Една од целите на проектот „Дневен центар за лица со интелектуална попреченост” на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, поддржан од Институтот за човекови права „Лудвиг Болцман”, е подигнување на јавната свест во однос на правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост. За исполнување на оваа цел, меѓу останатите активности предвидено е и одржување на тематски часови „Што е интелектуална попреченост?” кои се спроведуваат во основните и средното училиште во Општина Радовиш.
На 28.05.2012 година, во просториите на СОУ „Коста Сусинов” се одржа тематски час со ученици од прва година. Целта на овој тематски час беше да се запознаат учениците со лицата со интелектуална попреченост, нивните потреби и можности, да се објасни разликата меѓу интелектуална попреченост и ментална болест во насока да се намалат стереотипите и предра-судите за лицата со интелектуална попреченост. Многу од информациите што им беа презентирани на учениците веќе им беа познати бидејќи во овој клас има вклучено дете со интелектуална попреченост. Самите ученици го кажуваа нивното искуство со прифаќање на оваа ученичка во класот и на кој начин тие и помагаат во совладување и извршување на секојдневната наставна програма и нејзиното прифаќање во училишната средина.
На 30.05.2012 година се одржа тематски час во просториите на ОУ „Никола Карев” со ученици од петтите одделенија. Заинтересираноста на учениците и наставниот кадар за ваков вид на предавања беше голема и ја покажаа со поставување на голем број прашања во врска со карактеристиките на лицата со попреченост, како да ги препознаат и како да им помогнат. Најголем акцент се стави на образованието на децата со интелектуална попреченост, како и за работата со возрасните лица кои се опфатени во дневниот центар -ПОРАКА- како сервисна служба и нивната обука за самостојно живеење.