Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

 Програмските активности во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп опфаќаат разновидни активности наменети за усвојување и унапредување на вештините за самостојно живеење. Во рамки на социјалните активности се реализираа голем број активности во соработка со други лица.

Во текот на месец март студенти од Педагошки факултет – Битола од насоката Социјална и рехабилитациска педагогија, во неколку наврати во дневниот центар ја реализираа факултетската пракса со претходно договорени активности. Овој вид на активности се нови и поразлични за корисниците, а истите претставуваат добра можност за остварување нови контакти и градење близина со непознати лица. Воедно, овие активности претставуваат и добра можност за самите студенти да се запознаат со начинот на работа и активностите во дневните центри, карактеристиките и пристапот во работа со лица со интелектуална попреченост. По покана од Општина Прилеп, на ден 21.03. корисниците присуствуваа на организиран музички настан од Општина Прилеп во „Паркот на непобедените – Могила”, по повод денот на пролетта и отворањето на новиот  инклузивен парк. За време на настанот во знак на одбележување на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, корисниците на дел од присутните им подарија  хартиени белезици.

Еднаш неделно се реализираа и активности со наставничката Вера Попоска. Па така, на 28-ми март се реализира рекреативно пешачење до „Паркот кај судот”, а на 4-ти април се реализира рекреативно пешачење и пикник во  „Паркот на непобедените – Могила”. По повод одбележувањето на големиот Христијански празник Велигден, на 25-ти април се реализира работно-окупациона работилница на која се изработуваа декоративни корпи за јајца од украсна хартија, а на 16-ти мај се реализира едукативна работилница на која се повторуваа домашните и дивите животни. Исто така, се реализираа и работилници за разубавување и хортикултурно уредување на дворот во дневниот центар. Корисниците со употреба на различни земјоделски алати ја обработуваа земјата во дворот, а потоа садеа различни дворски цвеќиња во автомобилски гуми.

 Во месец април и мај се реализираа и работилници со ученици од СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп. Па така, по повод празникот Голем Петок, празник посветен на Пресвета Богородица во придружба на учениците се реализира посета на  манастирот св. Архангел Михаил сместен во најстарата прилепска населба Варош. На ден 28.05. во нивна придружба се реализира и активност за безбедно и самостојно преминување пешачки премин и пешачки премин на кружен тек.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА се реализираа според предвидената програма за работа. Покрај нив, се реализираа и низа активности со соработниците на дневниот центар. Екипа на медицинскиот персонал од Здравствениот дом во Радовиш на 15.3.2024 година ги посетија корисниците на дневниот центар и направија целосен систематски преглед со земање на примероци за крвна слика, мерење на крвен притисок, ЕКГ прегледи. Се поделија корисни совети за грижа за сопственото здравје, како и чекори за санирање на евентуални понатамошни здравствени проблеми.

 На 21 март во просториите на дневниот центар се одбележа  денот на лица со Даунов синдром заедно со волонтерите на Црвен крст и ученици со Даунов синдром во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш и ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од  с. Ораовица. Преку различни интерактивни активности од натпреварувачки карактер, корисниците на дневниот центар, учениците и волонтерите на Црвен крст ја пренесоа пораката дека лицата со Даунов синдром треба да се прифатат и поддржат во секојдневниот живот. Истиот ден се сними промотивно видео само со лицата со Даунов синдром и волонтерите на ОО на Црвен крст – Радовиш низ повеќе локации низ градот. Лицата со Даунов синдром се најдоа во улога на продавачи, потоа следеше заедничко дружење во градскиот парк, а во просториите на Црвениот крст ги покажаа своите можности и способности.

  На 30.3.2024 година се одржа премиерна изведба на театарската претстава „Малата сирена“ во СОУ ,,Коста Сусинов“ од Радовиш. Ова е втора претстава на корисниците на дневниот центар пред широката радовишка јавност каде ги покажаа своите можности на сцената и кореографска изведба.

 На почетокот од месец април, „Хортикултура садници“ од Радовиш донираше садници за хортикултурно уредување на надворешниот простор на дневниот центар. Корисниците активно учествуваа во засадување на садниците и наредните денови се грижеа за нив со редовно полевање со вода.

