Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост во согласност со овогодинешната тема на меѓународниот ден на лицата со попреченост „Зајакнување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина“ реализираше активности со кои го покажа и го одбележи вклучувањето на лицата со интелектуална попреченост во различни сфери на секојдневното живеење.
На 4-ти декември се отвори изложба на фотографии направени од Розалинда Трајковска. Изложбата беше поставена во галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ на Факултетот за ликовни уметности, УКИМ во Скопје во објектот Сули – ан. Преку фотографиите беше прикажано градинарењето на корисниците на двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, во Зелената Арка – Бостание. Корисниците веќе втора година директно се вклучени во градинарски активности во урбаната градина. Од пролетта оваа година, корисниците ги интензивираа своите градинарски активности. Со своите вредни раце и огромен елан за работа успешно го поминаа процесот на подготовка на земјата за садење. Повторно беше ослободена од досадниот коров, неколкупати беше прекопана, порамнета и наѓубрена. Во дневните центри се посеаја првите семиња за расад, а на самите парцели се посеа боранија, лук, морков. Секој корисник согласно своите можности се обиде да се вклучи во овие активности кои несомнено се омилени кај сите поради можноста за работа во природа.
Авторката со фотографиите на уметничко-документарен начин ја преточи во една приказна идејата и визијата на овој општествено одговорен и инклузивен проект насловен „Од градина до трпеза“. Изложбата беше отворена до 11-декември, а ја посетија голем број заинтересирани лица.
Соработката со Театар Пи придонесе за креативни и уникатни активности во изминатиот период. Се реализираше мултимедијален концепт насловен „Ние, луѓето“ со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водеа едукатори – професионалци во својата област, учесниците со типичен и атипичен развој поминаа низ целосен процес на создавање на комплетно театарско дело.
За потребите на овој мултимедијален концепт во двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се реализираа работилници со актерите од Театар Пи на кои се подготвуваше театарската претстава насловена „Ние, луѓето“. Премиерата на театарската претстава беше на 10.11.2024 година, во Центарот за култура во Ѓорче Петров. Режисери на претставата се Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска, а асистент на режија е Гергана Тодева од Бугарија. Актери во претставата се лица со интелектуална попреченост, корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје и ученици со типичен и атипичен развој. Темата е инспирација од писателот Јордан Радичков и неговото дело „Ние, врапчињата“.
Вториот дел од овие активности беа дел од мултимедијалниот перформанс „Молчи, јас летам“ кој е производ од претходно реализираните уметнички работилници со корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Перформансот имаше за цел да и покаже на публиката колку можат лицата со интелектуална попреченост да бидат мотивирани и да креираат во најразлични уметнички области. Да го преоткријат талентот во себе и да имаат можност да се пронајдат во уметноста. Овој перформанс беше одржан на 10-ти декември во Центарот за култура во Ѓорче Петров. Во текот на перформансот лицата со интелектуална попреченост учествуваа со монолози, музички етиди, танци.
На настанот учествуваа и нивните родители кои раскажуваа лични преживувања и случки од нивното секојдневие и начинот на справување и вклучување на нивните деца во овој бучен и брз свет. Покрај корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, во овој перформанс учествуваа и ученици со типичен и атипичен развој од сите основни училишта од општина Ѓорче Петров.