Една од редовните програмски активности на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, од самото негово формирање, е координација и пружање на стручно-методолошка поддршка на локалните организации.
Години наназад РЦПЛИП – ПОРАКА организира и одржува работилници на кои се разгледуваат и дискутираат изготвените SWOT анализи на локалните организации. SWOT анализата е структуриран метод за планирање на идните стратегии на организацијата, а воедно е мошне корисна и за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од опкружувањето во кое таа организација делува. Оваа година РЦПЛИП – ПОРАКА одржа работилница за разгледување на SWOT анализите и тековното оперативно работење на локалните организации, од 29-ти септември до 1-ви октомври 2017 година во хотел Континентал, Скопје на која учествуваа по двајца претставници од локалните организации.
Првите два дена од работилницата беше целосно посветен на разгледување на SWOT анализите од локалните организации. Секој од учесниците имаше можност да ја презентира изготвената SWOT анализа и да ги прикаже реалните состојби во организацијата и во општината со кои таа се соочува, но истовремено и потешкотиите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во нивното опкружување. Понатаму, учесниците ги презентираа и активностите кои во моментот се актуелни во нивните организации, како и активностите кои планираат да ги преземат во наредниот период, а водат кон унапредување на квалитетот на живеење за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење. Она што како сублимат произлезе од анализата на работењето на секоја организација беше дека треба да се размислува за заземање на поинаков пристап во осмислувањето и реализирањето на активностите. Потребно е да се изнаоѓаат нови видови на активности со цел да се унапреди соработката како со локалните власти, така и со останатите чинители во општината.
Последниот ден беше искористен за презентација на активностите кои РЦПЛИП – ПОРАКА ги реализираше во рамки на проектите и обуките во кои активно учествува како рамноправен партнер. Претставниците на РЦПЛИП -ПОРАКА кои зедоа учество во обуките ги презентираа своите стекната знаења и ги споделија нивните искуства и впечатоци.
Како последна предвидена активност во текот на работилницата беше презентацијата на реализираните активности во рамки на проектот „Рана инклузија преку взаемно учење”, проект во кој РЦПЛИП – ПОРАКА е рамноправен партнер, а се спроведува на европско ниво. Презентацијата имаше за цел да ги запознае учесниците со веќе спроведените активности во рамките на овој проект, но и активностите кои понатаму ќе следат.