На 12-ти април корисниците на дневниот центар беа во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и присуствуваа на тактичко показна вежба за мобилизација во случај на пожар. Вежбата се реализираше во соработка со противпожарната бригада, полицијата, службата за итна помош од Здравствениот дом во Радовиш, како и со волонтерите при ОО на Црвен крст во Радовиш. На знак на аларм од противпожарно возило кое стаса во училишниот двор, наставниците ги мобилизираа учениците надвор од училишната зграда на безбеден начин, без паника со цел да знаат учениците како треба да се движат за да бидат безбедни. Волонтерите на Црвениот крст  на лице место покажаа како се пружа помош на лица повредени од пожар, а сите присутни имаа можност да поставуваат прашања до службите за се што ги интересира со цел да се заштитат себеси и да спасат нечиј живот.

На 19-ти април членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица беа во посета на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш. Корисниците меѓусебно се запознаа споделувајќи искуства за се што работат и со кои активности се занимаваат во дневниот центар и социјалниот клуб. Исто така, сите заеднички на овој ден имаа можност да го слушнат предавањето од страна на Подрачната единица на Службата за внатрешни работи во Радовиш кои беа исто така гости во дневниот центар. Темите за разговор се однесуваа на сообраќајот, сообраќајните правила и прописи за безбедност во сообраќајот. Понатаму, се говореше за ликот на полицајците во униформа, работните задачи и обврски на полицијата во одржување на јавниот ред и мир, како и помош и ургенции во различни ситуации. Помош и поддршка на оваа средба имаше и од волонтерите на ОО на Црвен крст во Радовиш кои се дружеа со сите корисници и им помогнаа полесно да ја сфатат оваа тема преку игра и взаемна интеракција.

 На 28-ми април корисниците на дневниот центар, заедно со ученици од ООУ „Никола Карев“ и волонтери од Црвениот крст спортуваа во салата на училиштето.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

 Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип во изминатиов период редовно ги спроведува своите програмски активности. Покрај нив, реализираше и низа активности со други организации и поединци на локално ниво. Во текот на месец март, во просториите на дневниот центар се одржуваа подготовки и проби за настан што го организира долгогодишен член на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, а по повод светскиот ден на Даунов синдром. Настанот се одржа на 21 март 2024 година во НУУБ „Гоце Делчев“, при што беше поставена изложба на слики на Дарко Трајков, лице со Даунов синдром, а корисниците на дневниот центар, заедно со останатите учесници, се претставија со својот настап. На 22-ри март, на покана од општина Штип, корисниците на дневниот центар зедоа учество на настан на кој се претставија со точка на тема „Не за дискриминација“. На истиот настан, еден од корисниците учествување во натпревар на изработки од рециклиран материјал, при што му беше доделена награда од страна на Градоначалникот на Општина Штип за освоено второ место.

Како резултат на воспоставената соработка со ОО Црвен крст – Штип во изминатиот период се реализираа неколку заеднички активности. На 9-ти април се спроведе еко акција за расчистување и уредување на дворот во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. На 29-ти април, корисниците заедно со волонтери од Црвениот крст се дружеа во Киноверзум Штип, каде го проследија филмот Арката на Ноа. На 10-ти мај младите волонтери на Црвениот крст го посетија дневниот центар и донираа магнетна табла, тастатура, таблет и два пара слушалки. Средствата беа собрани од претходно организиран хуманитарен турнир во баскет.

По повод патронот на католичката црква во Штип, Свето Благовештение, на 7-ми април, дел од корисниците на дневниот центар го посетија храмот, каде имаа можност да присуствуваат на свечена миса и да поделат нивни рачно изработени сувенири. На покана од организаторот на трката Superior Runs, корисниците зедоа учество како волонтери. Корисниците и нивните родители беа позиционирани на четири различни делови каде поминуваше рутата на трката, при што држеа паноа со мотивирачки пораки, делеа вода, подготвуваа овошни и освежителни напитоци. 

Во изминатиот период се реализираа и неколку активности во рамки на веќе воспоставената соработка со НУ Библиотеката „Гоце Делчев“ – Штип. На 14-ти мај се спроведе инклузивна работилница во чест на светите браќа Кирил и Методиј, на која учествуваа ученици од ООУ „Ванчо Прке“, корисници на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип и ученици од ДСУ за образование и рехабилитација „Искра“. Учесниците се претставија со литературни и ликовни творби инспирирани од ликот и делото на светите браќа, а сите заедно изработија постер со наслов „Азбучно дрво“, симбол на писменоста, но и на еднаквоста, прифаќањето и поддршката.          

