На 10 ноември 2011 во Хаг, во ресторанот на големиот ланец супермаркети Sligro, во организација на Амбасадата и со поддршка на г-ѓа Патрициа Холамби, се одржа добротворен ручек со цел промоција на Македонија и собирање на средства наменети за Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
На ручекот присуствуваа околу 90 гости, меѓу кои и претставници на дипломатскиот кор, членови на Ротари Клубот, Меѓународниот клуб на жени и Шпанскиот Клуб, како и други истакнати личности од општествениот живот во Холандија.
Реализацијата на настанот беше овозможена и поддржана и со донациите на вина од македонските винарии Бовин, Попова кула и Тиквеш, на ајвар од македонскиот производител Mama’s food, како и со помошта од страна на холандскиот увозник на македонски вина Balkan Wines. Амбасадата особено е благодарна и кон туристичкиот оператор Корендон, македонската Галерија Оливер и уметникот Владимир Георгиевски, кои со своите донации на туристичко патување во Македонија, односно на уметнички слики, овозможија организирање на аукција за време на ручекот.
Непроценлив беше и придонесот на младите музички уметници кои живеат во Холандија – Цветанка Созовска и Елена Наковска, кои без надомест настапија на ручекот и го збогатија со прекрасните звуци на македонската музика.
За одличниот вкус на храната која се послужуваше исто така без надомест се погрижија холандскиот готвач Марко Карелсе (ресторан Villa la Ruche во Voorburg) и сопственикот на македонскиот ресторан во Хронинген Balkan Restaurant, Боби Милевски.
Освен за собирање на средства наменети за хуманитарни цели, овој настан послужи и како одлична промоција на храната, виното и дел од богатата култура кои Македонија има да ги понуди. За настанот беа објавени написи во холандскиот весник Algemeen Dagblad, како и во македонските дневни весници Вест и Утрински весник.