Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во 2014 година продолжува со реализација на активностите кои произлегуваат од поставените цели и принципи на делување.
Една од основните активности на РЦПЛИП – ПОРАКА е одржување, развивање и унапредување на работата во дневните центри. РЦПЛИП – ПОРАКА во 2014 година ќе продолжи да лобира за воведување на регулаторни механизми кои ќе обезбедат еднаков пристап на граѓанскиот сектор во областа на пружање на услуги од социјална заштита, преку лиценцирање и склучување на договор за партнерски односи и финансирање на активностите во дневните центри. Во текот на 2014 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе се фокусира на реализација на иницијативата за отворање нов дневен центар за лица со интелектуална попреченост во Скопје, во договор и соработка со Министерството за труд и социјална политика и Град Скопје. Истовремено ќе продолжи со иницирање на локалната самоуправа, со цел активно да учествува во процесот на одржливост и отворање на нови сервисни служби, согласно Законот за локална самоуправа. Во 2014 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со активностите за промовирање на нови сервисни служби за поддршка на лицата со интелектуална попреченост, со фокус на потребата од сервисна служба за рана интервенција.
Унапредувањето на законските можности во однос на правата на лицата со интелектуална попреченост е редовна активност на РЦПЛИП – ПОРАКА. И оваа година особено внимание ќе се посвети на процесот на имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, како исклучително значаен документ кој има правно-обврзувачки карактер за државите кои ќе го ратификуваат. Притоа, како инструмент ќе се користи Извештајот за правата на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија, кој РЦПЛИП – ПОРАКА го подготви минатата година.
Во текот на 2014 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со спроведување на активности за подигнување на јавната свест во однос на потребите и правата на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Дел од активностите кои ќе бидат спроведувани во текот на 2014 година се продолжение на кампањите од минатите години, вклучувајќи ги активностите за заштита од дискриминација на лица со интелектуална попреченост.
Во текот на 2014 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со активности во однос на локалните акциони планови за унапредување на положбата на лицата со попреченост. Притоа, можностите за проширување, односно започнување на активности за креирање на локални акциони планови и во други општини во Република Македонија, во најголема мера ќе зависат од интересот на локалните самоуправи.
Во 2014 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со активностите за координација, стручно-методолошката поддршка и зајакнување на капацитетот на локалните организации. Исто така, ќе продолжи со реализација на спортско-рекреативните активности за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА, како и со соработката што ја има воспоставено на меѓународно ниво и ќе земе учество во реализацијата на заеднички иницијативи, активности и проекти кои ќе произлезат од членувањето во асоцијациите. Уште една континуирана активност која ќе се спроведува во 2014 година е издавачката и информативната дејност.
Програмата за работа на РЦПЛИП – ПОРАКА за 2014 година е отворена и може да се надополнува во текот на нејзината реализација.