На 30-ти мај се реализираше изложба во фоајето на НУЦК „Иљо Антески – Смок“ во Тетово на која се поставија цртежите во арапска техника на Вера Цафовска, корисник на дневниот центар и слики на Дарко Трајков, член на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Активностите во дневните центри на ЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје непречено се реализираа согласно програмата за работа. Како резултат на континуираната соработка со Факултетот за социјална работа и социјална политика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во дневниот центар во населбата Аеродром, два студенти од прва година во периодот од март до средината на мај, секој петок, реализираа социјална пракса. Исто така, во рамките на предметот „Социјална работа со лица со попреченост“ во двата дневни центри, практична настава реализираа студенти од трета година при истиот факултет. Во месец мај, нашите корисници беа посетени и од група студенти од социјална работа и социјална политика од универзитетот во Будимпешта, Унгарија.

Развивајќи ја соработката со образовни институции во општините во кои се наоѓаат дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, во изминатиов период бележиме повеќе активности. Во дневниот центар во населбата Капиштец на 25.03.2024 година се реализираше градинарска работилница. Ученици од ООУ „Киро Глигоров“ заедно со корисниците пресадува закоренети садници со цвеќе и подготвуваа садници со расад од градинарски култури. По повод патрониот празник на ова училиште, на 19.04.2024 година група корисници присуствуваа на одбележувањето на овој настан. На 15.04.2024 година во просториите на СУГС „Лазар Танев“, корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје учествуваа на кулинарска работилница за подготовка на различни видови на колачи. Покрај стекнување на нови вештини корисниците имаа можност да се дружат и да се запознаат со учениците од ова училиште. Неколкумина корисници од дневниот центар во Аеродром на 22.04.2024 година во МКЦ учествуваа на изложба на завршни проекти и макети изработени од ученици од СУГС „Здравко Цветковски“. Изложбата беше дел од манифестацијата „Средно Ленд“. 

Во соработка со Градско Кино „Милениум“ на 13.04.2024 година корисниците и нивните родители ја проследија проекцијата на филмот „Кучиња во опера“.

 Изминатиов период корисниците од двата дневни центри интензивно беа ангажирани во Зелена Арка – „Бостание“. Оваа година се обидоа самостојно да го реализираат процесот на производство на градинарски култури. Од сеење на  расад за различни видови зеленчук до подготовка на почвата за садење, засадување, плевење, полевање. Кон крајот на месец мај и почетокот на јуни, истите имаа можност и да ги консумираат првите производи од градината. Посетите и активностите на „Бостание“ беа забележани и од фотоапаратот на г-ѓа Линда Трајковска, професор по фотографија. Идејата е на крајот да се направи изложба од фотографиите од овие активности под наслов  „Од градина до трпеза“.

 Актерите од аматерскиот театар „Театар Пи“ редовно реализира работилници по глума во просториите на двата дневни центри. Во неколку наврати тие беа потпомогнати и посетени од надворешен соработник од Р. Бугарија кој претстави нови и интересни техники. Во очекување сме на најавената претстава „Ние луѓето“.

Веќе втора година по ред како континуирана активност е и рециклирањето на пластична амбалажа на вендинг машини, па така, и во изминатиов период во истата учествуваа корисниците од двата дневни центри.

 Во месец мај активно се работеше на уредување на надворешниот простор на дневниот центар во населбата Капиштец. Во овој процес активно учествуваа корисниците, дел од родителите и едукаторите.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

 Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица на 21-ви март, по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, реализираше заедничка работилница со корисниците на државниот дневен центар во Струмица и се испратија пораки за поддршка на овие лица во секојдневното живеење.

 Истиот ден, по повод денот на екологијата, корисниците на социјалниот клуб заедно со дел од нивните родители беа дел од активностите организирани од ООУ „Видое Подгорец“ на кои учествуваше и Градоначалникот на Општина Струмица. Сите присутни имаа можност да посадат цвеќиња и да се дружат меѓусебно. На крајот од месец март, заедно со волонтерите од ОО на Црвениот крст во Струмица се реализираше креативна работилница на која се изработија 15 цртежи во акварел техника и истите беа изложени во Europe House – Струмица.

