Основниот граѓански суд во Скопје утврди дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата.
Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:
- пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;
- пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;
- пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.
Дополнително, Основниот граѓански суд во Скопје ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.
Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тужби за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis)
Тужбите за заштита од дискриминација од јавен интерес се новина во Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД), предвидени во членот 35. Имено, здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Oд доставените податоци со тужбата, Основниот граѓански суд Скопје утврди дека Хелсиншкиот комитет е активно легитимиран да поведе постапка за спречување и заштита од дискриминација, согласно неговиот мандат.
Дискриминација на лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и повреда на начелото на соодветно приспособување
Дел од повредите наведени во тужбата, констатирани по спроведени истражувања и проверки во избирачките места, укажуваат на тоа дека дел од избирачките места немаат достапен паркинг простор, само мал дел од оние избирачки места со расположлив паркинг имаат ознака за лица со попреченост, незначителен број објекти имаат универзален знак за пристапност и пристапна рампа, во поголемиот дел од избирачките места нема скали за да се стигне до просторијата за гласање и најголемиот дел од објектите немаат лифт; лицата со попреченост немаат пристап до информациите за политичките дебати, кампањи и настани, Упатството за примена на член 112-а (Гласање на избирач – лице со посебни потреби) од Изборниот законик не ги содржи принципите на соодветно приспособување и универзален дизајн, Државната изборна комисија дава медицински модел на дефинирање на лицата кои ги третира како болни и изнемоштени и во оваа категоризација ги вметнува и лицата со сензорна попреченост; ограничување на лицата со интелектуална и психосоцијална попреченост да го остварат своето право на глас, како активното така и пасивното, недостапност на изборни материјали и информации во пристапен формат за сите лица со попреченост; нередовни обуки за јавните и приватните чинители за недискриминација и за соодветно приспособување, засновани на принципот на унапредување на човековите права наспроти традиционалниот медицински пристап.
Основниот граѓански суд во Скопје утврди дека Владата и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост, односно, дека ги повредиле принципите на соодветно приспособување и пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите.
Судот утврди и дека лицата со попреченост не треба да се поистоветуваат со болни и немоќни лица, кои поради нарушена здравствена состојба не се во можност физички да пристапат до избирачкото место, па оттаму, може да гласаат во домашни услови. Според тоа, Судот оцени дека Владата и Државната изборна комисија согласно постоечкиот Изборен законик, треба да им овозможат на лицата со попреченост еднаков и соодветно приспособен пристап до избирачкото место, за да го остварат своето право на глас.
Товар на докажување
Основниот граѓански суд во Скопје со пресудата јасно утврди дека тужените, на чија страна е товарот на докажување согласно ЗСЗД, во оваа постапка не предложиле и не доставиле соодветни докази од кои би се утврдило дека во периодот по 2019 година (откако се изготвени извештаите на здруженијата и откако се дадени соодветни препораки) во сите избирачки места во државата во целост е овозможен пристап на лицата со попреченост до и во избирачките места и дека е извршено соодветно приспособување со цел непречено остварување на нивното право на глас.
Притоа, Судот наведува дека во едно демократско општество неопходно е да се заштити правото на глас на лицата со попреченост, да се овозможи уживање и остварување на ова право и дека потребните приспособувања на избирачките места со обезбедување пристап до и во објектите за гласање согласно потребите на лицата со попреченост, не претставува несразмерно или непотребно оптоварување. Овој аргумент е поткрепен од извршени анализи и проверки на избирачките места што покажуваат дека станува збор само за определен број избирачки места во кои досега сето ова не е овозможено за лицата со попреченост.
Други учесници во постапката
Согласно ЗСЗД, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација може да се јави како замешувач во судски постапки за заштита од дискриминација или пак, на барање на странката или по сопствена иницијатива да поднесе барање судот да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae). Имајќи ги предвид овие надлежности на Комисијата, веднаш по нејзиното формирање, се обративме со барање за вклучување во постапката по тужбата од јавен интерес. Во април 2021 година, Комисијата за првпат ја искористи својата законска надлежност и побара Основниот граѓански суд Скопје да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (amicus curiae) во оваа судска постапка за заштита од дискриминација. Amicus curiae или пријател на судот е професионално лице, организација или тело кое не е странка во судска постапка, но со својата експертиза, искуство и информации во одредена област може да го советува судот за одредена правна материја, која е предмет на судска постапка.
Комисијата, како професионално тело за еднаквост, даде толкување на членовите од Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации кои се однесуваат на соодветното приспособување, општата пристапност, еднаквост и недискриминација vis a vis пристапот до гласачките места и овозможување лицата со попреченост да го остварат правото на глас на еднаква основа со другите, како дел од учеството во политичкиот и јавниот живот. Дополнително, Комисијата во својот поднесок направи и краток преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во предмети во кои судот утврдил дискриминација врз основа на попреченост, заради необезбедно соодветно приспособување.
Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје, застапувана од адвокат Наташа Бошкова побара да се вклучи како замешувач во оваа постапка. Имено, Коалицијата МАРГИНИ е членка на Мрежата за заштита од дискриминација, и ја координира и застапува за измени со цел унапредување на анти-дискриминациското законодавство во државата, овозможува правна помош и стратешко застапување пред судови во случаи на дискриминација, вклучително и за заштита на правото на еднаквост на лицата со попреченост. Основниот граѓански суд во Скопје, имајќи го предвид мандатот и правниот интерес на здружението, го усвои барањето и го прифати вмешувањето на Коалицијата МАРГИНИ на страна на тужителот.
Измени на правните прописи
Основниот граѓански суд во Скопје го одби нашето барање да ги задолжи тужените да направат измени на правните прописи, со образложение дека донесување или изменување на законските и подзаконските акти подлежат на посебни постапки во рамки на извршната и законодавната власт и како такви, не може да бидат предмет на одлука на суд во парнична постапка.
Но, Судот укажува дека Владата и Државната изборна комисија се надлежни на лицата со лицата со попреченост да им овозможат еднаков пристап до остварување на правото на глас на иста основа со останатите граѓани и граѓанки преку системски пристап на предлагање за донесување на нови и измени на постоечки закони, преку обезбедување доволно средства за спроведување на законите и со воведување систем за собирање податоци по категории меѓу надлежните органи, доследно почитувајќи ги позитивните обврски кои за државата произлегуваат од сите меѓународни и домашни правни акти.