Во декември 2011 година, водени од хуманите аспекти и придобивки кои ги нуди Конвенцијата, сите пратеници во тогашниот собраниски состав едногласно, без задршки и резерви, го донесоа Законот за ратификација на Конвенцијата и се обврзаа државата да го вгради овој меѓународен договор во националното законодавство.
Поминаа 10 години од ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост од страна на Република Северна Македонија. Во декември 2011 година, водени од хуманите аспекти и придобивки кои ги нуди Конвенцијата, сите пратеници во тогашниот собраниски состав едногласно, без задршки и резерви, го донесоа Законот за ратификација на Конвенцијата и се обврзаа државата да го вгради овој меѓународен договор во националното законодавство. Имајќи ја силата на закон со кој се гарантираат сите човекови права на лицата со попреченост на еднаква основа со другите, Конвенцијата стана најважниот договор за човекови права на лица со попреченост кој треба да се почитува и соодветно да се имплементира од националните и локалните власти.
Со цел да одговори на прашањето дали државата остана доследна на својата заложба за имплементацијата на Конвенцијата, Извршната канцеларија на РЦПЛИП – ПОРАКА во втората половина на 2021 година спроведе истражување со цел да се увиди што и колку е постигнато за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост во изминатите 10 години од ратификацијата на Конвенцијата. При тоа, беше употребен комбиниран пристап во прибирањето на потребните информации и податоци, односно десктоп анализа и фокус групи со релевантни чинители:
- Компаративен преглед на законодавство, политики, програми, извештаи на релевантни институции кои придонеле за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост во изминатите 10 години од ратификацијата на Конвенцијата,
- Фокус групи со претставници на државни институции, организации, лица со интелектуална попреченост и родители.
Како резултат од истражувањето, РЦПЛИП – ПОРАКА подготви извештај за напредокот во имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост „10 години потоа“ кој содржи компаративен преглед на најзначајните промени во изминатата деценија од ратификација на Конвенцијата, како и препораки за унапредување на правата на лица со интелектуална попреченост. Автори на извештајот се д-р Василка Димоска Де Јонг и м-р Владо Крстовски.
Извештајот „10 години потоа“ беше официјално промовиран на централниот настан за одбележување на 3 декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост, на тема „Лидерство и учество на лицата со попреченост кон инклузивен, достапен и одржлив пост COVID-19 свет”, кој Националното координативно тело за имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија го одржаа во Владата на Република Северна Македонија.
Генералниот секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА, Д-Р Василка Димоска Де Јонг во своето излагање на централниот настан ги посочи најзначајните промени во изминатите 10 години од ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, кои подетално се образложени во текстот на извештајот:
- Зголемено е признавањето на човековите права на лицата со интелектуална попреченост и нивното прифаќање како еднакви граѓани во општеството. Постигнат е напредок во подигањето на јавна свест за правата на лицата со попреченост, односно намален е степенот на предрасуди и нивно етикетирање. На попреченоста сѐ повеќе се гледа како на прашање на човекови права.
- Отпочнат е процесот на креирање систем на функционална проценка на деца и млади со попреченост, во согласност со Меѓународната класификација за функционалност, попреченост и здравје (МКФ) на Светската здравствена организација.
- Подобрена е рамката за заштита од дискриминација преку новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.
- Позитивни промени се очигледни во социјалната заштита – овозможени се нови права и зголемени надоместоци за лицата со интелектуална попреченост. Особено е значајно што лицата со тешка и длабока интелектуална попреченост над 26 годишна возраст, конечно, во 2019 година, беа законски утврдени како можни корисници на надоместокот за попреченост.
- Во областа на социјалните услуги постои евидентен напредок, но сѐ уште е потребно подобрување на квалитетот на постоечките сервисни служби, нивно надградување за да можат подобро да одговараат на потребите, подобра распределеност на регионално/локално ниво, како и развој на новите видови услуги кои се зацртани во подобрената законска рамка. Во целиот процес, потребно е граѓанскиот сектор да биде прифатен како рамноправен партнер на државата.
- Значителен напредок во развојот на инклузивното образование е постигнат со донесувањето на новиот Закон за основно образование и Концепцијата за инклузивно образование, како основа за поттикнување и конечно вистинско започнување на процесот на образовна инклузија во позитивна насока. Исто така, голем исчекор претставува иницијативата за вработување на 500 образовни асистенти кои ќе дадат поддршка на децата со посебни образовни потреби во редовните училишта во учебната 2021/2022 година. Ефикасноста на оваа иницијатива ќе биде предмет на дополнителна проценка.
- Состојбите во областа на вработување останаа непроменети во изминатата деценија од ратификацијата на Конвенцијата, односно сѐ уште е доминантен моделот на вработување на лицата со интелектуална попреченост во заштитни друштва. Во фаза на изработка е целосно нов закон за вработување на лица со попреченост, кој се очекува да донесе значително подобри решенија: воведување на квотен систем и професионална рехабилитација, воведување на моделот на поддржано вработување и подобри можности за вработување на отворен пазар на труд.