Лицата со попреченост се ослободени од партиципација за студирање Владата на Република Северна Македонија на своја седница донесе нова Уредба за правото на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање

Во координација со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба за правата на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање.

Со оваа Уредба Владата овозможи сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи, да бидат ослободени од партиципација.

Оваа Уредба им овозможува на лицата со попреченост да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани да бидат вклучени во високообразовните процеси, а за образовните институции е поттик да ги прилагодат условите и програмите за образование за овие наши сограѓани. На тој начин лицата со попреченост развиваат компетенции согласно сопствените преференци и стануваат конкурентни на пазарот на трудот.

Со оваа Уредба освен сите лица со попреченост, од партиципација за студирање се ослободуваат и лицата со статус на деца без родители и родителска грижа, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди.

За остварување на ова право, подносителот доставува барање со наод и мислење од Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен Дом-Скопје по основите на Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ), како нов модел произлезен од реформата што ја спроведе Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, со која се исклучува досегашниот медицински модел на категоризирање наспроти проценка на функционалните можности и капацитети на лицата со попреченост.

Согласно член 24 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост сите лица со попреченост имаат право на образование без исклучување и дискриминација со цел за максимален развој на човековиот потенцијал.

До донесувањето на оваа Уредба, право на ослободување на партиципација имаа само некои категории на лица со попреченост, што практично ги ставаше останатите во подредена позиција.

Уредбата е излезена во Службен весник на РСМ, бр. 61 од 15.3.2022 година.

Во продолжение е целосниот текст на Уредбата за правото на лицата со инвалидност и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање.

 ______________________________________________________________

Врз основа на член 43 став (2) точка 10 од Законот за високото образование* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.178/21), Владата на Република Северна Македонија, на седница одржана на 8 март 2022 година, донесе

УРЕДБА ЗА ПРАВОТО НА ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДНОСТ И ДРУГИ ЛИЦА ДА БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА СТУДИРАЊЕ

Член 1

                Со оваа уредба се уредува правото на лицата со инвалидност и на другите лица да бидат ослободени од партиципација за студирање.

Член 2

                Лице со инвалидност, во смисла на оваа уредба, е лице кое има долготрајни телесни, интелектуални, ментални или сетилни нарушувања кои во интеракција со различни пречки може да го спречат неговото целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите.

Од страна на подносителот на барањето за ослободување од партиципација за студирање од ставот 1 на овој член, се доставува наод и мислење на Службата за функционална проценка при Јавната здравствена установа – Здравствен дом Скопје, согласно членот 295 од Законот за социјалната заштита, односно наод и мислење од стручен орган за видот и степенот на попреченост и посебните потреби на лицето со попреченост.

Член 3

                Лицата со инвалидност запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, се ослободени од партиципација за студирање.

Член 4

                Други лица кои се ослободени од партиципација за студирање, во смисла на оваа уредба, се лица запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, и тоа:

–     лице кое до 18-годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, односно и по престанок на старателството, а најмногу до 26-годишна возраст, доколку е невработено,

–     родител на дете, но најдоцна до шест годишна возраст на детето, доколку е невработен и

–     воени инвалиди.

Од страна на подносителот на барањето за ослободување од партиципација од став 1 алинеја 1 на овој член, се доставува потврда од надлежниот центар за социјална работа дека имал статус на дете без родители и родителска грижа.

Од страна на подносителот на барањето за ослободување од партиципација од став 1 алинеја 2 на овој член, се доставува извод од Матичната книга на родените за детето и потврда за евидентирано невработено лице.

Од страна на подносителот на барањето за ослободување од партиципација од став 1 алинеја 3 на овој член, се доставува решение донесено од страна на Министерството за труд и социјална политика – Управата за прашања на борците и воените инвалиди.

Член 5

Правото на ослободување од партиципација за студирање се однесува на лицата опфатени со оваа уредба, без оглед дали имаат статус на редовен или вонреден студент.

Член 6

Правото на ослободување од партиципацијата за студирање престанува со престанување на статусот студент на лицето кое го остварило ова право.

Член 7

Оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Scroll to Top
Skip to content