Во текот на месец април, исто така, се реализираа неколку интересни активности. Една од нив беше креативната работилница во организација на етно ресторанот „Кај Виктор“, по повод Светскиот ден на лицата со аутизам. На работилницата, покрај корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица, заедно твореа и волонтери од Црвениот крст во Струмица, членови на здружението на граѓани „Говорот на срцето“ од с.Босилово и Центарот за дневен престој за активно стареење од с.Турново. Уште една креативна работилница беше реализирана во етно ресторанот „Кај Виктор“ на 26-ти април. Овој пат, корисниците заедно со членовите на здружението „Говорот на срцето“ и жените од Центарот за дневен престој за активно стареење од с.Турново вапцаа велигденски јајца и изработуваа велигденски креации и ракотворби. Следниот ден, овие ракотворби како и останати изработки на корисниците на социјалниот клуб беа поставени во центарот Струмица, на предвелигденскиот базар „Лазарова сабота“. Собраните средства ќе се искористат за набавка на материјали за работа на социјалниот клуб. На крајот на месец мај, корисниците на социјалниот клуб го посетија играорното друштво „Фолклорна низа“ и имаа можност да се запознаат со дел од традиционалните македонски ора, но и заедно да запеат и да заиграат со играорците.

 На 20-ти април се одбележа 50 годишниот јубилеј од постоењето на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица. Настанот се организираше во Етно ресторанот „Кај Виктор“, а на него присуствуваа голем број на поранешни и сегашни членови и соработници на организацијата. На настанот се обратија дел од основачите на организацијата кои потсетија на нејзиното отпочнување со работа, како и развојот во првите децении од функционирањето, Претседателката, пак, говореше за долгогодишната работа на социјалната сервисна служба, ја истакна поддршката од РЦПЛИП – ПОРАКА, како и поддршката на Општина Струмица и останатите здруженија на граѓани, приватни фирми и поединци. Настанот беше збогатен со песни и ора на играорките од „Фолклорна низа“ од Струмица.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија во текот на месец март реализираше повеќе креативни и едукативни активности и работилници со корисниците, но и со дел од нивните родителите. Се разговараше за празникот на жената/мајката, неговото значење, а се изработија и честитки по повод 8-ми Март и заедно со саксиско цвеќе беа поделени на мајките. Се спроведоа активности за заедничко декорирање на маса, подготовка за послужување, правење овошна и зеленчукова салата (сечкање самостојно или со помош), послужување и дегустирање. По повод светскиот ден на лицата со Даунов синдром се реализираше креативна работилница од која се испратија и пораки за поголемо вклучување на лицата со Даунов синдром со сите текови на општественото живеење. Корисниците на социјалниот клуб имаа можност за дружење во природа со членови на Здружение на пензионери во Гевгелија и Фондацијата Аполонија во рамки на проектот „Доживување на втора младост во трето доба“.

Дел од практичните активности беа насочени кон одбележување на Велигденските празници. Се разговараше за неговото значење, се изработуваа декорации со мотив за празникот како што се: корпички за јајца од хартија и картон, траки во различни бои и сл. На една креативна работилница учествуваа и членки на Здружението на пензионери во Гевгелија и изработија плетени корпички за јајца, исто така, донираа различен материјал за нашите идни креативни работилници. На една од работилниците се вапцаа јајца и истите беа декорирани и ставани во украсните корпи кои претходно беа изработени.

По повод празникот на трет ден Велигден корисниците на социјалниот клуб присуствуваа на литургија во црквата св. Кирил организирана само за членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија и родители кои сакаа да присуствуваат

 Исто така, корисниците на социјалниот клуб учествуваа на настанот за засадување на цвеќе, а потоа и на свечено отворање на новиот инклузивен парк во Гевгелија „Ице Бегов“. На покана на ЗГ „Поддршка“ дел од членовите беа присутни на улична драма за превенција од дискриминација, родово базирано насилство и семејно насилство во рамки на проектот „Сите сме еднакви“. Кон крајот на месец мај се реализираа и активности за одбележување на денот на сесловенските просветители.  На покана на Фондација Аполонија присуствуваме на Комунити Караван на плоштадот во Гевгелија, настан организиран во рамки на проектот „Здружи се за заедницата“. Во текот на сите работилници се спроведуваа и заеднички друштвени игри, како што се играње пикадо, куглање во импровизирани услови, редење сложувалки самостојно или со помош, играње карти.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци

 Предвидените активности редовно се реализираа во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци. Во текот на месец март дел од активностите беа посветени на одбележувањето на меѓународниот ден на жената преку изработки на честитки и разговори за значењето на овој ден. Исто така, се одбележаа и денот на планетата земја и денот на екологијата, при што корисниците на социјалниот клуб засадија зимзелени дрва во дворот, а потоа и редовно ги одржуваат со полевање. Се реализираа и две работилници со волонтери од ОО Црвен крст – Кавадарци, на кои се креираа рачни изработки, но и се вежбаа практични активности, т.е. подготовка на палачинки.

