РЦПЛИП – ПОРАКА во 2023 година ќе продолжи со реализација на активностите кои произлегуваат од поставените цели и принципи на делување. Програмските активности на РЦПЛИП – ПОРАКА се базираат и се во насока на процесот на имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како исклучително значаен документ кој има правно-обврзувачки карактер за државите кои го имаат ратификувано. Референтен документ кој РЦПЛИП – ПОРАКА ќе го користи во своето делување ќе бидат Заклучните согледувања за имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, кој Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост го упати кон Република Северна Македонија за време на септемвриската сесија на Комитетот во 2018 година. РЦПЛИП – ПОРАКА имаше и ќе има значајна улога во сите процеси кои се однесуваат на Конвенцијата.
Една од основните активности на РЦПЛИП – ПОРАКА е одржување, развивање и унапредување на работата во социјалните сервисни служби во местото на живеење. Активностите во оваа област се насочени во два правци: кон одржување на континуитет во работата на оформените социјални сервисни служби (дневни центри и социјални клубови) за лица со интелектуална попреченост и кон создавање на услови за промовирање на други видови на сервисни служби. Во текот на 2023 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи со иницирање на локалните самоуправи, со цел активно да учествуваат во процесот на одржливоста и отворањето на нови сервисни служби во своите општини, согласно Законот за локална самоуправа. Воедно, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи и со иницијативата за оформување на систем од сервисни служби за интервенција во раното детство.
Унапредувањето на законските можности за остварување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост е редовна и континуирана активност на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во 2023 година особено внимание ќе се посвети на процесот на имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како исклучително значаен документ кој има правно-обврзувачки карактер за државите кои го ратификувале. Истовремено, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи да го користи извештајот за напредокот во имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост „10 години потоа“ како инструмент за лобирање пред институциите кои се одговорни за остварување и унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост.
Во текот на 2023 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи да имплементира активности поврзани со подигнување на јавната свест во однос на потребите и правата на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Овие активности претставуваат програмско продолжение на досегашните кампањи на РЦПЛИП – ПОРАКА, а ќе бидат насочени кон истакнување на потребата од ефективно имплементирање на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, и промовирање на правото на достоинствен живот во заедницата за лицата со интелектуална попреченост преку соодветни сервисни служби.
Заради поефективно остварување на програмските задачи на локалните организации, дел од редовните активности на РЦПЛИП – ПОРАКА се и координација и стручно-методолошка поддршка на локалните организации. Во 2023 година, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи и со соработката воспоставена на меѓународно ниво со ЕАСПД и други асоцијации и ќе учествува во заеднички иницијативи, активности и проекти кои произлегуваат од членството во овие организации. РЦПЛИП – ПОРАКА, исто така, ќе продолжи со спроведувањето на активностите во рамките на партнерските проекти кои се реализираат на европско ниво. Исто така, издавачката и информативната дејност, која е редовна активност на РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи да се спроведува во 2023 година.
Програмата за работа на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА за 2023 година е отворена и може да се надополнува во текот на нејзината имплементација.