Во септември 2015 година Асоцијацијата за промовирање на инклузија во Србија започна со реализација на проектот „Кон Европски вредности – лицата со попреченост како рамноправни граѓани“ во партнерство со организации од 7 земји: Србија (Центар за ориентација на општеството – COD, Здружение „На пола пат“ од Панчево, Училиште со дом за ученици со оштетен слух „11 Мај“ од Јагодина, Здружение за интелектуална попреченост од Ниш, Инклузивен центар од Нови сад, Италија (Instituto Regionale Rittmeyer Per I Ciechi Di Triesete), Словенија (Завод за глуви и наглуви од Љубљана, Хрватска (Основно училиште „Јосип Матош“ од Вуковар), Црна Гора (Асоцијација на родители со деца со попреченост „Зрак на надеж“ од Пљевље), Македонија (Републички центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА од Скопје) и Босна и Херцеговина (Институт за образование на возрасни „Социјално-едукативен центар“ од Бања Лука).
Целта на проектот е да се придонесе за целосна интеграција и граѓанско учество на лицата со попреченост, во согласност со европските вредности и начела.
Специфичната цел е да се развие модел за сеопфатно зајакнување на лицата со попреченост, со особен фокус на лицата со интелектуална попреченост, за да можат да преземат активна улога во создавањето на инклузивно демократско општество и да влијаат на процесот на креирање на политики и донесување одлуки на национално и на европски ниво.
Проектот ќе користи искуства и знаења од областа на инклузијата и граѓанското зајакнување на лицата со попреченост ширум земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство, со цел јакнење на демократското учество на сите граѓани вклучително и оние кои се на маргините на општеството. Поточно, проектот е фокусиран на организирање на едукативни работилници, дебати и дијалог за и меѓу лицата со попреченост во седум земји (Србија, Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина), вклучувајќи обезбедувачи на сервисни служби и самозастапници т.е. лица со попреченост, во врска со прашања околу самозастапување, волонтирање, интеграција во вработувањето и социјалното претприемништво.
Сите тематски области ќе бидат разработувани низ размена на примери на добра практика од сите земји учеснички, истражувајќи ги потребните предуслови и можни патишта за да се користат добрите практики од сите партнерски земји. Силната транснационална компонента на проектот ќе се рефлектира во еднаквата застапеност на обезбедувачите на сервисни служби и лицата со попреченост во сите проектни активности од сите земји членки.
Проектот трае една година, а го финансира ЕУ преку програмата Европа за граѓаните и граѓанките.
За повеќе информации, Ве молиме посетете ги официјалната веб страна на Асоцијацијата за промовирање на инклузија – Србија и Facebook страна на проектот.