Соработката со Црвениот крст продолжи и во април месец. Заеднички се реализираа неколку активности. Првата од нив беше ликовна работилница на која корисниците твореа на слободни теми. Потоа се реализираше музичка работилница, на која корисниците на социјалниот клуб имаа можност да се запознаат со неколку музички инструменти и да заиграат народни ора. Во текот на април, исто така, се реализираа и работилници на кои се говореше за Велигденските празници и се украсува велигденски јајца, се играа и друштвени и забавни игри, и се наводнуваа цвеќињата и дрвјата во дворот. Грижата за дрвјата и цвеќињата, како и хигиената во дворот продолжи и во месец мај. Корисниците редовно го чистеа дворот и ги наводнуваа цвеќињата и дрвјата.

Се реализираа и практични активности за одржување на личната хигиена и самопослужување. Исто така, се реализираа и креативни работилници на кои се правеа изработки од глинамол и пластелин.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница во текот на март месец реализирааше неколку посети на кои корисниците имаа можност да се запознаат со работата на градската библиотека „Ванчо Прќе“, домот на културата „Тошо Арсов“ и музејот Теракота во Виница. Се реализираа низа активности на тема пролет, при што се разговараше за карактеристиките на ова годишно време, но и се изработуваа цртежи од различни материјали на оваа тема. Исто така се реализираа и практични активности за одржување на хигиената во социјалниот клуб и личната хигиена.

Во текот на април дел од активностите беа посветени на одбележувањето на велигденските празници, т.е. се изработуваа рачни изработки со велигденски мотиви. Потоа се реализираа и активности за одбележување на денот на планетата земја, а се продолжи и со практичните активности за одржување на хигиената во просторот и личната хигиена.

 Во текот на месец мај се продолжи со активности за одбележување на велигденските празници. Се украсуваа велигденски јајца, а потоа изработените украси се подаруваа на граѓаните од Виница кои го посетија социјалниот клуб.

Дел од нив донираа симболични средства кои ќе се искористат за набавка на материјали за работа во социјалниот клуб. Се реализираа и активности за одбележување на светскиот ден на пчелите, 20-ти мај, т.е., од пластични лажици се изработуваа пчели и се разговараше за нивното значење во природата, но и за здравјето на луѓето. Исто така, се одбележа и денот на сесловенските просветители, а продолжија и активностите за одржување на хигиената во просторот и личната хигиена.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола, во текот на месец март, покрај редовните активности, реализираше и неколку креативни работилници. Една од нив беше и работилницата со постојаните соработници од ООУ „Тодор Ангелевски“. Учениците и корисниците заедно креираа дрво на соработка, кое ќе се надоградува со секоја нова заедничка активност.

 Во текот на месец април дел од активностите беа наменети за изработка на ракотворби со велигденски мотиви. Корисниците од различни материјали изработуваа корпи, зајчиња и честитки кои беа презентирани на Велигденски базар.

 Базарот се одржа на 27-ми април на Широк Сокак во Битола. На настанот присуствуваше и Градоначалникот на Општина Битола, кој се вклучи  во дел од активностите, изразувајќи ја својата поддршка за поголема инклузија на лицата со интелектуална попреченост во општеството. Поддршка дадоа и учениците од ООУ „Тодор Ангелевски“, други соработници, граѓани на Битола, како и студентите од Педагошкиот факултет во Битола.

 На почетокот на месец мај, корисниците го посетија Домот за стари лица „Сју Рајдер“ и на заедничката работилница, покрај дружбата бојадисуваа и велигденски јајца. На покана на НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола, корисниците на социјалниот клуб беа дел од проектот „Креативни и забавни работилници за поттикнување на читањето кај лица со попреченост – добри практики“, поддржан од Министерството за култура, во кој се предвидени неколку работилници на различни теми.

Соработката со Педагошкиот факултет – Битола продолжи да се реализира и во изминатиот период. Па така, во текот на април и мај месец, осум студенти поделени во три групи од студиската програма Социјална и рехабилитациска педагогија, практичната настава ја реализираа во социјалниот клуб.

Scroll to Top
Skip to content