Во рамките на својата програма за одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА ја промовираше Кампањата за превенција од малтре-тирање на деца и лица со интелектуална попреченост под мотото “Животот како безбедна авантура”. Промоцијата се одржа на 2-ри декември 2009 (среда), со почеток во 10:30 часот, во сала 1 во Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз” во Скопје.
На промоцијата на кампањата присуствуваа 140 учесници – претставници од локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА, лица со интелектуална попреченост и нивните родители, претставници од ресорните министерства, институции и граѓански организации. Исто така, присутни беа пратеници – членови на Интерпартиската парламентарна лоби група за правата на лицата со попреченост од Собранието на Република Македонија, како и локални власти.
Модератор на промоцијата беше Петрит Сарачини, програмски менаџер во Македонскиот институт за медиуми.
Воведно обраќање на промоцијата имаше Претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски, кој се осврна на значењето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Претседателот посочи на важноста на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и упати апел за што побрзо ратификување и имплементирање на Конвенцијата.
Министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, во своето обраќање истакна дека целта на кампањата, која РЦПЛИП – ПОРАКА ја реализира со поддршка од Министерството, е да се подигне свеста за важноста на прашањата произлезени од семејното насилство врз децата и лицата со попреченост и да се зајакнат организациите на лицата со попреченост да дадат свој придонес во заедничката борба против насилството и злоупотребата.
Презентацијата на д-р Василка Димоска, Програмски менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА, може да ја преземете тука (.PDF 92KB).
Јасминка Фришчиќ, Извршен директор во Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, ги пренесе искуствата од повеќегодишната работа на ЕСЕ на полето на семејсно насилство врз жените во Република Македонија и ја истакна неповолната состојба на жените со попреченост кои секојдневно трпат повеќекратна дискриминација и се соочуваат со насилство, злоупотреба и малтретирање.
Во рамките на промоцијата, а по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА додели плакети на:
- Град Скопје, како израз на признание за поддршката во обезбедувањето на континуитет на работата на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје во 2009 година,
- Општина Куманово, како израз на признание за поддршката во обезбедувањето на континуитет на работата на Дневниот центар – ПОРАКА Куманово во 2009 година,
- Општина Охрид, како израз на признание за поддршката во обезбедувањето на континуитет на работата на Дневниот центар – ПОРАКА Охрид во 2009 година,
- Чедомир Трајковски, како израз на признание за придонесот во остварување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во 2009 година.
Благодарница беше доделена на Министерство за труд и социјална политика, како израз на признание за поддршката во обезбедувањето на континуитет на работата на три дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во 2009 година.
Во рамките на промоцијата на кампањата, во холот на Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз” беше поставена изложба на цртежи и ракотворби на лица со интелектуална попреченост.