти април 2022 година остварија средба со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. На средбата, која се одржа во ДХО „Даре Џамбаз“, се разговараше за барањата кои што организациите членки преку Националниот Совет на инвалидски организации ги поднесоа во Министерството за труд и социјална политика.
„Во изминатиот период константно се сретнуваме со граѓанските организации и родителите на децата со попреченост за да ги слушнеме нивните потреби и заеднички да креираме политики и мерки во интерес на децата и лицата со попреченост. Врз основа на овие разговори воведуваме пакет мерки и дополнувања и измени во законите, со цел подобрување на животот на децата и лицата со попреченост. Нашата заложба е да ги решаваме предизвиците еден по еден со издржани систематски решенија“ рече Тренчевска.
Министерката истакна дека барањата на здруженијата ќе се разгледуваат заеднички, за да се обезбеди полесен пристап до достапни и бесплатни услуги и унапредување на правата. Ќе се воведе и ревизија на веќе дадените услуги со цел подобрување на квалитетот на испорака на истите и подобро таргетирање.
„Целта не е само покачување на висината на правата, туку и зголемување на обемот и достапноста до квалитетни услуги во делот на социјалната заштита, образованието и здравството, со што децата и лицата со попреченост на еднаква основа да се стекнат со квалитетно образование и да се стекнат со вештини кои ќе им обезбедат влез на пазарот на трудот и да направиме самостојни активни граѓани кои ќе придонесуваат за себе и за државата,“ додаде Тренчевска.
Министерката посочи дека, ќе се анализираат и сите други барања кои се доставени до МТСП и со заеднички напори ќе се работи на изградба на систем кој е праведен, кој ги следи потребите на секоја индивидуа и врз основа на потребите ќе се креираат политиките и мерките во иднина.
По одржаната средба, организациите членки на НСИОМ добија писмена информација за мерките што ќе се спроведуваат во 2022 година. Во продолжение ја пренесуваме пишаната информација од Министерството за труд и социјална политика
Врз основа на одржаниот состанок и барањата на членовите на Националните инвалидски организации, Министерството за труд и социјална политика во соработка со другите релевантни министерства и институции Ве информира дека во 2022 година ќе спроведе неколку мерки кои се во интерес на унапредување на правата на децата и лицата со попреченост:
- Ослободувањето од партиципација за лицата со попреченост над 26 години корисници на правото за попреченост при специјалистичко – консултативна здравствена заштита, болничко здравствена заштита и за лекови издадени на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување;
- Измена и дополнување на Законот за заштита на детето со кое ќе се овозможи покачување на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници;
- Намалување на возрасната граница за остварување на правото за траен надоместок за родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26 годишна возраст;
- Измена на Законот за социјална заштита со кое ќе се дополни делот за децата/ лицата кои можат да ја користат услугата за лична асистенција и за децата/лицата со комбинирана попреченост, но каде едната од попреченостите е најтешка телесната попреченост;
- Измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник.
- Воведување на Регистар за лицата со попреченост;
- Измена на Правилникот за ортопедски помагала со што ќе се овозможи да се доделуваат ортопедски помагала – чевли на секои 6 месеци за сите возрасни групи;
- Подготовка на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027;
- Обезбедување на обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри;
- Отворање на Центар за рана интервенција во соработка со Министерството за здравство и со Граѓанските организации;
- Отворање на 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот Завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје.
Министерството ќе продолжи да ги унапредува правата на децата и лицата со попреченост во консултација со граѓанските организации, Националните Сојузи и родителите на децата со попреченост со кои во изминатите три години ги реализиравме следните мерки и политики:
- Воведување на две целосно нови услуги за децата и лицата со попреченост – Лична асистенција (269 денари за час) и услугата Домашна нега (289 денари за час) платени преку Центрите за социјална работа;
- Проширување на Правото за попреченост и за лицата со интелектуална попреченост;
- Зголемување на додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост до 50% од просечна нето плата;
- Воведување на траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж (8000 денари месечно);
- Зголемување на износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15% и дополнително овој износ се зголемува за 25% и изнесува 6276 денари за материјално необезбедени; семејства и зголемување за 50%, односно 7531 денар за самохраните родители коишто имаат дете со попреченост;
- Обезбедени средства и вработување на 500 образовни асистенти во наставата за кои се обезбедени 216 милиони денари;
- Отворени 7 станбени единици за живеење со поддршка за 35 лица до Специјалниот Завод Демир Капија;
- Потпишувањето на договорот за лицата што користат Кохлеарни импланти за набавка на говорниот процесор;
- Измена на правилникот за утврдувањето на список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор.
Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи да биде отворена институција за сите, бидејќи само заедно можеме да ги подготвиме најдобрите решенија кои се во интерес на подобрувањето на пристапот до правата и услугите од социјалната заштита, но и пристапот до пазарот на трудот и подобрување на капацитетите за вработување кај лицата со попреченост. Воедно ќе направиме анализа за сите други барања кои беа истакнати на средбата, како што е покачувањето на висината на правото за попреченост, воведување на правото за родител негувател, развој на рана интервенција за деца од 0-5 години, обезбедување на толкувачи на знаковен јазик како услуга, покачување на лимитот во Програмата за набавка на моторни возила од 10.000 на 15.000 евра, враќање на наменските средства кои се доделуваат преку средствата кои се добиваат согласно Законот за игри на среќа и други решенија кои се во интерес на децата и лицата со попреченост.