Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Одржана работилница за SWOT анализа и тековното оперативно работење на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА

РЦПЛИП – ПОРАКА години наназад организира и одржува работилници на кои се разгледуваат и дискутираат изготвените SWOT анализи на локалните организации. SWOT анализата е структуриран метод за планирање на идните стратегии на организацијата, а воедно е мошне корисна и за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од опкружувањето во кое таа организација делува. Оваа алатка, доколку реално и објективно се изготви, ќе користи за изнаоѓање на начини и модуси за подобрување и надминување на слабите страни на организацијата со цел уште поефективно да делува во својата област. Исто така, претставува солидна основа за подготвување на реални и ефективни акциони планови на организацијата, како и на повеќегодишни стратешки планови.

Оваа година, РЦПЛИП – ПОРАКА одржа работилница за разгледување на SWOT анализите и тековното оперативно работење на локалните организации, во периодот 8 – 10 ноември 2024 година во хотел Романтик, Велес на која учествуваа по двајца претставници од локалните организации. Работилницата за SWOT анализи и оперативно работење имаше за цел консолидирање и унапредување на активностите и делувањето на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА.

Првиот дел од работилницата беше целосно посветен на разгледување на SWOT анализите од локалните организации. Секој од учесниците имаше можност да ја презентира изготвената SWOT анализа и да ги прикаже реалните состојби во организацијата и во општината со кои таа се соочува, но истовремено и тешкотиите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во нивното опкружување. Понатаму, учесниците ги презентираа и активностите кои во моментот се актуелни во нивните организации, како и активностите кои планираат да ги преземат во наредниот период, а водат кон унапредување на квалитетот на живеење за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење. Она што како сублимат произлезе од анализата на работењето на секоја организација беше дека треба да се размислува за заземање на поинаков пристап во осмислувањето и реализирањето на активностите. Потребно е да се изнаоѓаат нови видови на активности со цел да се унапреди соработката како со локалните власти, така и со останатите чинители во општината.

Во текот на последниот ден учесниците работеа во групи, при што разговараа за приоритети во однос на унапредувањето на работата во сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА во период од една и од три години. Иста така, се презентираше Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030 која Владата на Република Северна Македонија ја усвои на своја седница на 26 декември 2023 година. Стратегијата поставува амбициозни одредници за унапредување на правата на лицата со попреченост, засновани на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, Унија за еднаквост – Стратегија за правата на лицата со попреченост 2021 – 2030 на Европската Унија, како и Агендата 203 и целите за одржлив развој. Стратегијата се темели на принципот на човекови права и основниот принцип Никој да не биде изоставен од Агендата 2030. Целта на Стратегијата е унапредување, заштита и целосно уживање на сите човекови права и слободи на лицата со попреченост, на еднаква основа со другите граѓани.

Scroll to Top
Skip to content