Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во периодот од март 2010 до март 2011 година во Општина Радовиш ја спроведуваше програмата “Градот и попреченоста – креирање на локални акциони планови за попреченост”. Имплементацијата започна со подготвителни актив-ности, состанок со Градоначалникот на Општина Радовиш, креирање на работната група за креирање на локалниот акционен план и потпишување на меморандум за соработка при реализацијата на целата програма со општината и со локалните институции и организации на лица со попреченост вклучени во овој процес.
Понатамошната фаза опфати обука на работната група во однос на изготвување на Локален акционен план за попреченост. Преку обуката, членовите на работната група стекнаа знаење од различни области поврзани со правата на лицата со попреченост. Во рамките на четвртата фаза од оваа програма, се спроведоа работилници во кои членовите на работната група директно работеа на креирањето на Локалниот акционен план. Во текот на разработката, членовите на работната група поставуваа цели и приоритети кои се реални и изводливи, а истовремено се во согласност во ресурсите на локалната заедница. За секој од приорите-тите се дефинираа цели и задачи, одговорни институции за спроведување на истите, временска рамка и извори на финансирање. Вака изготвениот документ се презентираше пред јавноста во Општина Радовиш преку јавна дебата. Учесниците на оваа јавна дебата (советници во Општина Радовиш, претставници на локалните институции и организации и останати чинители) можеа да дадат позитивен фидбек и конструктивни забелешки во однос на презентираниот стратешки документ. Во текот на завршната фаза од програмата, се доработи нацрт-текстот на Локалниот акционен план за попреченост во Општина Радовиш земајќи ги предвид забелешките од јавната дебата.
На седницата на Советот на Општина Радовиш одржана на 25.03.2011 година, советниците едногласно го усвоија Локалниот акционен план за унапредување на положбата на лицата со попреченост во Општина Радовиш 2011 – 2013 година. На 20.06.2011 година, РЦПЛИП – ПОРАКА и Општина Радовиш одржаа промоција на Локалниот акционен план во Радовиш.